Свет
Последните зборови на Чарли Кирк пред атентатот: Куршум го погоди соработникот на Трамп додека зборуваше за насилство
Сѐ уште е во бегство осомничениот за атентатот на Чарли Кирк, младиот конзервативен активист, кој беше застрелан во вратот додека говореше на Универзитетот во Јута.
Единствената трага што властите ја имаат е наводно лице снимено на покривот на зграда спроти местото од каде што Кирк говореше во средата попладне.
Според информациите на официјалните лица, фаталниот куршум бил испукан од 60-ина метри оддалеченост од местото на кое седел Кирк.
Истовремено, има остри критики за недостигот на безбедносни мерки за време на говорот на 31-годишникот, кој се сметаше за гласот на младите за Трамп во САД.
На прес-конференција неколку часа по убиството, портпаролот на полицијата изјави дека шест негови колеги биле присутни на настанот, на кој присуствувале речиси 3.000 луѓе.
„Во толпата имаше и неколку полицајци во цивилки“, додаде тој. Според него, Кирк имал и свој тим за обезбедување, кој бил во координација со полицијата.
Последните зборови на Кирк
Кирк, кој седеше под шатор облечен во едноставна бела маица со натпис „Слобода“ и црни панталони, одговараше на прашања од публиката.
Нападнат бил кога еден член на публиката зел микрофон и го провоцирал прашувајќи за масовните пукања во САД.
„Дали знаете колку транс-Американци извршија масовни пукања во последните 10 години?“, праша членот на публиката. Кирк одговори: „Многу“, на што толпата бурно реагирала.
Истиот човек потоа рече дека бројката е „пет“ и го праша Кирк дали знае колку вооружени масовни стрелци имало во Америка во последните 10 години.
„Дали ги броиме бандите или не?“, биле последните зборови на Кирк пред да биде погоден во врат. Тој паднал од столот.
Толпата почнала да вреска и да бега, а обезбедувањето бргу го однело Кирк во приватен автомобил и го пренеле во болница, каде што починал.
Полицијата засега не соопштила кој е осомничениот за убиството на соработникот на Трамп ниту, пак, кој е мотивот зад атентатот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Унгарија ја тужи ЕУ поради забраната за увоз на руски гас
Унгарија покрена постапка пред Европскиот суд на правдата против одлуката на Европската Унија за забрана на увоз на природен гас од Русија, објави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.
Сијарто тоа го соопшти на платформата „Икс“, откако во правната база на податоци на ЕУ беше објавена регулативата за постепено напуштање на рускиот гас. Намера да ја тужи ЕУ пред судот со седиште во Луксембург најави и Словачка.
Унгарскиот министер тврди дека Унгарија и Словачка не смееле да бидат прегласани при донесувањето на одлуката кон крајот на јануари. Според него, станува збор за одлука која има карактеристики на санкции и како таква требало да биде донесена едногласно, пренесе „ДПА“. Останатите 27 земји-членки на ЕУ мерката за забрана на увоз на руски гас ја третираат како прашање од трговската политика, за што е доволно квалификувано мнозинство, наведува агенцијата.
Сијарто во својата објава истакна дека европските договори јасно укажуваат дека секоја земја-членка самостојно одлучува за своите извори на енергија и добавувачи.
Тој се повика и на принципот на енергетска солидарност, кој, според неговите зборови, подразбира сигурност во снабдувањето со енергија за сите земји-членки. Тврди дека овој принцип се крши во случајот на Унгарија, која без увоз на руски гас, како што наведува, располага само со поскапи и понесигурни алтернативи.
Сијарто слични критики упати и кон Хрватска минатата година, обвинувајќи ја дека неприродно ги зголемила цените за транзит на нафта и дека нејзиниот нафтовод е недоверлив. Хрватската влада и компанијата ЈАНАФ тогаш ги отфрлија тие обвинувања, а унгарскиот министер Хрватска ја нарече и „воен профитер“, потсетува „Индекс.хр“.
Европската Унија донесе одлука според која увозот на руски гас мора да запре до крајот на 2027 година.
Унгарија е силно зависна од овој енергент и, од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина, не презела конкретни чекори за намалување на зависноста од Русија, наведува „ДПА“, додавајќи дека унгарскиот премиер Виктор Орбан се смета за еден од најблиските сојузници на Кремљ во рамките на ЕУ.
Свет
Ново Мексико ја тужи Мета: „Профитот пред безбедноста на децата“
Во Санта Фе денеска започнува големо судење против компанијата Мета, второ вакво оваа година, по обвиненија дека свесно им овозможила на предатори да ги користат „Фејсбук“ и „Инстаграм“ за сексуална експлоатација на деца, ставајќи го профитот пред безбедноста. Тужбата ја поднесе државата Ново Мексико, по истрага која утврдила сериозни пропусти во заштитата на малолетниците, пишува Гардијан.
Главниот државен обвинител Раул Торез тврди дека платформите на Мета создале опасна средина за деца, изложувајќи ги на злоупотреби, уцени и трговија со луѓе. Според тужбата, дизајнот и деловните модели на компанијата го фаворизирале ангажманот на корисници, а не безбедноста. Торез претходно изјави дека Мета е „најголемото глобално пазариште за предатори и педофили“.
Мета ги отфрла обвинувањата, наведувајќи дека со години соработува со експерти и вовела мерки за заштита на младите, како тинејџерски профили и родителски контроли.
На судењето се очекува изнесување докази од тајна полициска операција, интерни документи според кои околу 100.000 деца дневно доживуваат сексуално вознемирување на платформите, како и наводи дека компанијата профитирала од реклами поврзани со проблематична содржина. Случајот доаѓа во време кога сè повеќе судови ја преиспитуваат правната заштита на технолошките компании според таканаречениот Оддел 230.
Свет
Кремљ потврди нова рунда преговори за крај на војната во Украина
Кремљ потврди дека оваа недела ќе се одржи нова рунда преговори за завршување на војната во Украина, со посредство на САД, и покрај продолжените борби. Според Кремљ, разговорите ќе се одржат во среда и четврток во Абу Даби, каде што се одржа и претходниот состанок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека средбата била кратко одложена поради преклопување на распоредите. Украинскиот претседател Володимир Зеленски потврди дека ќе испрати делегација на преговорите.
Песков ги опиша разговорите како „многу сложени“.
Како главна пречка останува прашањето за територијата, односно дали Русија ќе ги задржи окупираните делови од Украина, особено на истокот на земјата.

