Свет
Пејачот на „Рамштајн“ избирал девојки од концертите, а потоа ги дрогирал и силувал: владата бара итни мерки

Германската влада побара мерки за заштита на женската публика на домашниот култен метал-бенд „Рамштајн“ по обвинувањата против пејачот на групата за сексуална злоупотреба.
„Особено младите мора да бидат подобро заштитени од агресија“, изјави германската министерка за семејство Лиза Паус од зелената партија, а „Рамштајн“, еден од најпознатите европски метал-бендови, е на турнеја низ целиот континент.
Министерката предложи на концертите особено да се воведат заштитни зони за жени и тимови, кои би можеле да интервенираат во случај на сексуална злоупотреба.
Треба бргу и конкретно да разговараме за заштитните мерки, побара министерката, истакнувајќи дека би било „корисно да се води сериозна дискусија за одговорноста на уметниците и организаторите кон посетителите на концертот“.
Пејачот Тил Линдеман е обвинет за сексуална злоупотреба од неколку жени, објавија деновиве државната телевизија NDR и весникот Suddeutsche Zeitung.
Пејачот е осомничен дека избрал група девојки од првите редови на концертите, кои ги поканил на забава по концертот. Две девојки тврдат дека на тие забави биле дрогирани и принудувани на секс, што бендот го демантира.
Според истрагата на неделникот „Велт“, опишан е целиот систем во службата на пејачот, во кој девојките од првиот ред биле снимани и фотографирани за Линдеман (60) да може да ги избере оние што му се допаѓаат.
Оваа недела на Олимпискиот стадион во Минхен треба да се одржат четири концерти, каде што нема да има први редови пред бината, од која пејачот избирал девојки.
„Организаторот нè информира вчера дека нема да има простор за Row Zero или забава по концертот овде“, изјави Тобијас Колер, портпарол на стадионот на кој ќе настапи бендот, за AФП.
„Рамштајн“, кој е основан 1994 година и се откажа од провокациите во своите музички спотови, во наредните недели треба да одржи концерти во Франција, Италија, Швајцарија, Шведска, Белгија, Холандија, Полска и во Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
67 мртви во поплавите во Тексас, загина 21 дете

Бројот на жртви од катастрофалните поплави во Тексас се искачи на најмалку 67 денес, вклучувајќи 21 дете, додека потрагата по девојчињата од летниот камп продолжува трет ден по ред.
Лари Леита, шерифот на округот Кер во регионот Тексас Хил Кантри, епицентарот на поплавите, изјави дека бројот на жртви се искачил на 59, вклучувајќи 21 дете.
Леита рече дека исчезнати се 11 девојчиња и водач на летниот камп во близина на реката Гвадалупе, која се излеа по обилните дождови во централен Тексас на Денот на независноста во петокот.
Другите жртви се од други области погодени од поплавите.
Службениците изјавија дека повеќе од 850 луѓе се спасени, вклучувајќи некои што се држеле за дрвја.
Федералната агенција за управување со вонредни состојби беше активирана денес и распореди спасувачи откако претседателот Доналд Трамп прогласи голема катастрофа, соопшти Министерството за внатрешна безбедност.
Хеликоптери и авиони на крајбрежната стража помагаат во потрагата и спасувањето, соопшти министерството.
Се очекуваат повеќе врнежи во областа во недела, а Националната метеоролошка служба издаде предупредување за ненадејни поплави за округот Кер.
Регион
Македонец меѓу загинатите во Бугарија кога автомобил управуван од 19-годишник се заби во ресторан

Деветнаесетгодишен возач со автомобилот се заби во ресторан во Разград, Бугарија, при што загинаа три лица, меѓу кои 58-годишник, државјанин на Македонија, соопшти бугарската полиција.
Несреќата се случила по полноќ на улицата Гранчарска во градот. Според првичните информации, младиот возач ја изгубил контролата врз автомобилот, што ја предизвикало тешката несреќа. Тестовите за алкохол и дрога на 19-годишниот возач биле негативни, јавуваат бугарските медиуми.
Починатите се лица на возраст од 62, 64 и 58 години, кои биле во објектот во моментот на несреќата.
Свет
Почнуваат преговорите меѓу Израел и Хамас

Катар денес ќе биде домаќин на нова рунда индиректни преговори меѓу Израел и Хамас во обид да се постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа, изјави за АФП палестински извор запознаен со преговорите.
„Медијаторите го информираа Хамас дека новата рунда индиректни преговори меѓу Хамас и Израел ќе почне оваа недела во Доха“, рече изворот, додавајќи дека делегација на палестинското исламистичко движење, предводена од Халил ал-Хаја, веќе е во Доха.
Израелската јавна телевизија објави дека израелската делегација ќе замине за Доха во раните попладневни часови. Овие преговори ќе бидат фокусирани на условите за можен договор за прекин на огнот, особено во врска со ослободувањето на заложниците во Газа и палестинските затвореници во Израел, според истиот извор.
Исламистичкото движење побара значителни испораки на хуманитарна помош на палестинските територии, додаде изворот, како и „гаранции за траен крај на војната“.
Хамас продолжува да бара повторно отворање на преминот Рафа на границата меѓу Појасот Газа и Египет, кој Израел го контролира од мај 2024 година, за да се овозможи евакуација на ранетите.
Според палестински извори запознаени со преговорите, предлогот доставен до Хамас вклучува 60-дневно примирје за време на кое движењето би ослободило 10 живи заложници, како и неколку тела на мртви затвореници, во замена за ослободување на Палестинците што ги држи Израел.
Хамас во петокот објави дека е подготвен „веднаш да започне“ преговори за американскиот предлог за прекин на огнот и дека го проследил „својот одговор“ до катарските и египетските посредници, без да даде детали.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера објави дека бил информиран за „промените што Хамас сака да ги направи во предлогот“ и дека ги смета за „неприфатливи“.
Индиректните преговори треба да продолжат пред средбата меѓу Нетанјаху и американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон.
Канцеларијата на премиерот потврди за АФП дека Нетанјаху ќе отпатува за Соединетите Држави денес околу 17:00 часот по локално време.