Свет
Полицајката што уби 20-годишно момче во Минесота е обвинета за убиство
Поранешната полицајка Ким Потер, која во саботата го уби 20-годишниот Aфроамериканец Донте Рајт, е обвинета за убиство од втор степен, објави Обвинителството.
Потер беше уапсенa, а подоцна ослободенa со кауција од 100.000 американски долари. Убиството доведе до повеќедневни протести и судири меѓу демонстрантите и полицијата во градот Бруклин, центар во американската држава Минесота, а неколку стотици учесници на протестот се собраа повторно пред седиштето на полицијата во средата вечерта и покрај полицискиот час.
Како и претходните ноќи демонстрантите фрлаа шишиња и други предмети кон полицијата, која возврати со солзавец и шок-бомби. Според полицијата, Потер случајно го застрелала Рајт затоа што тој по грешка користел пиштол наместо тајзер. Семејниот адвокат на Рајт, Бен Крамп, смета дека убиството било намерно и дека станува збор за незаконска употреба на сила.
По убиството, Потер и шефот на локалната полиција, Тим Генон, поднесоа оставки. Генон објави снимки од камерите од опремата што ја носеше Потер ден по пукањето.
На видеото се гледа како таа се приближува кон Рајт, кој стоел покрај својот автомобил додека друг полицаец го уапсил со налог за него што сè уште бил во сила. Потерницата била издадена затоа што Рајт не се појавил на суд кога бил обвинет за бегство од полицијата во јуни и поседување пиштол без дозвола. Полицијата соопшти дека го запреле Рајт поради истечените регистарски таблички.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

