Свет
Повеќе од половина од Украинците веруваат дека САД ги принудуваат на неправеден мир, според истражувањата
Повеќе од половина од Украинците, 52 процента, веруваат дека САД вршат притисок врз нивната земја да се согласи на неправеден мир со Русија, според најновото истражување на Киевскиот меѓународен институт за социологија (KIIS), објавено од украинскиот Gwara Media.
Ова претставува значително зголемување во споредба со август кога 38 проценти од граѓаните го делеа ова мислење.
Аналитичарите на Институтот наведуваат дека, и покрај фактот дека Украинците, генерално, сè уште го поддржуваат партнерството со Западот, овој пад на довербата може да влијае на јавното расположение во врска со понатамошниот тек на војната.
„Многу динамична перцепција за американската политика“
Тие објаснија дека зголемувањето на бројот на оние што се сомневаат во американската поддршка е резултат на намалувањето на уделот на граѓани што биле неодлучни за ова прашање во август.
Перцепцијата за американската политика во Украина оваа година, истакнуваат тие, е многу динамична. Во март само 24 проценти од испитаниците ги сметале САД за сигурен сојузник, што е најниско ниво забележано од почетокот на руската инвазија. До почетокот на август тој удел се искачил на 42 процента.
Во исто време, 38 проценти од испитаниците ја гледаа американската политика критички, а еден од пет, или 19 проценти, немаа формирано мислење.
Ставови кон Европа
Анкетата исто така покажа зголемување на бројот на оние што веруваат дека европската поддршка слабее и ја принудува Украина да прави отстапки кон Русија – овој процент сега изнесува 38 проценти, а во август беше 27 проценти. И покрај ова, мнозинството испитаници, 58 проценти, остануваат убедени дека Европа ја поддржува Украина и сака праведен крај на војната.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лукас: Половина Србија се дружи со Ориќ, нема да остапам ни милиметар пред Додик
Српскиот пејач, Аца Лукас изјави дека доживеал неравда по објавената фотографија со Насер Ориќ и дека „нема да отстапи ниту милиметар“ пред Милорад Додик, кој му го забранил концертот на Јахорина.
За „Аваз.тв“ кажа дека фотографијата погрешно се толкува и дека прв пат го видел Ориќ. Лукас истакна дека не знае дали концертот во Сараево му бил забранет поради неговата претходна поддршка на Додик, додавајќи дека „половина Србија и Република Српска се дружат со Ориќ“.
Откако Олимпискиот центар Јахорина официјално го откажа неговиот настап, Додик изјави дека Лукас „го изгубил кредибилитетот за секое идно гостување во РС“. Лукас му возврати дека тој не барал поддршка од Додик, туку обратно, и дека повторно ќе настапува на Јахорина.
Пејачот нагласи дека нема намера да се извинува за нешто што, според него, е преголема реакција и пример за двојни аршини.
Тој додаде дека не бил свесен кој седел до него кога е направена фотографијата и дека не сака да прави поделби по национална основа, туку „луѓето ги дели на добри и лоши“.
Лукас оцени дека целата ситуација е политички мотивирана, дека никого не навредил и најави правни чекори поради забраната за настапот.
Свет
Уапсена поранешната шефица на дипломатијата на ЕУ, Федерика Могерини
Поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и актуелен ректор на Колеџот на Европа, Федерика Могерини, е приведена како дел од истрагата на Европското обвинителство за можна измама во врска со академијата финансирана од ЕУ за млади дипломати, објавуваат белгиските медиуми.
Европското јавно обвинителствопретходно денес објави дека предмет на истрагата е Дипломатската академија на ЕУ, деветмесечна програма за обука на млади дипломати во земјите-членки, која Колеџот на Европа ја доби на тендерот на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАС) во 2021 и 2022 година.
Обвинителството истражува дали ЕЕАС ги прекршила правилата за тендер со споделување доверливи информации со Колеџот пред да му биде доделен проектот.
Поранешната шефица за надворешни работи на ЕУ, Могерини, е приведена на сослушување, потврдија судски извори за белгискиот весник „Стандард“.
Меѓу уапсените е и Стефано Санино, генерален директор на одделот на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и земјите од Заливот, кој беше генерален секретар на ЕЕАС за време на мандатот на Могерини, објавува „Белга“.
Белгиската полиција денес ги претресе канцелариите на ЕЕАС во Брисел, просториите на Колеџот на Европа во Бриж, кој добива средства од ЕУ, како и приватни домови во Белгија, вклучувајќи ја и приватната резиденција на Могерини во Бриж.
Могерини ја предводеше ЕЕАС од 2014 до 2019 година. Од 2020 година, таа е ректор на Колеџот на Европа, а беше избрана и за директорка на Дипломатската академија на ЕУ.
Свет
Ирак ги повика американските компании да го заменат „Лукоил“
Ирачкото министерство за нафта соопшти дека ги поканило американските компании да поднесат понуди за купување на мнозинскиот удел во нафтното поле Западна Курна 2, со кој моментално управува рускиот „Лукоил“. Победникот на тендерот ќе го замени „Лукоил“ како оператор.
Според изворите, ExxonMobil веќе сигнализирал интерес, а интерес покажуваат и BP, TotalEnergies и кинески компании како PetroChina, која управува со соседното поле Западна Курна 1.
„Лукоил“ има 75% од уделот во Западна Курна 2, а остатокот го контролира ирачката државна компанија South Oil Company. По американските санкции воведени во октомври, „Лукоил“ одлучи да го продаде својот странски имот.
Ирак не планира сам да го купи уделот бидејќи проектот е премногу голем за државните компании. Меѓу потенцијалните купувачи се споменуваат и IHC (ОАЕ) и американскиот инвестициски фонд Carlyle, додека швајцарскиот Gunvor се повлекол поради американските регулативи.
Санкциите ја отежнале исплатата на платите и трансферот на пари од „Лукоил“ во Ирак, па владата привремено исплатила заостанати плати за да ја задржи стабилната работа во полето, кое произведува околу 460.000–480.000 барели дневно.
Западна Курна 2 е од клучно значење за Ирак, кој извезува 3,4 милиони барели дневно, а нафтата носи 90% од буџетските приходи на земјата. Производството од ова поле сочинува 0,5% од глобалното производство на нафта.

