Свет
Отпуштен од работа полицаец од Флорида што уапси две 6-годишни деца во училиште

Полициски службеник во Флорида бил отпуштен вчера откако уапсил две шестгодишни деца минатата недела поради непримерно однесување во училиште, соопшти полицијата во Орландо.
Службеникот Денис Тарнер ги уапси децата обвинувајќи ги за напад, изјави државната обвинителка на Флорида, Арамис Ајала, која додаде дека началникот на полицијата Орландо Ролон рекол дека нема намера да ги гони и ја замолил да ги отфрли обвиненијата.
„Овие многу мали деца треба да бидат заштитени и дисциплинирани на соодветен начин што не се потпира на казнено гонење“, додаде Ајала.
Началникот на полицијата Ролон рече дека Тарнер не барал дозвола за апсење деца под 12-годишна возраст, а бил обврзан да ја бара.
Бабата на девојчето изрази огорченост од апсењето и ставањето лисици на рацете на шестгодишната внука и објаснила дека девојчето било немирно во класот поради недостиг на сон поради болест. Таа ја удрила со нога вработената во училиштето, која ѝ ја зграпчила раката во обид да ја смири.
Не се објавени други информации за другото уапсено момче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почина поранешниот претседател на Италија Џорџо Наполитано

Поранешниот италијански претседател Џорџо Наполитано почина на 98-годишна возраст.
Наполитано имаше блиски односи со папата Бенедикт Шеснаесетти и беше еден од ретките луѓе кои беа предупредени за шокантната оставка на Бенедикт во февруари 2013 година.
Наполитано ги искористи своите овластувања кон крајот на 2011 година за да ја олесни должничката криза со назначувањето на технократот на Европската комисија Марио Монти да ја води владата откако премиерот Силвио Берлусони поднесе оставка.
Две години подоцна, тој формираше голема коалиција под водство на политичарот од левиот центар Енрико Лета по неубедливите парламентарни избори, што повторно ја изведе земјата од ќорсокакот. Наполитано стана претседател во 2006 година. Тој поднесе оставка во 2015 година.
Кабинетот на премиерот Џорџија Мелони изрази сочувство од италијанската влада до семејството Наполитано.
Свет
Ердоган: Русија не е земја што треба да се игнорира

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека не се согласува со негативниот пристап на другите светски лидери кон рускиот лидер Владимир Путин.
Ердоган, говорејќи пред новинарите во четвртокот по Генералното собрание на ОН, рече дека Русија не е земја што треба да се игнорира и ја повтори својата надеж дека може да се најде решение за обновување на договорот за украинскиот извоз на жито преку Црното Море.
– Лидерите и премиерите имаат негативен став кон Путин. Се разбира, ние не споделуваме, ниту изразуваме таков став. Исто така, верувам дека овие пристапи не се точни бидејќи Русија не е обична земја. Без разлика дали во однос на областа или позицијата во светот, Русија има јасно место. Во однос на производството на жито, Русија сега е меѓу ретките земји во светот. Не можете сега да игнорирате таква земја – рече Реџеп Таип Ердоган.
Турција од почетокот на војната се обидува да има добри односи и со Москва и со Киев. Воено и помага на Украина и истакнува дека го поддржува нејзиниот територијален интегритет, но во принцип се противи на санкциите против Русија.
Свет
Европската Комисија ќе обезбеди помош од 500.000 евра за Нагорно Карабах

Европската комисија ќе обезбеди хуманитарна помош од 500.000 евра за поддршка на населението погодено од воените операции во Нагорно Карабах.
Во соопштението на ЕК се наведува дека помошта од ЕУ е наменета за жртвите да ги задоволат нивните основни потреби. Вонредното финансирање е како додаток на хуманитарната помош од 1,17 милиони евра што ЕУ ја посвети на почетокот на годинава за решавање на кризата во Нагорно Карабах, се наведува во соопштението за медиумите, а пренесува порталот „Ерменија Ајкор“.
„Ескалацијата на конфликтот во Нагорно-Карабах имаше сериозни последици за цивилното население. Како одговор, ЕУ обезбедува дополнителни 500.000 евра итна хуманитарна помош за поддршка на раселените лица. Ние внимателно ја следиме ситуацијата на терен и сме подготвени да понудиме дополнителна помош“, изјави еврокомесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич.