Свет
Огромни поплави по течението на Урал, илјадници евакуирани

Поплавите се зголемија денеска во подрачјето на два града во рускиот Урал, откако третата најдолга река во Европа ја проби браната, поплавувајќи најмалку 6.000 домови и принудувајќи илјадници да избегаат само со своите миленици и неколку работи.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека поплавите во руските региони Курган и Тјумен се „неизбежни“ поради поплавите во уралскиот планински регион Оренбург, пренесе државната новинска агенција Тас. Песков рече и дека рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со гувернерите на двата региона.
Голем број руски региони на планините Урал, во областа на Сибир и во делови на соседен Казахстан се погодени од незапаметени поплави во последните години.
Реката Урал, која извира од планините Урал и се влева во Каспиското Море, во петокот за само неколку часа се крена неколку метри, а во тоа помогна и топењето на мразот. Реката го проби насипот на браната во градот Орск, на околу 1.800 километри источно од Москва.
Повеќе од 4.000 жители беа евакуирани од предградијата на градот. Поплавени се големи делови од Орск, град со 230.000 жители.
Снимките објавени од Министерството за вонредни состојби покажуваат како жителите минуваат низ вода длабока до вратот, спасуваат заглавени кучиња и пловат по поплавените патишта со чамци и кануа.
Гувернерот на регионот Оренбург, Денис Паслер, изјави дека ова е најтешката поплава во регионот откако се бележат такви податоци. Тој рече и дека се поплавени цели области по целото течение на реката Урал, долга 2428 километри, која тече низ регионот Оренбург, но и низ Казахстан и се влева во Каспиското Море.
Претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токајев во саботата изјави дека овогодинешните поплави, според обемот и последиците, се најголемата природна катастрофа што ја погодила неговата земја во последните 80 години.
Предупредувања за поплави беа издадени и во други руски региони, а Куренков рече дека ситуацијата може многу брзо да се влоши. „Водата сè уште расте, а нивото ќе се зголемува само во наредните денови. Ситуацијата е сè уште критична“, рече Сергеј Салмин, градоначалник на Оренбург, град со околу 550.000 жители.
Локалните власти известија дека браната во Орск е изградена за да се справи со нивото на водата од 5,5 метри, но реката Урал се искачи на 9,6 метри. Федералните истражители отворија кривична постапка за небрежност и прекршување на безбедноста во 2010 година, кога се градеше браната. Обвинителите тогаш рекоа дека браната не се одржува како што треба.
Во неделата поради поплавата престана со работа и рафинеријата за нафта во Орск. Таа рафинерија лани преработила 4,5 милиони тони нафта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Орбан ја исмеа Каја Калас; Дипломат на ЕУ: Американците носат хаос

Европските лидери почнаа да ги прилагодуваат своите политики на новата реалност без американска заштита – и во исто време почнаа да се спротивставуваат на мировниот план на Доналд Трамп за Украина. Во Брисел, Берлин, Париз и Лондон се погласни се гласовите кои го предупредуваат американскиот претседател дека согласувањето со територијалните барања на рускиот лидер Владимир Путин би значело повторување на политиката на смирување од минатото.
Западните сојузници се особено загрижени поради одлуката на Трамп да ја исклучи можноста за членство на Украина во НАТО, да им забрани на американските трупи да учествуваат во мировните сили и да го отфрлат барањето на Киев да ја врати целата територија окупирана од Русија од 2014 година.
Додека официјалните лица го анализираа предлогот на Трамп, се издвои една порака: Украина и нејзините сојузници нема да прифатат никаков договор што Русија и САД би го постигнале без учество на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Европејците исто така нагласуваат дека мора да бидат вклучени во преговорите.
„Јасно е дека ниту еден договор зад нашиот грб нема да успее. Ви требаат и Европејците и Украинците“, им рече на новинарите Каја Калас, највисокиот дипломат на ЕУ, на маргините на состанокот на министрите на НАТО. „Зошто и даваме на Русија сè што сака уште пред да започнат преговорите? Тоа е политика на попуштање. Никогаш не функционирала“.
Калас, поранешна естонска премиерка позната по нејзиниот цврст став кон Русија и скептицизмот кон Трамп, е највисокиот функционер на Европската комисија кој досега зборуваше на оваа тема. Дури и во ОК, која се гордее со својот „специјален однос“ со САД, потегот на Трамп предизвика шок и незадоволство.
„Историјата нè научи одново и одново дека политиките за смирување не даваат резултати“, изјави за Политико британскиот пратеник Дејвид Рид, поранешен член на кралските маринци. „Оваа војна мора да заврши под условите поставени од Украина. Сè помалку би било предавство на храбар сојузник кој бил нападнат без провокација и директна закана за безбедноста на Европа“, додаде тој.
Британскиот премиер Кир Стармер, кој вложи големи напори за одржување на добри односи со Трамп, одби да ги поддржи деталите од американскиот план. „Не може да се зборува за преговори за Украина без Украина на маса“, нагласи Стармер, додавајќи дека Украина мора да остане на патот кон членство во НАТО, што Путин силно го отфрла, а Трамп го исклучува од неговите предлози.
Калас го поддржа и членството на Украина во НАТО, опишувајќи го како „најсилна“ и „најисплатлива“ безбедносна гаранција. Таа предупреди дека војната, со европска поддршка, ќе продолжи доколку Зеленски биде исклучен од преговорите. „Ако договорот биде постигнат зад нашиот грб, едноставно нема да функционира“, рече таа. „Украинците ќе продолжат да се борат, а ние ќе ги поддржиме“.
Зеленскиј вчера повтори дека нема да прифати никаков мировен договор без директно учество на Украина во преговорите. На крајот од самитот на министрите за одбрана на НАТО во Брисел, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет се обиде да ги увери сојузниците, нагласувајќи дека „и Русија и Украина“ ќе учествуваат во преговорите.
Кремљ соопшти дека Украина ќе биде вклучена во преговорите „на еден или друг начин“, но додаде дека ќе има и „билатерален канал меѓу Русија и САД“. Сè уште не е јасно каква улога би можеле да имаат ЕУ или Велика Британија.
Сепак, не сите во Европа го делат истиот ентузијазам за поддршка на Киев. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ја исмеа изјавата на Каја Калас за континуираната европска поддршка за Украина. „Позицијата на Брисел – да поддржува убиства онолку долго колку што е потребно – е морално и политички неприфатлива“, рече Орбан. „Додека претседателот Доналд Трамп и претседателот Путин преговараат за мир, претставниците на ЕУ даваат безвредни изјави“.
Еден европски дипломат ја сумираше загриженоста на многумина кои се сомневаат во способноста на Трамп да преговара со Путин. „Многумина стравуваат дека Трамп е несмасен преговарач и дека ќе направи неверојатни отстапки за Русија“, рече дипломатот кој сакаше да остане анонимен. „Општиот впечаток е дека Американците внесуваат хаос во целиот процес“.
Европа
Хорор во Шпанија: тело на бебе пронајдено во погон за преработка на отпад

Тело на бебе е пронајдено во погон за преработка на отпад на периферијата на шпанскиот град Валенсија, соопшти Цивилната гарда.
На телото на бебето сè уште е прикачена папочната врвца, објави шпанскиот медиум „Ла Разон“.
Покрената е истрага за да се утврди каде е фрлено телото на бебето, како и да се лоцираат родителите.
Погонот за преработка на отпад каде што е пронајдено бебето обработува меѓу 400 и 500 тони ѓубре дневно.
Свет
(Видео) Драма во авионот што го превезуваше Рубио во Минхен: мораше итно да се врати во Вашингтон

Авионот со американскиот државен секретар Марко Рубио и претседателот на Комитетот за надворешни односи на Сенатот Џим Риш, кој летал за Германија на Минхенската безбедносна конференција, бил принуден да се врати во Вашингтон поради технички проблеми, пренесе АП.
Проблемот е откриен час и половина по полетувањето од заедничката база Ендрјус поради дефект на стаклото на пилотската кабина. Авионот се врати на местото на полетување, каде што се во тек плановите да се организира лет кон Рубио со друг авион.
Одложувањето нема да влијае на плановите на државниот секретар да го продолжи своето патување во Германија и на Блискиот Исток, но се уште не е јасно дали ситуацијата ќе доведе до пропуштање на важни средби во Минхен, вклучително и оние со американскиот потпретседател и со претседателот на Украина.
За потсетување, во Минхен започнува 61. безбедносна конференција на која учествуваат повеќе од 60 светски лидери. Украинската делегација, предводена од претседателот Зеленски, ќе претстави визија за постигнување траен мир. Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс планира да се сретне со Зеленски за време на конференцијата во Минхен.