Регион
Почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на „Гранд продукција“
По кратко и тешко боледување денес почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на „Гранд продукција“, еден од највлијателните луѓе во српскиот шоу-бизнис. Роден е на 24 април 1954 година во Нови Сад.
„Со неискажлива тага ја известуваме јавноста дека денеска, по кратко и тешко боледување, почина Саша Поповиќ, основач и креативен директор на Гранд продукција. Александар Саша Поповиќ низ децениската работа беше визионер и посветен професионалец. Преку музиката и телевизијата, тој откри и поддржа бројни таленти, обликувајќи го звукот и духот на една ера“, соопштија од продукцијата.
Како млад имал голема љубов кон фудбалот, а извесен период тренираше во клубот Војводина.
Неговиот татко бил мултиинструменталист и пејач на Радио Војводина, поради што сакал неговиот наследник да влезе во светот на музиката и да почне да свири хармоника.
Многумина го паметат од периодот кога свиреше хармоника и беше дел од групата „Слатки грех“, но во светот на музиката влезе многу порано.
Во 1976 година го основа бендот „Лира шоу“, кој изведуваше народна музика. Бендот се засили кога им се придружи Лепа Брена како водечка пејачка.
После тоа, во 1982 година, групата го менува името во „Слатки грех“ и тргнува на турнеја низ поранешна Југославија, постигнувајќи голем успех.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.
Регион
(Видео) Снегот уриваше дрвја и оштети автомобили во Белград
Обилниот снег што падна во Србија во неделата предизвика проблеми во сообраќајот, прекини во електричната енергија и го отежна секојдневниот живот на граѓаните, а новиот удар на зимата беше особено видлив во Нов Белград, каде што обилните снежни врнежи соборија дрвја, а гранки паднаа врз паркираните автомобили.
Во една белградска населба, снегот беше доволно силен за да собори неколку дрвја и дебели гранки од улиците и зелените површини, предизвикувајќи штета на некои автомобили.
Снежните врнежи во поголемиот дел од Србија беа пообилни од вообичаените за ова време од годината.
Во некои области наврнаа повеќе од 25 сантиметри снег за помалку од 24 часа, предизвикувајќи доцнења во сообраќајот и летовите од аеродромот во Белград, како и привремени проблеми со електричната мрежа во планинските области.

