Свет
Песков: Поскапата енергија ќе го забрза падот на конкурентноста на Европската Унија
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денес изјави дека транзицијата на Европа кон поскапи извори на енергија наместо руски гас ќе го забрза губењето на нејзиниот економски потенцијал и ќе доведе до пад на конкурентноста на Европската Унија.
„На овој начин Европа се осудува на значително поскапи извори на енергија, што неизбежно ќе има последици за европската економија и ќе доведе до намалување на конкурентноста. Ова само ќе го забрза процесот што веќе е забележан во последните години, а тоа е губење на водечката позиција на европската економија“, рече Песков одговарајќи на прашање за реакцијата на Кремљ на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Европа повеќе нема да зависи од рускиот гас, пренесува „РИА новости“.
Тој истакна дека ако Европа го одбие гасот од Русија, таа ќе биде зависна од извори на енергија кои се поскапи, а понекогаш и значително поскапи од рускиот гас.
Европскиот совет денес објави дека е постигнат договор со Европскиот парламент за постепено укинување на увозот на руски гас до 2027 година како дел од напорите за ставање крај на енергетската зависност од Русија.
Регулативата претставува правно обврзувачка, фазна забрана за увоз и на течен природен гас (ЛНГ) и на гас преку цевководи од Русија со целосна забрана, што ќе почне кон крајот на 2026 година за ЛНГ и есента 2027 година за цевководите.
Како што е наведено во соопштението, ова придонесува за општата цел за постигнување отпорен и независен енергетски пазар на ЕУ, а воедно и за одржување на безбедноста на снабдувањето.
Привремениот договор сега треба да биде одобрен од Советот и од Парламентот пред неговото формално усвојување.
Учеството на рускиот гас во увозот на ЕУ беше 12 проценти во октомври, значително помалку од 45 проценти пред почетокот на војната во Украина во 2022 година, пренесува „Танјуг“.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Земјотрес од 4,9 степени во Мексико
Мексико денес беше погодено од земјотрес со јачина од 4,9 степени по Рихтер, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Според извештаите, епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 10 километри и на 45 километри од Акапулко. Досега нема извештаи за повредени или материјална штета.
JUST IN: 4.9 magnitude earthquake struck Guerrero, Mexico, tremors felt across multiple cities pic.twitter.com/zTJzvWx0LC
— Rapid Report (@RapidReport2025) January 16, 2026
Според исказите на очевидци објавени на веб-страницата на ЕМСЦ потресот бил почувствуван силно, креветите се нишале, а луѓето се буделе, бидејќи земјотресот се случил кратко пред 1 часот наутро по локално време.
Свет
Автобус удри во зграда во центарот на Сеул
Патнички автобус удри во зграда во главниот град на Јужна Кореја, Сеул, објави Ројтерс, повикувајќи се на локални извори.
Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, во инцидентот се повредени 11 лица, а двајца од повредените се во тешка состојба и се префрлени во болница.
Телевизиските снимки од местото на настанот покажаа голем автобус, а предниот дел заглавен во стаклената фасада на зграда. Се чини дека возилото поминало низ широк дел од пешачката зона пред да удри во зградата.
Полицијата соопшти дека во овој момент нема индикации дека возачот бил под дејство на алкохол, но дека планираат да спроведат тест за дрога додека трае истрагата за причината за несреќата.
Фото: ЕПА
Свет
Прекинот на интернетот во Иран трае веќе втора недела
Прекинот на интернетот во Иран влезе во втората недела, а според организацијата „Нет блокс“, режимот го блокирал пристапот до мрежата повеќе од 180 часа.
Иако можноста за повици во странство беше обновена претходно оваа недела, интернет услугите сè уште се недостапни.
Ваквата ситуација го отежнува, иако не и целосно невозможно, добивањето информации, слики и видеа од земјата во реално време. Во исто време, им помага на властите во Техеран во обидот да го контролираат наративот за протестите и немирите.
Фото: depositphotos

