Свет
Не сме биле поблиску до војна од распадот на СФРЈ – ЕУ го чека следниот потег на Путин
„Европа не била поблиску до војна од распадот на Југославија“, мрачно коментира за Би-би-си неименуван висок дипломат на ЕУ мислејќи на растечките тензии на истокот на континентот и акумулацијата на руски војници на границата со Украина.
Атмосферата во Брисел е многу напната и постои реален страв дека Европа се движи кон најтешката безбедносна криза во последните децении. Но, долготрајната војна не е единствената причина за загриженост.
Се смета дека Русија сè уште нема финансиска моќ да почне нова војна, како и дека ја нема потребната јавна поддршка. Имено, ЕУ го предупредува Кремљ дека може да има екстремни последици доколку Русија одлучи да преземе воена акција во Украина.
Шведска, од друга страна, распореди стотици свои војници на стратешки важниот остров Готланд во Балтичкото Море, а Данска веќе го зајакна своето присуство во областа.
Зголемените тензии повторно ја разгореа дебатата во Финска и Шведска за тоа дали да се приклучат на НАТО.
Најголемата грижа на западните сојузници повеќе не е дали Русија ќе ја нападне Украина со конвенционален воен пристап, туку дали Москва се обидува да ја дестабилизира Европа и да ја смени политичката рамнотежа на континентот во своја полза, пишува Би-би-си.
Минатата година полскиот премиер Матеуш Моравјецки за британскиот сервис изјави дека Западот мора да се разбуди од геополитичкиот сон кога намерите на Москва се доведени во прашање, пренесува „Јутарњи лист“.
Се чини дека земјите од ЕУ, дефинитивно, се разбудиле сега, но, според Би-би-си, како што често се случува кога станува збор за надворешната политика, европските лидери не се способни да се обединат кога треба да се донесе јасна одлука за тоа што да се прави во врска со руско-украинскиот конфликт.
Иако воените сили се собираат на границата, Москва негира дека планира инвазија. Тие испратија низа барања до Северноатлантскиот сојуз обвинувајќи ги за кршење на правилата за меѓународна безбедност.
Меѓу другото, рускиот претседател Владимир Путин бара на Украина, како и на која било друга членка на поранешниот Советски Сојуз, да ѝ се забрани влез во НАТО.
Што ќе направи Путин сега е крајно нејасно. Западот смета дека Кремљ инвестирал премногу, и финансиски и други ресурси, за да се повлече сега, без победа или нешто слично.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.
Свет
Американците понудиле безбедносни гаранции за Украина, Зеленски не е задоволен
САД му понудија на Киев 15-годишни безбедносни гаранции, но Украина сака повеќе и смета на период од најмалку 30 години, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на маргините на Минхенската безбедносна конференција.
Според него, Украина работи со сите партнери за безбедносни гаранции.
„Општо земено, ние сме блиску до тој проект. Имавме средба со американски сенатори. Рековме дека навистина сакаме да ги продолжиме безбедносните гаранции, за да бидат поефикасни за инвеститорите на кои им се потребни гаранции повеќе од пет до десет години“, рече Зеленски, пренесоа украински медиуми.
Тој додаде дека американската страна синоќапредложила гаранции од 15 години, додека Украина сака да додаде 20 години на тоа, за периодот да биде помеѓу 30 и 50 години.
„Зависи од тоа што ќе одлучат администрацијата и Конгресот, ќе видиме“, рече Зеленски.
Свет
Зеленски очекува корисна следна рунда мировни преговори
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска во Минхен изјави дека очекува следната рунда мировни преговори да биде сериозна, суштинска и корисна. Сепак, тој додаде дека понекогаш се чини како „страните да зборуваат за сосема различни работи“.
Нова рунда разговори меѓу претставниците на Русија и Украина, со посредство на САД, ќе се одржи во Женева во вторник и среда.
Зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција, Зеленски рече дека клучниот фокус во мировните преговори е да се обезбеди дека „за четири години, цивилизираниот свет нема да биде принуден повторно да се оправдува, да ја префрла одговорноста и да бара некој друг да го обвини“ за уште една војна.
„Украина е подготвена за договор што ќе ни донесе вистински мир нам, на Украина и на Европа“, додаде тој и изјави дека Европа „практично не е присутна на преговарачката маса“, но треба да биде.
„Тоа е голема грешка“, рече тој.
Зеленски истакна дека би било илузија да се верува дека оваа војна сега може сигурно да се заврши со поделба на Украина. Тој повтори дека на Русија „не смее да ѝ се даде никаква надеж дека може да остане неказнета за ова злосторство“.
Тој вели дека Москва била најсериозна во врска со преговорите кога била погодена од длабоки украински напади на сопствената територија.
„Колку сме посилни, толку пореален станува мирот“, рече тој.

