Свет
Новиот мандат на Трамп може да ја чини Германија до 180 милијарди евра

Доколку поранешниот американски претседател Доналд Трамп биде реизбран за претседател во ноември оваа година, неговиот четиригодишен мандат би можел да ја чини Германија до 180 милијарди евра поради трговската војна, се вели во извештајот на Германскиот економски институт (IW), пренесува „Анадолија“.
Ветувањето на Трамп дека ќе ги зголеми царините за да го намали трговскиот дефицит на САД може да предизвика значителни нарушувања во глобалната трговија.
Во извештајот на IW се вели дека Европската Унија развила контрастратегија против таквата закана наведувајќи дека доколку потенцијалната администрација на Трамп ги зголеми увозните царини на 10 отсто за ЕУ и 60 отсто за Кина, Брисел ќе возврати со еквивалентни зголемувања.
Институтот спроведе симулација за да ја процени потенцијалната штета за германската економија доколку тоа се случи и откри дека БДП на земјата ќе изгуби повеќе од 137,1 милијарди долари во текот на четири години.
Друга симулација покажа дека доколку потенцијалната администрација на Трамп и ЕУ ги зголемат увозните тарифи на 20 отсто, германскиот БДП ќе се намали 1,5 отсто, со загуба од 194,2 милијарди долари во текот на четири години.
Во извештајот се наведува и дека американската економија ќе претрпи загуба од 1,3 до 1,5 отсто од БДП во 2025 година, при што негативните ефекти најмногу ќе се почувствуваат во првите две години, а постепено ќе се намалуваат во следните две.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Северна Кореја тестираше нови ракети

Северна Кореја вчера истрела два нови противвоздушни проектили за уништување на различни воздушни цели, меѓу кои дронови и крстосувачки ракети. Тестирањето на новото оружје го надгледуваше севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.
Како што јави Корејската централна новинска агенција (КЦНА) новото оружје има „супериорна борбена способност“ и користи „единствена технологија“.
Тестирањето на ново оружје се одвива во време на зголемени тензии со Јужна Кореја. Официјален Сеул вчера соопшти дека на 19 август јужнокорејски војници отвориле предупредувачки оган кон припадници на севернокорејската армија, кои накратко навлегле во Демилитаризираната зона.
Исто така во регионот се одржува заедничка воена вежба помеѓу Јужна Кореја и САД, а за утре е предвидена средба на американскиот претседател Доналд Трамп со новоизбраниот јужнокорејски претседател Ли Џае-мунг.
Свет
Фабрики за оружје во неколку држави отвори Иран

Иранскиот министер за одбрана Азиз Насирзадех тврди дека Иран во неколку држави создал инфраструктура за производство на оружје.
Тој не соопшти во кои земји Иран ќе произведува оружје, но најави дека фабриките најверојатно официјално ќе бидат отворени.
Насирзадех наведе пред војната со Израел еден од приоритети на Иран бил развивање на ракети, но оти сега „би можеле да се сменат приоритетите“.
Свет
(Видео) Седум часа ги читаше имињата на сите убиени деца во Газа, дури 12.227 жртви

Кардиналот Матео Зупи во италијанскиот град Болоња предводеше трогателно седумчасовно молитвено бдение за сите деца загинати во конфликтот меѓу Израел и Хамас од почетокот на војната пред две години. На бдението, кое се одржа во паркот Монте Соле ди Марцабото, беа прочитани имињата и возрастите на вкупно 12.227 деца жртви – 16 израелски и 12.211 палестински, врз основа на официјални податоци од двете страни.
Кардиналот Зупи ги повика присутните да се посветат на мирот и дијалогот: „Ги кажуваме нивните имиња едно по едно. Тие бараат од нас да бараме мир, да го прекинеме огнот и да создадеме услови за заштита на невините, од ослободување на заложниците до тоа да не се држи цела нација како заложник“.
Молитвеното бдение се одржа на историско место, во урнатините на црквата Казаља, која беше запалена од нацистите за време на масакрот во кој беа убиени речиси 800 луѓе, вклучувајќи деца. Настанот го организираше монашката заедница на Малото семејство на Благовештението во соработка со Училиштето за мир на Монте Соле, со цел да се зачува сеќавањето на страдањето и да се потенцира важноста на мирот.
Апелите за мир и заштита на цивилите се засилени во последните недели поради зголемениот број жртви и заканата од глад во Газа. Свештеникот Габриел Романели од Газа ја опиша тешката ситуација, истакнувајќи дека бомбите и смртта се присутни низ целата енклава, додека Ерусалимскиот патријарх Пицабала и папата Лав XIV ги повикаа сите страни на прекин на огнот и дипломатски решенија.
Кардиналот Зупи, назначен од папата Франциск за мировен пратеник за Украина, е познат и по посредувањето во размена на заложници и неговите дипломатски напори за мир во конфликтни региони.