Свет
Папата ја заврши посетата на Монголија, многумина веруваат дека ова патување е порака до Кина
Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско, го заврши историското патување во Монголија, чија главна цел беше да ја посети католичката заедница во оваа азиска земја, но која доби меѓународна конотација поради неговите пораки до соседна Кина за религиозните права и за слободата.
Папата ја заврши својата петдневна посета со отворање на Куќата на милосрдието, повеќенаменска установа за давање привремена здравствена заштита на најзагрозените жители во главниот град на Монголија, како и на бездомниците, жртвите на семејно насилство и мигрантите.
„Вистинскиот напредок на една нација не се мери со економското богатство, а уште помалку со инвестирање во илузорната моќ во оружјето, туку со неговата способност да обезбеди здравје, образование и севкупен развој на својот народ“, рече папата.
Тој исто така рече дека сака да го отфрли митот дека целта на католичките институции е да ги преобратат луѓето.
Монголија беше дел од Кина до 1921 година, а патувањето на папата беше обележано со алузии или апели до соседната суперсила и нејзиното комунистичко владеење, со кое Ватикан има проблеми во односите, објави Ројтерс.
На крајот од неделната миса тој ја поздрави Кина нарекувајќи ги нејзините граѓани благородна нација и побара од католиците во Кина да бидат добри христијани и добри граѓани.
Со зборови, кои изгледаа дека се насочени кон Кина, а не кон Монголија, папата рече дека владите немаат причина да се плашат од Католичката црква бидејќи таа нема политичка агенда. Пекинг се обидува да ги искорени странските влијанија и да наметне послушност кон Комунистичката партија, оценува британската агенција.
Фразата што ја употреби папата во неделата, „добри христијани и добри граѓани“, е онаа што Ватикан често ја користи за да се обиде да ги убеди комунистичките влади дека давање поголема слобода на католиците, само ќе им помогне во социјалниот и економскиот напредок на нивните земји, пишува медиумот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

