Европа
Орбан: Воениот план на ЕУ не успеа

Стратегијата на Западот во врска со војната во Украина пропадна, бидејќи санкциите нема да го нарушат балансот во руската економија, а актуелната ситуација предизвика страдање во европските земји, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан во своето редовно неделно обраќање до граѓаните.
Орбан истакна дека пред 155 дена првиот план бил Украина да ја победи Русија со помош на американските советници и западните планови, вториот е дека санкциите ќе ја потресат Русија, третиот е дека Европа ќе успее да се прилагоди на санкциите што ги воведе, а четвртиот што остатокот од светот ги поддржува санкциите, објави агенцијата V4.
Ниту еден од тие четири планови не се оствари, бидејќи Русија не ја губи војната, санкциите не ја разнишаа, оцени Орбан, додавајќи дека сега е јасно дека стратегијата е неуспешна и дека е неопходен пристап за нова.
Сепак, тоа не може да биде ограничување на потрошувачката и зголемување на цените, посочи Орбан и предупреди дека во октомври ќе следи транзиција кон воена економија доколку Брисел не го промени сегашниот курс.
Орбан нагласи дека ќе мора да се воспостави мир во Украина, но додаде дека шансите за тоа се многу мали доколку не почнат директни преговори меѓу Соединетите Американски Држави и Русија.
Коментирајќи ја одлуката, која предвидува секоја членка на ЕУ да ја намали потрошувачката на гас за 15 отсто, Орбан рече дека е задоволен што Брисел се обидува да најде решение, но нагласи дека ќе биде подобро Унгарија да се потпре на себе.
Не би било добро да чекаме Брисел да го реши проблемот со снабдувањето со енергија, тоа е прашање што треба сами да го решиме, рече Орбан, истакнувајќи дека предлогот на Брисел е „чиста конфискација“, која Унгарија не може да ја прифати, пренесе Н1.рс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина: Русите го зголемуваат военото присуство во Мариупол

Руските сили продолжуваат да го зголемуваат своето воено присуство во привремено окупираниот град Мариупол. Како што соопшти денеска на Телеграм градскиот совет на Мариупол, во градот веќе се формирани две воени бази.
„Руските окупатори го прошируваат своето воено присуство во Мариупол“, се вели во соопштението.
Според Центарот за проучување на окупацијата, во текот на март и април 2025 година се појавиле две нови воени бази: една во областа Калмиус на северозапад од градот и логистичка база во областа Ливобережњи, во станбената зона „Шхидни“. Втората база, како што се наведува, главно се користи за сместување на персонал и воена опрема.
„На овој начин руските окупатори постепено го зголемуваат своето присуство во Мариупол. Центарот за проучување на окупацијата нагласува дека ова е план за трансформирање на градот во главна и полноправна логистичка и воена база, не само за стоки, туку и за опрема и персонал. Со широка мрежа на паркинзи, бази за поправка и точки на трајно и привремено распоредување на персонал. Ова е олеснето и со развојот на железничките и пристанишните врски што ги спроведуваат окупаторските власти“, се вели во соопштението на градскиот совет на Мариупол.
Европа
Знамиња со кукасти крстови се појавија во Стокхолм на роденденот на Хитлер, полицијата започна истрага

Три нацистички знамиња со кукасти крстови беа поставени на влезот на автопат во областа Есингеледен во Стокхолм, главниот град на Шведска, на 20 април, на роденденот на Адолф Хитлер.
Портпаролот на полицијата во Стокхолм, Матс Ериксон, изјави дека започнале истрага за злосторство од омраза.
Ериксон нагласи дека не е соодветно да се случуваат такви работи во Шведска. Тој посочи дека на влезовите на автопатите често се појавуваат транспаренти со политички пораки.
„Конкретно активистите споделуваат политички пораки бидејќи тука има густ сообраќај. Не е убаво да се споделуваат такви пораки“, рече Ериксон.
Тој додаде дека нацистичкото знаме најверојатно било поставено за да го одбележи роденденот на нацистичкиот диктатор Адолф Хитлер, кој е роден на 20 април.
Европа
Објавени првите фотографии од телото на папата Франциско: во рацете има бројаница

Ватикан утрово ги објави првите фотографии од телото на папата Франциско. Неговото тело е положено во едноставен дрвен ковчег, со бројаница во рацете, митра на главата и облечен во црвена литургиска одежда, ден откако почина од последиците од мозочен удар во неговиот дом.
Телото на папата Франциско се уште се наоѓа во неговиот дом Санта Марта, каде што тој се опоравуваше откако помина повеќе од еден месец во римската болница Гемели поради билатерална пневмонија.
Според планот, утре, 23 април, среда, телото ќе биде преместено во базиликата Свети Петар за да можат верниците да им оддадат почит.