Свет
Откриено е што ѝ понуди Трамп на Украина во замена за прекин на огнот; Оптимизам во Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп им кажал на европските лидери и на украинскиот претседател дека САД се подготвени да обезбедат безбедносни гаранции за Украина под одредени услови, изјавија три лица запознаени со разговорот, според „Политико“.
Тој ги даде овие забелешки на виртуелен состанок организиран од Германија вчера за координирање на позициите на САД и на Европа пред самитот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска в петок.
Три лица – европски дипломат, британски функционер и лице информирано за разговорите – сите рекоа дека САД се подготвени да играат некаква улога во помагањето на Киев да ја одврати идната руска агресија доколку се постигне прекин на огнот.
Лицето информирано за повикот рече дека Трамп нагласил оти ќе преземе таква обврска само ако тоа не е дел од НАТО.
Отвореноста на Трамп кон безбедносните гаранции – клучно барање и на Украина и на Европа – помага да се објасни претпазливиот оптимизам изразен од европските претставници по разговорите и пред самитот в петок, забележува „Политико“.
Но еден од изворите изјави за „Политико“ дека Трамп не прецизирал што мисли под безбедносни гаранции и дека само дискутирал за поширокиот концепт.
Да потсетиме дека Доналд претходно изјави оти нема да обезбеди американски безбедносни гаранции за Украина, туку дека Европа е одговорна за тоа. За време на состанокот на кабинетот кон крајот на февруари Трамп рече: „Нема да дадам премногу безбедносни гаранции. Европа ќе го стори тоа бидејќи тие се нивни соседи“.
Во еден од неговите претходни разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски тој изјави дека Франција и Велика Британија ќе ја преземат одговорноста за овие гаранции, а не САД.
Но, Трамп сега признава дека безбедносните гаранции на САД мора да бидат дел од конечниот договор и гледа дека САД играат улога во тоа, рече британскиот функционер. Белата куќа не одговори веднаш на барањето за коментар за отвореноста на Трамп во врска со улогата на САД во обезбедувањето безбедносни гаранции.
Какви и да се гаранциите, Трамп јасно стави до знаење дека САД нема да продолжат директно да снабдуваат оружје или војници на Украина, иако ќе ѝ продаваат оружје на Европа за употреба од страна на Киев.
Исто така, веројатно е дека ќе биде ограничено и би можело да ги разочара украинските поддржувачи, кои сакаат посилни гаранции од Соединетите Американски Држави за да ја одвратат Русија од повторна инвазија на Украина кога ќе завршат борбите.
Трамп го помина поголемиот дел од своето претседателствување спротивставувајќи се на воената помош за Украина, истакнува „Политико“. Но иако Соединетите Американски Држави не испраќаат оружје директно, тој неодамна ѝ дозволи на Европа да купи американско оружје за да го испрати во Украина, потег за кој неговата администрација вели дека го зголемил притисокот врз Москва и го убедил Путин да седне на преговарачка маса.
фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Црна Гора се бори со пожари

Седми ден по ред пожарите во Црна Гора не стивнуваат, а најкритично е во Подгорица, каде што и покрај тоа што ситуацијата е под контрола.
Началникот на Дирекцијата за цивилна заштита и намалување на ризици од катастрофи, Љубан Тмушиќ, соопшти дека најзагрозени области се Пипери и Кучки Корита. – Во овие подрачја се ангажирани сите расположливи ресурси – 12 возила и 42 пожарникари, рече Тмушиќ.
Посебна закана претставуваат и таканаречените „подземни пожари“ кои се активираат со пораст на температурите.
Во гаснењето се вклучени и армијата, како и помош од странство – Србија испрати хеликоптер, а вчера пристигна и швајцарски тим со 26 пожарникари и четири специјализирани возила. Поддршка дава и хеликоптер од Чешка.
Свет
(Видео) Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл

Четворица маскирани напаѓачи ограбија златарница во западниот дел на Сиетл и за помалку од две минути украдоа накит и луксузни предмети во вредност од околу два милиона долари, соопшти полицијата.
Настанот се случил во четвртокот попладне, а надзорните камери снимија како осомничените со чекани ги разбиваат заклучените стаклени врати и за 90 секунди празнат шест витрини. Меѓу украдените предмети се наоѓаат и „Ролекс“ часовници со проценета вредност од 750.000 долари и смарагдна огрлица вредна 125.000 долари, објави Еј-Би-Си њуз.
За време на грабежот, еден од напаѓачите им се заканувал на вработените со спреј против мечки и електрошокер, но никој не бил повреден.
„Длабоко сме потресени како вработени. Продавницата ќе биде затворена извесно време“, изјави потпретседателот на семејната златарница Џош Минаше.
Полицијата пристигнала веднаш по дојавата, но сторителите веќе избегале со возило и засега се недостапни за законот.
Свет
Макрон повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска повика на зголемен притисок врз Москва за да се стави крај на војната во Украина, по самитот меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин во Анкориџ, Алјаска.
Во објава на социјалната мрежа Х, Макрон истакна дека заедно со европските колеги смета оти е неопходно да се одржи притисок врз Русија сè додека нејзината инвазија врз Украина не заврши и не се постигне траен мир што ги почитува правата на Украина.
Тој нагласи дека цврстиот мир мора да биде проследен со непоколебливи безбедносни гаранции.
„Ja поздравувам подготвеноста на СAD да придонесат во овој процес“, напиша Макрон, додавајќи дека за конкретен напредок е потребна нова средба на „Коалицијата на podgotvenite“, алијанса од околу 30 земји предводена од Велика Британија и Франција, која ја поддржува Украина.
Макрон, исто така, повика на извлекување поуки од последните 30 години, особено од „ добро познатата тенденција на Русија да не ги почитува своите обврски“.
Разговорите во Анкориџ меѓу Трамп и Путин беа опишани како продуктивни, но не беа објавени конкретни резултати.