Свет
Полска уапси руски агент и ѝ го предаде на Украина
Полска ауспи руски агент и по барање на Службата за безбедност на Украина (СБУ) го екстрадира во Украина. Ова е прв ваков случај од почетокот на руската инвазија на Украина.
Украинските медиуми известуваат дека Кирил Молчанов е руски агент и политички аналитичар од медиумскиот круг на Виктор Медведчук, украински олигарх и кум на Путин. Тој е обвинет за велепредавство.
Против него е поднесено обвинение, објави СБУ. Иако СБУ не го објави неговиот идентитет, полициски извор изјавил за украинските медиуми дека станува збор за Кирил Молчанов. Тој бил уапсен во Полска и сега е во еден од центрите за предсудски притвор во Киев. Ова е првпат од почетокот на руската инвазија агент, кој дејствувал против Украина во информативниот простор, да биде екстрадиран по барање на СБУ.
Според документацијата од истрагата, Молчанов работел истовремено за две руски разузнавачки служби – ФСБ и Службата за надворешно разузнавање на Русија. По наредба на Русите, тој работел на дискредитација на Украина на меѓународно ниво и дестабилизација на внатрешната ситуација во партнерските земји на Украина.
Молчанов исто така бил чест гостин во емисиите на рускиот пропагандист Владимир Соловјов против кого СБУ неодамна поднесе обвинение. Само во 2023 година Молчанов учествувал во емисиите на Соловјов дури 35 пати, каде што ја оправдувал руската вооружена агресија и ширел лажни информации за ситуацијата во Украина.
Покрај тоа, тој организирал протести во земјите на Европската Унија во интерес на Кремљ за време на кои повикал на повлекување на меѓународната поддршка за Украина.
Истражителите го товарат Молчанов за оправдување и негирање на вооружената агресија на Руската Федерација против Украина славејќи ги учесниците во оваа агресија. Тој се соочува со затворска казна од 12 години. Истрагата е во тек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Оставки во врвот на Би-би-си поради спорниот документарец со говорот на Доналд Трамп
Главниот директор на Би-би-си, Тим Дејви, поднесе оставка, а кусо потоа тоа го направи и извршната директорка на „Би-би-си њуз“, Дебора Тернес, по жестоките критики за начинот на кој бил монтиран говорот на Доналд Трамп во документарецот.
Пред новинарите Тернес изјави дека Би-би-си не е институционално пристрасен, но дека презема лична одговорност за направените пропусти.
„Беше привилегија да водам тим од брилијантни новинари“, рече таа.
„Оставката ја поднесов затоа што одговорноста е моја, но Би-би-си останува најдоверлив извор на вести во светот“, додаде Тернес.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп на својата платформа „Тру соушал“ ги нарече новинарите на Би-би-си „корумпирани и нечесни луѓе“ тврдејќи дека биле „фатени како го менуваат неговиот совршен говор од 6 јануари“.
Трамп им се заблагодари на медиумите што го откриле скандалот и изјави дека се работи за „страшна работа за демократијата“.
Документарецот емитуван една недела пред минатогодишните избори во САД прикажал дел од говорот на Трамп од 6 јануари 2021 година, така што се добива впечаток дека тој ги повикал своите приврзаници „да се борат“ и да одат кон Капитол.
Во реалност, спорната фраза „ќе се бориме жестоко“ се појавува во сосема друг дел од говорот, а не непосредно пред повикот кон маршот, што предизвика обвинувања за манипулација.
Во својата порака до персоналот Тим Дејви наведе дека одлуката е целосно негова. Тој призна дека имало грешки и дека како главен директор мора да ја преземе конечната одговорност.
Иако не го наведе скандалот како единствена причина, рече дека дебатата за „Би-би-си њуз“ придонела кон неговата одлука.
Претседателот на корпорацијата, Самир Шах, го нарече ова тежок ден и ѝ се заблагодари на Тернес за нејзината работа.
Министерката за култура Лиза Нанди му се заблагодари на Дејви за „водството во време на големи промени“.
Конзервативната политичарка Кеми Баденок изјави дека е „исправно што Дејви и Тернес презеле одговорност“, но додаде дека „културата на Би-би-си сè уште не се променила“.
Либералниот демократ Ед Дејви побара „нова страница и враќање на довербата“ во јавниот сервис, а Најџел Фараж порача дека ова е „последната шанса за Би-би-си“ и дека е време за ново раководство од приватниот сектор.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Јапонија
Денес, Јапонија беше погодена од силен земјотрес со магнитуда од 5,8 степени според Рихтеровата скала, според податоците од Геолошкиот завод на САД.
Земјотресот, на длабочина од 11,2 километри, го погоди Јамада, крај брегот на источната префектура Ивате, околу 16.23 часот по локално време.
Според податоците од Јапонската метеоролошка агенција, земјотресот бил со јачина од 3 степени според јапонската сеизмичка скала од 7.
Нема извештаи за предупредување за цунами или материјална штета.
Еден ден претходно, земјотрес со магнитуда од 6,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Ивате на длабочина од 10 километри.
Јапонската метеоролошка агенција издаде предупредување за цунами, кое подоцна беше укинато.
Фото: принтскрин
Свет
Москва ги негира наводите дека Лавров ја изгубил довербата на Путин
Кремљ соопшти дека Сергеј Лавров активно работи како министер за надворешни работи на Русија со порака да се игнорираат шпекулациите на западните медиуми дека можеби ја изгубил наклонетоста кај претседателот Владимир Путин.
75-годишниот Лавров, ветеран дипломат познат по својот цврст стил на преговарање, отсуствуваше од голем состанок во Кремљ минатата недела, на кој требаше да присуствува. Исто така, Путин избра некој друг да присуствува на самитот на Г20 во Јужна Африка подоцна овој месец наместо Лавров, кој редовно ја извршуваше оваа функција во минатото.
Кремљ во петокот ги отфрли шпекулациите дека Лавров ја изгубил наклонетоста кај Путин откога напорите за организирање самит меѓу рускиот претседател и Доналд Трамп беа замрзнати минатиот месец.
„Ројтерс“ и други медиуми во тоа време објавија дека Вашингтон го откажал новиот самит откога министерството на Лавров испратило порака во која се вели дека Москва не е подготвена да отстапи од своите барања во врска со Украина.
Британскиот „Фајненшл тајмс“ цитирал извор, кој сугерирал дека исходот од разговорите на Лавров со Рубио го обесхрабрил Вашингтон.
Лавров во петокот изјави дека е подготвен да се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио бидејќи двајцата ја разбираат потребата од редовна комуникација.

