Свет
Планиран атентат на италијанската премиерка Џорџа Мелони
Италијанската полиција ја разби неонацистичката група “Werwolf”, која наводно планирала напади врз високи функционери, вклучувајќи го и убиството на премиерката Џорџа Мелони.
Еден 19-годишен маж е меѓу уапсените кои се осомничени дека го планирале атентатот на Мелони.
Во голема акција на италијанската полиција уапсени се 12 членови на неонацистичката група “Werwolf”, обвинети за различни кривични дела, меѓу кои поттикнување насилство, негирање на холокаустот и расна дискриминација.
Групата, која има членови во различни италијански градови, беше цел на полицијата под раководство на Специјализираните антитерористички единици, пренесуваат медиумите во светот.
Уапсени се 12 лица, додека 25 претреси се извршени низ цела Италија.
Членовите на групата, на возраст од 19 до 76 години, биле инспирирани од истоимената нацистичка организација, која дејствувала на крајот на Втората светска војна.
Според истрагата, преку каналите на Телеграм планирале „поттикнување на субверзија на постоечкиот економски, социјален и правен поредок“ и воспоставување авторитарен режим врз основа на „ариевската раса“.
Тие планирале насилни акции, вклучително и напади врз високи функционери, а премиерката ЏорЏа Мелони и економисти од Светскиот економски форум биле меѓу целите, според написите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Гувернерот на Флорида во официјален документ го нарече Мексиканскиот Залив „Американски залив“
Според иницијативата на новиот претседател Доналд Трамп, гувернерот на американската сојузна држава Флорида го нарече Мексиканскиот Залив „Американскиот Залив“ во нова извршна наредба во врска со претстојната зимска бура, јавува Анадолија.
„Површина со низок притисок што се движи низ Американскиот Залив, во интеракција со арктичкиот воздух, ќе донесе широко распространето и значително зимско време во северна Флорида почнувајќи од вторник, 21 јануари 2025 година“, се наведува во извршната наредба на Рон ДеСантис.
Пред бурата што се приближува, ДеСантис прогласи вонредна состојба поради „голема катастрофа“ што може да донесе „сите видови опасни зимски временски настани, вклучувајќи снег, лапавица и замрзнат дожд“.
Употребата на ДеСантис на терминот „Американски залив“ е усогласена со инаугуративното обраќање, во кое Трамп го потврди својот едностран план за преименување на Мексиканскиот Залив. Трамп зборуваше и за проширување на американската територија, спомнувајќи ја можноста за враќање на Панамскиот канал или преземање контрола врз Гренланд.
На прес-конференција пред неговата инаугурација, Трамп најави промена на името на Мексиканскиот залив. „Наскоро ќе го смениме името на Мексиканскиот залив“, рече тој, додавајќи дека фразата „Американски залив“ има „убава конотација“.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Турција, почувствуван и во Грција
Земјотрес со јачина од 5 степени според Рихтеровата скала е регистриран вечерва во 21:38 часот, во западна Турција.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот бил лоциран во областа со географски координати на географска ширина 39,444 и географска должина 26,284.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 1о километри под површината на земјата.
Земјотресот се почувстувал и на 13 километри северно од Митимна, Грција.
Засега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат состојбата.
Свет
Трамп ја суспендира странската помош на 90 дена
Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба за привремено суспендирање на сите американски програми за надворешна помош на 90 дена во очекување на ревизија за да се утврди дали тие се во согласност со неговите политички цели.
Наредбата, меѓу многуте потпишани од Трамп на неговиот прв ден од враќањето на функцијата, наведува дека „странската помошна индустрија и бирократијата не се усогласени со американските интереси и во многу случаи се спротивни на американските вредности“ и „служат за дестабилизирање на светскиот мир преку промовирање идеи во странство“.
Според тоа, Трамп изјави дека „никаква дополнителна странска помош на Соединетите држави нема да биде исплатена на начин што не е целосно конзистентен со надворешната политика на претседателот на САД“.
Државниот секретар Марко Рубио им рече на членовите на Комитетот за надворешни односи на Сенатот за време на неговото сослушување за потврдување минатата недела дека „секој долар што го трошиме, секоја програма што ја финансираме и секоја политика што ја водиме мора да се оправда со одговарање на три едноставни прашања:
„Дали ја прави Америка побезбедна? Дали ја прави Америка посилна? Дали ја прави Америка попросперитетна“.
Наредбата потпишана од Трамп му остава на Рубио да донесе такви одлуки, во консултација со Канцеларијата за управување и буџет. Стејт департментот и Агенцијата на САД за меѓународен развој се главните агенции кои ја надгледуваат странската помош.