Европа
Песков: Без укинување на санкциите за Русија, нема испорака на жито

Мора да се укинат санкциите против Русија за руското жито да биде испорачано на меѓународните пазари, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Глобалната прехранбена криза веќе почна, нејзиниот катализатор не беше украинската криза, туку низа настани и погрешни постапки на владите на разни земји. За да се снабди Западот со руско жито, неопходно е да се укинат санкциите против Русија, кои го спречуваат тоа, но досега нема суштинска дискусија за тоа“, истакна Песков, а пренесува „РИА новости“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Лажен Кличко разговарал со градоначалниците на Берлин, Мадрид и Виена

Градоначалниците на Берлин, Виена и Мадрид разговарале во видео повик со личност која звучела и изгледала како градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, но биле измамени.
Европските градоначалници биле измамени при видео повици за кои се покажало дека се лажни, пишува Гардијан. Градоначалничката на Берлин, Франциска Гифеј во петокот учествуваше во закажаниот разговор на платформата за видео конференции Webex со личност за која рече дека изгледала и звучела како Кличко.
„Немаше знаци дека видеоповикот не бил одржан со вистинска личност“, се вели во соопштението од нејзината канцеларија.
Дури по околу 15 минути наводниот градоначалник на Киев почнал да зборува за проблемот со украинските бегалци. Лицето на видеото, кое се претставувало како Кличко, ги повикало бегалците да се вратат во Украина и да се приклучат на војската.
По таа изјава, на градоначалничката на Берлин и’ станало сомнително. Откако врската накратко била прекината, кабинетот на градоначалничката на Берлин контактирал со украинскиот амбасадор во Германија. Тој стапил во контакт со Киев и потврдил дека личноста во видеоповикот не е вистинскиот Кличко, објави Der Spiegel.
Deep fake снимките користат форма на вештачка интелигенција која создава слики од лажни настани или анимации на политичари кои држат лажни говори.
„За жал, реалноста е дека војната се води со сите средства, вклучувајќи го и Интернетот, со цел да се поткопа довербата со дигитални средства и да се дискредитираат партнерите и сојузниците на Украина“, рече Гифеј.
Ист видео повик имаа и градоначалниците на Виена и Мадрид.
Канцеларијата на градоначалникот на Мадрид, Хозе Луис Мартинез-Алмеида, исто така, поднесе пријава во полиција за некој што лажно се претставувал како Кличко во видео повик. Според неговиот портпарол, градоначалникот веднаш по почетокот на разговорот му се посомневал и го прекинал разговорот.
Градоначалникот на Виена, Мајкл Лудвиг, во средата објави на Твитер дека разговарал со Кличко преку видео повик. Твитот беше избришан во саботата. Набргу потоа, на официјалната страна на Виена беше објавено соопштение дека Лудвиг се чини дека бил жртва на „сериозен случај на сајбер криминал“.
Европа
Илјадници Украинци и Полјаци на ЛГБТ парадата во Варшава: „Русија ни ја одзеде поворката“

Илјадници Полјаци и Украинци денеска маршираат за мир, барајќи да се стави крај на дискриминацијата на ЛГБТ луѓето на заедничката парада на гордоста во Варшава, за која организаторите велат дека се обидува да ги брани слободата и еднаквоста додека војната фрла сенка врз Источна Европа.
Годишната парада на гордоста во украинскиот главен град Киев е откажана поради руската инвазија, поради што ЛГБТ заедницата во Варшава се обедини со Украинците за да организира настан во полската престолнина.
„Русија го одзеде правото за кое се бориме со години, Русија ни ја одзеде поворката, нашиот марш на еднаквост што го одржуваме секоја година од 2012 година во Киев. Затоа маршираме во Варшава“, рече Лени Емсон, извршен директор на „Киев прајд“ кој дојде во Полска на маршот.
Конзервативните ставови кон сексуалната ориентација се широко распространети во двете земји. Полските владејачки националисти го направија она што тие го нарекуваат „ЛГБТ идеологија“ клучно прашање во изборните кампањи, додека екстремно десничарските групи во Украина редовно ги напаѓаа ЛГБТ активистите пред војната.
Но, бидејќи многу ЛГБТ луѓе во Украина се пријавуваат во војската за да ја бранат земјата, активистите рекоа дека се надеваат дека војната може да помогне да се урнат предрасудите.
„Луѓето кои се подготвени да умрат во одбрана на оваа земја, мислам дека имаат право да бидат еднакви, да имаат право, на пример, на граѓански брак“, рече Темур Левчук, ЛГБТ активист во Киев. Тој не можеше да присуствува на маршот во Варшава поради законот со кој се спречуваат украинските мажи на возраст меѓу 18 и 60 години да ја напуштат земјата.
„Сите сме луѓе, без разлика кого сакаме“
Олена Микал, 29-годишна маркетинг менаџер во ИТ компанија со седиште во Киев, која побегнала од Украина во март, рече дека собирот во Варшава бил чин на солидарност со ЛГБТ заедницата во нивната матична земја.
„Тука сум затоа што не можам да одам на парада во Украина. Сите сме луѓе, без разлика кого сакаме“, изјави Микал за „Ројтерс“ непосредно пред почетокот на настанот.
Европа
Абортусот и натаму останува нелегален во Полска, парламентот го отфрли предлогот за легализација

Полскиот парламент го отфрли предлог-законот за легализација на абортусот до 12-та недела од бременоста.
Така, Полска остана една од ретките европски земји со многу строг закон за абортус, објави „Еурактив“.
Абортусот е легален во Полска само во случаи на опасност по животот и здравјето на мајката и во случаи на бременост што настанала како резултат на силување.
Предлогот на граѓанската иницијатива „Законски абортус без компромис“, кој во четвртокот беше одбиен со гласовите на десничарските пратеници во парламентот, подразбира легализација на абортусот во Полска до 12-та недела од бременоста, а по овој рок само во случај на опасност по животот и здравјето на мајката.
Абортусот требаше да биде достапен за сите жени постари од 13 години. Од 460 пратеници во полскиот парламент, 265 гласаа против законот, 175 гласаа за, а четворица беа воздржани.
„Законски абортус без компромис“ предвидуваше и воведување на универзално образование за абортус.
„Дојдов кај вас со предлог-закон со кој се менува законот за да биде во согласност со европските и светските стандарди за заштита на животот и здравјето на жените“, рече Марта Лемпарт, лидерката на организацијата која се залага за правото на абортус во полскиот парламент.
„Овој закон е во спротивност со правото на живот, слободата на совест и изразување и родителското право“, рече пратеничката на владејачката партија Ана Милчановска, најавувајќи дека партијата целосно ќе го отфрли предлог-законот.