Свет
По неколку децении активиран е членот 99. Израелците: Шефот на ОН го загрозува светскиот мир

Министерот за надворешни работи на Израел го нарече генералниот секретар „закана за светскиот мир“ додека Антонио Гутереш за првпат во својот мандат активираше член во кој го повикува Советот за безбедност да спречи хуманитарна катастрофа во Појасот Газа.
Тешката загуба на животи во Појасот Газа и Израел за релативно краток временски период ја поттикна одлуката на Гутереш да се повика на членот 99 од Повелбата на ОН во писмо до Советот за безбедност, за првпат откако ја презеде функцијата во 2017 година.
„Соочен со сериозен ризик од колапс на хуманитарниот систем во Газа, го повикувам Советот да помогне да се спречи хуманитарна катастрофа и апелирам за прогласување хуманитарен прекин на огнот“, објави Гутереш на X (поранешен Твитер). Членот 99 му дозволува на генералниот секретар да го насочи вниманието на Советот за безбедност кон „секое прашање што, според него, може да го загрози одржувањето на меѓународниот мир и безбедност“.
Израелскиот министер за надворешни работи Ели Коен остро го критикуваше потегот на Гутереш.
„Мандатот на Гутереш е опасност за светскиот мир. Неговото барање за активирање на членот 99 и повик за прекин на огнот во Газа претставува поддршка за терористичката организација Хамас и одобрување за убиство на стари лица, киднапирање бебиња и силување на жени“, објави Коен на X.
„Секој кој го поддржува светскиот мир мора да го поддржи ослободувањето на Газа од Хамас“, додаде тој.
Генералните секретари со децении не се повикуваат на членот 99.
Нема директни последици од повикувањето на член 99. Сепак, треба да се очекува дека Советот за безбедност ќе се состане оваа недела за да разговара за ова прашање и дека Гутереш исто така ќе биде присутен. Вообичаено е членовите на Советот за безбедност сами да одлучуваат кои прашања ги сметаат за закана за светскиот мир и затоа да ги стават на дневен ред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Единаесет рудари загинаа во експлозија на бомба во Пакистан

Единаесет рудари загинаа, а шестмина се повредени откако бомба разнесе камион во југозападен Пакистан, соопштија во понеделникот локалните власти, пренесе Ројтерс.
Камионот превезувал работници во рудник во областа Харнаи во провинцијата Балуџистан, каде Пакистан се соочува со сепаратистички бунт.
„Импровизирана експлозивна направа била поставена покрај патот и експлодирала кога камион со рудари пристигнал на местото на несреќата“, изјавил претставник на паравоените сили.
Службеникот, кој сакаше да остане анонимен, додаде дека е можно да се работи за уред со далечински управувач.
Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, јавува Ројтерс.
Заменик-комесарот на регионот Хазрети Вали Ага изјави дека во камионот имало 17 рудари кога експлодирала бомбата. Лекар од локалната болница изјави дека двајца од ранетите се во критична состојба.
Свет
Авион принудно слета по тепачка на четворица патници

Поради расправија меѓу четворица патници, турски авион на релација Анталија-Астана принудно слета во Ерзурум.
И покрај напорите на стјуардесите на авиокомпанијата „Пегасус“ да ги смират патниците кои започнале расправија, конфликтот прераснал во тепачка, објави турскиот портал „Созџу“.
Пар од Украина и двајца патници од Казахстан се скарале само неколку минути по полетувањето на авионот, а причината за конфликтот се уште не е позната.
И покрај напорите на стјуардесите на авиокомпанијата „Пегасус“ да ги смират патниците кои започнале расправија, конфликтот прераснал во тепачка, објави турскиот портал „Созџу“.
По инцидентот, за да ја осигураат безбедноста на останатите патници во авионот, надлежните ја однеле раскараната четворка во полициска станица да дадат изјави.
На приведените патници им биле извршени лекарски прегледи во Градската болница во Ерзурум и Универзитетската истражувачка болница Ататурк.
По инцидентот, авионот чекал околу еден час на аеродромот во Ерзурум и откако ги евакуирал патниците, повторно полетал и го продолжил летот за Астана.
Свет
Орбан: Трамп ќе го пресече Гордиевиот јазол во Украина, тоа го сакавме

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека претстојните преговори меѓу САД и Русија се за ставање крај на војната во Украина, велејќи дека тоа го сака Унгарија. „Алелуја, ова е она што го сакавме“. Ова е она на што се обложуваме.
На ова се заснова нашата унгарска стратегија: војната не смее да трае, новиот американски претседател (Доналд Трамп) ќе биде тука, а бидејќи Европејците се неспособни и парализирани, тој ќе го пресече Гордиевиот јазол и ќе направи мир“, изјави Орбан за јавниот сервис, пренесе МТИ.
Унгарскиот премиер посочи дека санкциите на ЕУ против Русија секоја година ја чинат Унгарија 6,5 милијарди евра, вкупно 20 милијарди евра.
„Со новиот американски претседател и мир, Русија ќе се реинтегрира во светската економија, што ќе даде огромен поттик на унгарската економија“, рече Орбан.
Орбан додаде дека брзи промени се случуваат во областите миграција, зелени политики, родови прашања, семејство и христијанство, но дека Европа „се спротивставува“.
Како што рече, Унгарија секогаш размислувала во склад со актуелните позиции на американскиот претседател Доналд Трамп, пренесува Танјуг.