Свет
Папата го повика Израел да дозволи хуманитарна помош во Газа

Папата Лав XIV апелира до Израел да дозволи хуманитарна помош во Газа нарекувајќи ја ситуацијата во палестинската енклава „сè позагрижувачка и тажна“.
„Го повторувам мојот апел да се дозволи влегување чесна хуманитарна помош и да се стави крај на борбите за кои децата, старите лица и болните плаќаат катастрофална цена“, рече папата на својата прва неделна аудиенција на плоштадот Свети Петар.
Тој ја спомена ситуацијата во Газа во неколку наврати во првите недели од својот понтификат.
Папата, за кого американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник изјави дека изразил интерес да биде домаќин на мировни преговори меѓу Русија и Украина, не го спомена конфликтот, според „Ројтерс“.
Во својата прва неделна порака на 11 мај новиот папа повика на итен прекин на огнот и ослободување на сите израелски заложници што ги држи милитантната група Хамас.
Израел во понеделникот соопшти дека ќе дозволи влез на помош во Газа по 11-неделната блокада на крајбрежната енклава, но Обединетите нации во вторникот соопштија дека не е дистрибуирана никаква помош.
Апелот на папата дојде еден ден откако британскиот премиер Кир Стармер објави дека неговата влада ги прекинала разговорите за слободна трговија со Израел и го повика израелскиот амбасадор во Велика Британија на разговори за ситуацијата во Газа.
Израел вели дека има намера да ги интензивира воените операции против Хамас и да ја преземе контролата врз цела Газа, уништена од израелските воздушни и копнени напади по прекуграничната инвазија на Хамас во израелските населби во октомври 2023 година.
Израел соопшти дека дел од целта на блокадата е да се спречат палестинските милитанти да ја пренасочуваат и киднапираат хуманитарната помош. Сепак, Хамас негира дека го сторил тоа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Напад во кривичниот суд во Њујорк, има повредени

Тројца судски службеници денес биле нападнати со нож и повредени во зградата на Кривичниот суд на Менхетен, потврдија два извори од њујоршката полиција кои се запознаени со нападот.
„Осомничениот напаѓач е приведен по нападот врз службениците во зградата на судот на Централната улица во Њујорк. Нападот се случил близу фоајето“, изјавил неименуван полициски извор за NBC.
Еден судски службеник се здобил со посекотини на лицето, друг на вратот, а третиот бил повреден кога осомничениот го фрлил на подот обидувајќи се да побегне, се наведува во извештајот на американската телевизиска мрежа.
Сите тројца повредени се медицински згрижени и се чувствуваат добро, а истрагата е во тек, иако засега не е јасно што бил мотивот за нападот.
Свет
„Ерусалим пост“: Трамп ќе му даде на Иран последна шанса

Американскиот претседател, Доналд Трамп, планира да му упати на Иран последна шанса за договор, објави „Ерусалим пост“, повикувајќи се на американски и европски претставници.
Според неофицијални информации, новата понуда би можела да биде уште поповолна од онаа од пред недела и половина, но сепак би се базирала на американското барање за нулта толеранција за збогатување ураниум.
Според истиот извор, Иран се обидел да посредува со американската администрација преку Оман и Катар со цел да ги запре израелските напади и да ги обнови преговорите за нуклеарната програма. Саудиска Арабија наводно дејствува преку посебен канал со иста цел – постигнување прекин на огнот.
Свет
Претседателот на Иран: Не сакаме ширење на војната

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Иран не сака да ја прошири војната со Израел, но ќе одговори пропорционално на секој напад, пренесува државната иранска новинска агенција.
Пезешкијан ова го рекол за време на телефонскиот разговор со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Иранските научни, воени и цивилни објекти беа под израелска агресија, при што беа убиени цивили, научници и воени водачи“, рече Пезешкијан.
„Иран не ја започна оваа војна, но ќе одговори според нивото на напад“, изјави.
Тој додаде дека учеството на Иран во нуклеарните преговори со САД зависи исклучиво од прекинот на нападите на ционистичкиот режим врз земјите во регионот.
Турскиот претседател Ердоган, според турската државна агенција, му рекол на Пезешкијан дека Турција е подготвена да игра улога на посредник за да помогне во деескалацијата на конфликтот и да го поддржи враќањето на преговорите за нуклеарната програма.