Европа
Нехамер не е оптимист дека на повидок е дипломатско решение за војната во Украина

Австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека по средбата со Владимир Путин, не е оптимист оти на повидок е дипломатско решение за војната во Украина бидејќи, како што наведе, рускиот претседател е заробен од сопствената логика за природата.
Нехамер, канцелар од редовите на Австриската народна партија, вчера се сретнал со Путин во Ново-Огарјово и нивниот разговор траел 75 минути. Тој е првиот лидер од Европската Унија што се сретна со рускиот претседател лице в лице од почетокот на инвазијата на Украина.
Нехамер нагласи дека за време на разговорот со Путин, кој го оцени како директен, отворен и тежок, на рускиот претседател му рекол оти ЕУ ќе ги зајакне санкциите сѐ додека има нови жртви во војната, а се осврна и на неговите впечатоци од Буча.
Путин ги отфрли наводите за Буча тврдејќи дека нападите биле под лажно знаме во режија на украинската страна. „Путин во голема мера достигна ментална структура, чија логика ја одредува војната и тој постапува соодветно“, изјави Нехамер за австриските медиуми. Сепак, како што додаде, рускиот претседател сѐ уште одбива да го користи зборот војна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Во Велика Британија уапсени седум војници поради дрога и перење пари

Шест војници и еден ветеран во Велика Британија се уапсени под сомнение за дрога, позајмување пари и перење пари.
Министерството соопшти дека шест војници на ирската гарда и еден ветеран биле уапсени од припадници на кралската воена полиција како дел од планирана операција, пренесе Би-би-си.
Првиот баталјон на ирската гарда треба да учествува на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета на 2 јуни.
Министерството за одбрана соопшти дека ниту еден војник што е под истрага нема да може да учествува на церемонијата.
Ирската гарда е основана од кралицата Викторија во 1900 година, а гардата била распоредена во Ирак и Авганистан. Полкот, чиј дел е принцот Вилијам, има задача, меѓу другото, да ги чува кралските палати, каде што може да се забележат нивните војници облечени во препознатлива црвена униформа и капа од кожа од мечка.
„Во рамките на планираната операција кралската полиција уапси шест војници од ирската гарда и еден ветеран од Велика Британија под сомнение дека набавувале дрога, позајмувале пари и переле пари. Армијата не толерира никакво незаконско однесување. Сега ова е во рацете на независна истрага. Не е соодветно за Кралската воена полиција дополнително да коментира“, соопшти британското Министерство за одбрана.
Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.