Свет
Речиси 20.000 луѓе се евакуирани од Мариупол

Приближно 20.000 луѓе претходниот ден преку хуманитарен коридор успеаја да го напуштат опколениот Мариупол.
Според заменик-началникот на кабинетот на украинскиот претседател, Кирил Тимошенко, граѓаните биле евакуирани со 4.000 приватни возила, од кои 570 отишле во градот Запорожје, а другите ја поминале ноќта на други места на патот, пренесува АП.
Мариупол, стратешки важен пристаништен град со 430.000 жители на Азовското Море, е под опсада на руските сили повеќе од 10 дена.
Според украинските тврдења, повеќе од 2.300 луѓе загинале во гранатирањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Србија со поддршка за санкциите кон Белорусија

Србија ги почитувала санкциите што ЕУ ги воведе кон Белорусија во април поради ситуацијата во таа земја и вмешаноста на Белорусија во руската инвазија, пишува порталот European Western Balkans.
Станува збор за одлуката 2022/579 на Советот на ЕУ донесена на 8 април. Две недели подоцна, на 22 април, на веб-страницата на Советот било објавено дека Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Северна Македонија ја почитувале одлуката.
Ова е втор пат Србија да почитува санкции на ЕУ во врска со војната во Украина. Одлуката на Советот на ЕУ од 8 април наметнува секторски санкции врз финансискиот и транспортниот систем на Белорусија поради вмешаноста на земјата во руската агресија.
Официјалниот став на Белград е дека Србија ги почитува основните принципи на меѓународното право и во таа смисла територијалниот интегритет на Украина, но земјата не се вклучи во санкциите кон Русија.
Српската премиерка Ана Брнабиќ неодамна изјави дека честите дојави за поставени бомби, кои се случуваат во земјата, претставуваат притисок од странство врз Србија бидејќи земјата не вовела санкции кон Русија по инвазијата на Украина, како што тоа го направија повеќето западни земји.
Свет
Мајмунски сипаници потврдени во Германија и уште неколку европски држави

Германија го потврди првиот случај на мајмунска сипаница, а нови случаи на зараза пријавија Италија, Шпанија, Франција и Велика Британија, јавуваат светските агенции.
Медицинската служба на германските вооружени сили денеска соопшти дека го потврдила првиот случај на мајмунска сипаница.
„Институтот за микробиологија на германските вооружени сили во Минхен сега, исто така, несомнено го откри вирусот на мајмунска сипаница, за првпат во Германија на 19 мај 2022 година, кај пациент со карактеристични кожни лезии“, соопшти медицинската служба.
Германски министер: Претпоставуваме дека вирусот не се пренесува така лесно
Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах изјави дека врз основа на достапните информации, тој претпоставува дека вирусот не се пренесува така лесно и дека неговото ширење може да се спречи доколку здравствените власти брзо дејствуваат.
Италија потврди уште два случаи на инфекција со вирусот на мајмунска сипаница во болницата Спаланцани во Рим, со која досега се заразени вкупно три лица во земјата. Болницата соопшти дека првото заразено лице престојувало на Канарските Острови.
Регионалните власти во Мадрид пријавија 14 случаи на зараза, со што вкупно 21 лице во Шпанија.
Шпанската министерка за здравство Каролина Даријас изјави за новинарите дека пациентите во земјата досега имале благи симптоми.
Заразата е потврдена во Германија, Франција, Италија, Велика Британија, Шпанија, Португалија, САД…
Велика Британија потврди единаесет нови случаи, рече министерот за здравство Саџид Џавид. Земјата претходно пријави вкупно девет случаи на лесни заболувања. Британските здравствени власти нудат вакцина против сипаници на здравствените работници и на другите кои можеби биле изложени на вирусот. Тоа го прават властите и во другите делови на Европа, вклучително и Португалија.
И Франција е зафатена од мајмуни сипаници, пренесува АФП.
Од 14 мај, случаи на зараза со вирусот на мајмунска сипаница се откриени и во Португалија, Канада, САД, Белгија и Шведска.
Европа
Итен состанок на СЗО, повод – новата епидемија со мајмунски сипаници

Светската здравствена организација ја свикува групата водечки експерти на итен состанок за да разговараат за тековната епидемија на мајмунски сипаници, пишуваат медиумите во светот.
Според извештаите, двојно е зголемен бројот на заболени со заразни мајмунски сипаници во Велика Британија, а тоа го потврдил и министерот за здравство Саџид Џавид, наведувајќи дека има 11 нови случаи на заразени.
„Утринава ги информирав министрите за здравство на Г7 за она што го знаеме досега. Повеќето случаи имаат благи симптоми и можам да потврдам дека набавивме дополнителни дози вакцини кои се ефикасни против мајмунска сипаница“, напишал тој на Твитер.
Медиумите потсетуваат дека мајмунските сипаници последниве денови се шират во Европа, а првите случаи се потврдени во Франција, Италија, Шведска, како и во Канада и во Австралија.
Првиот пациент кој добил мајмунски сипаници на 7 мај отпатувал во Нигерија, од каде се верува дека е заразен, пред да се врати во Англија.
Симптомите вклучуваат треска, главоболки и осип на телото кој започнува на лицето и се шири на други делови од телото.
Според податоците на веб-страницата на Светската здравствена организација, смртноста од мајмунски сипаници била меѓу нула и 11 отсто, а во последно време се движи меѓу три и шест отсто.