Свет
Постојат начини да се кандидирам за трет мандат, рече Трамп; Уставот на САД дозволува два мандати

Американскиот претседател Доналд Трамп во телефонско интервју за NBC изјави дека не се шегува кога зборува за можноста за трет претседателски мандат, додавајќи дека е премногу рано да се размислува за тоа.
Трамп не ја отфрли можноста повторно да се кандидира за Белата куќа и покрај фактот што Уставот на САД, според 22-от амандман, јасно забранува повеќе од два мандати. Трамп рече дека има начини тоа да се направи.
„Многу луѓе сакаат да го сторам тоа“, рече Трамп.
„Но, најмногу им велам дека ни претстои уште долг пат, знаете дека сме само на почетокот на мандатот? Јас сум фокусиран на она што е пред мене сега“, додаде тој во еден од неговите најдиректни коментари досега на тема можен трет мандат.
На прашањето дали навистина сака уште еден мандат, Трамп одговори: „Сакам да работам“. На прашањето дали е сериозен, тој рече: „Не се шегувам. Но, не е тоа… рано е да се зборува за тоа“.
На прашањето дали веќе видел конкретни планови што ќе му овозможат да се кандидира за трет мандат, тој одговори: „Постојат начини на кои тоа може да се направи“.
Ен-Би-Си Њуз спомена можно сценарио во кое потпретседателот Џеј-Ди Венс би се кандидирал за претседател, а потоа власта би ја префрлил на Трамп. Трамп одговори: „Тоа е една опција. Но има и други“. На прашањето дали може да открие други можности, Трамп отсечно рече: „Не“.
Промената на Уставот за да се отстранат ограничувањата на претседателските мандати е процес кој е исклучително тежок – потребно е двотретинско мнозинство во Конгресот или поддршка од две третини од државите за да се свика уставна конвенција, а потоа ратификација во три четвртини од државите.
Трамп ги наведе резултатите од анкетата, велејќи дека многумина сакаат тој да остане претседател и по трет мандат. Тој и претходно ја коментираше идејата за трет мандат, иако многу републиканци неговите изјави ги протолкуваа како шега или провокација насочена кон неговите противници.
Претставникот Енди Оглс од Тенеси веќе подготви резолуција со која ќе се овозможи продолжување на претседателскиот мандат, што би ја отворило вратата за Трамп повторно да се кандидира.
Во меѓувреме, неговиот близок соработник Стив Банон изјави во интервју дека верува оти Трамп повторно ќе се кандидира и ќе победи во 2028. Во истото интервју, тој исто така рече дека постојат различни начини на кои може да се заобиколи уставната граница од два мандата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ердоган до Иран: Обновувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот пат до решение

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рекол на иранскиот министер за надворешни работи дека продолжувањето на нуклеарните преговори со САД е единствениот начин за решавање на конфликтот со Израел и спорот околу иранската нуклеарна програма, објави Ројтерс.
Ердоган денеска во Истанбул се сретна со заменик-шефот на иранската дипломатија Абас Аракчи и изјави дека Турција е подготвена да ја преземе улогата на посредник во повторното започнување на преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
Турскиот претседател оцени и дека израелскиот напад врз Иран непосредно пред евентуалниот почеток на преговорите со САД е „чин на саботажа“.
Регион
(Видео) Патики што инфлуенсер ги донирал во Црвен крст во Германија завршиле во продавница во Босна, ги следел со ГПС

Инфлуенсер решил да почне интересен експеримент и да провери што навистина се случува со работите кои луѓето ги донираат во Црвениот крст. Тој ги зел своите патики во кои го сокрил уредот за следење и ги однел во делот за донирање чевли. Не знаел колку брзо патиките ќе тргнат на пат.
По само неколку дена, благодарение на ГПС сигналот, успеал да ја следи нивната рута. Патиките од Германија тргнале кон Австрија, потоа ја преминале словенечката граница, продолжиле низ Хрватска и на крајот застанале во Босна и Херцеговина. Целото патување траело само шест дена, а на крајот стигнале во продавница за втора рака.
Заинтригиран, инфлуенсерот решил да тргне во потрага по своите патики. Купил билет, се качил во авионот и пристигнал во продавницата. Со насмевка на лицето ги пронашол своите патики – истите кои лично ги донирал.
View this post on Instagram
Тој го прашал продавачот од каде ја набавуваат робата за продажба, на што му било кажано дека неговиот шеф работи во Германија и дека повеќето работи доаѓаат од таму, пренесе „Телеграф“, а разговорот е прикажан во видеото.
На крајот, инфлуенсерот отворено ја изрази својата збунетост и загриженост.
Свет
Израел: Иранската револуционерна гарда се обиде да нападне наши граѓани на Кипар

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека Иранската револуционерна гарда се обидела да изврши напад врз израелски граѓани на Кипар, но дека планот бил спречен благодарение на соработката на кипарските и израелските безбедносни служби.
Саар го објави ова на платформата „Икс“, без да даде дополнителни детали за наводниот напад. Иран се уште не се огласил. Претходно денеска кипарските власти потврдија дека уапсиле британски државјанин под сомнение за тероризам и шпионажа.
Според локалните медиуми, осомничениот од средината на април ја набљудувал британската воена база РАФ во блискиот Акротири, како и кипарската база.
Засега не се знае дали ова лице има некаква врска со наводната завера која ја спомена израелскиот министер.