Европа
Од денеска на европските граѓани им треба еден документ за влез во Британија, позната цената на пропусницата
Европските граѓани кои патуваат во Обединетото Кралство од денеска ќе имаат потреба од дигитална пропусница за влез во земјата, што според британската влада ќе ја зајакне безбедноста на границите.
Електронското овластување за патување (ЕТА) може да се купи онлајн за 10 фунти (12 евра) во наредните денови, а од 9 април цената ќе се зголеми на 16 фунти (19 евра).
Дозволата ќе биде задолжителна за сите Европејци кои сакаат да ја посетат Велика Британија од 2 април, откако истата пропусница беше воведена во јануари за граѓаните на САД, Канада и други земји на кои не им е потребна виза.
Слична дозвола за влез во земјата имаат и САД.
„Со дигитализирање на системот за имиграција, го отвораме патот за бесконтактни гранични премини во ОК“, рече министерката за миграција Сема Малхотра претходно овој месец, кога беше отворена веб-страницата за првите апликации.
Таа додаде дека проширувањето на ЕТА во земјите ширум светот „ја зајакнува посветеноста за подобрување на безбедноста преку технологија и иновации“.
Документот дозволува посети до шест месеци и важи две години. Тоа е задолжително за сите патници, вклучително и малолетни и новороденчиња.
Пропусницата може да се добие од апликација за паметни телефони или од владината веб-страница и е достапна за Европејците од почетокот на март.
Почнувајќи од среда, граѓаните на околу триесет европски земји, вклучително и целата ЕУ со исклучок на Ирска, ќе треба да имаат електронска дозвола за влез во Обединетото Кралство, кое ја напушти ЕУ во 2020 година.
Апликантот мора да приложи фотографија од пасош и од лицето. Процесот трае околу десет минути, информираат од британското Министерство за внатрешни.
Во повеќето случаи, одлуката за апликацијата се носи во рок од неколку минути, но можно е да се чека и до три работни дена, велат од Владата.
Доколку апликацијата се обработи успешно, ЕТА е дигитално поврзана со пасошот на апликантот.
Патниците кои се префрлаат на аеродроми без да ја поминат границата со ОК се ослободени од оваа шема. Ова беше направено по притисокот од Хитроу, најпрометниот аеродром во Европа, кој стравуваше од губење на бројот на патници.
Има само два аеродрома во ОК со можност за поврзување без преминување на границата, Манчестер и Хитроу. Во 2024 година, речиси 84 милиони патници поминаа низ Хитроу, од кои една третина беа од ЕУ.
Програмата беше лансирана во 2023 година за Катар, а потоа се прошири во пет соседни земји од Персискиот Залив.
Во јануари, тој беше проширен на граѓаните на дополнителни педесет земји, вклучувајќи ги Аргентина, Јужна Кореја и Нов Зеланд.
До крајот на 2025 година, речиси 1,1 милион посетители ќе добијат ЕТА, според Министерството за внатрешни работи на Британија.
Не е потребна дозвола за луѓе со дозволи за престој во ОК или луѓе кои веќе имаат имиграциски статус во Кралството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Зеленски стигна во Берлин, ќе се сретне со американскиот преговарачки тим
Украинскиот претседател Володимир, Зеленски, пристигнал во Берлин, каде што во текот на денот треба да се сретне со американскиот преговарачки тим за да разговара за предлогот за постигнување мир во Украина.
– Се фокусираме на тоа како сигурно да ја гарантираме безбедноста на Украина, така што искуството со Будимпештанскиот меморандум и руската инвазија никогаш повеќе нема да се случи. Сметаме на конструктивни разговори – рече Зеленски во објава на платформата X.
Тој рече дека сè уште не добил официјален одговор од Соединетите Американски Држави на најновите предлози за мировен план.
Пред неговото пристигнување, Зеленски нагласи дека сака да ги убеди Американците да ја поддржат идејата за замрзнување на фронтовската линија во Украина во нејзината сегашна состојба пред било какви преговори со Москва.
Американската делегација ја предводат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот Доналд Трамп.
Извори од германската влада за „Билд“ изјавија дека разговорите со претставниците на Украина во Берлин ќе траат два дена , а дека денес ќе се одржат прелиминарни разговори со советници за надворешна политика, вклучувајќи ги и претставниците на САД и Украина.
Европа
Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана
Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.
Европа
ЕУ замрзна 210 милијарди евра руски пари за да ја поддржи Украина, Москва го оцени потегот како „објава на војна“
Европската унија одлучи да ги замрзне средствата на руската централна банка во вредност од околу 210 милијарди евра на неопределено време, со цел тие да се користат за финансиска поддршка на Украина, јавува Ројтерс. Каматата на замрзнатите средства ќе биде наменета за Киев, додека главниот капитал останува блокиран.
Според Ројтерс, Украина ќе мора да го врати заемот само кога Русија ќе ги исплати воените репарации. Од 27-те земји членки на ЕУ, само Унгарија и Словачка гласаа против мерката.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, преку социјалната мрежа X порача дека одлуката е „силна порака до Русија“. Таа нагласи дека мерката е јасен знак дека додека продолжува бруталната војна во Украина, трошоците за Русија ќе продолжат да растат, и дека ЕУ ќе направи сè за да го направи својот сосед посилен „и на бојното поле и на преговарачката маса“.
Москва го оцени потегот како „кражба“ и „објава на војна“. Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев го нарече планот потенцијален „чин на војна“. Амбасадорот на Русија во Германија, Сергеј Нечаев, исто така, го оцени како „кражба“, додека портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека Русија ќе даде „најстрога реакција“.
Кремљ веќе презеде правни чекори: руската централна банка поднесе тужба против белгиската финансиска куќа „Евроклир“, која управува со околу 185 милијарди евра од замрзнатите руски средства. Останатите 25 милијарди евра се сместени во банки во Белгија и Франција. Русија ја обвинува „Евроклир“ за нелегално спречување пристап до средствата.
Во посебна изјава, руската централна банка го нарече планот на ЕУ за користење на средствата за помош на Украина „нелегален и спротивен на меѓународното право“.
ЕУ го нарекува овој инструмент „заем за репарација“, кој треба да се утврди на претстојниот самит, а замрзнувањето на средствата претставува значителен притисок врз Кремљ, кој досега се обидува да најде правни и дипломатски начини за реакција.

