Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Поранешниот шеф на НАТО: Освојувањето на Гренланд би значело крај на светскиот поредок
Насилното преземање на Гренланд од страна на САД би значело „крај на светскиот поредок каков што го познаваме“, изјави поранешниот генерален секретар на НАТО и поранешен дански премиер Андерс Фог Расмусен, пренесува „Фајненшел тајмс“.
Расмусен го спореди јазикот што го користи Доналд Трамп за Гренланд со јазикот на „гангстери“ во Русија и Кина, кои САД, според него, би требало да се обидат да ги контролираат.
„За мене тоа беше болен процес. Од детството ги сметав САД за природен водач на слободниот свет. Дури зборував за САД како за светски полицаец“, изјави Расмусен, кој испратил дански трупи да се борат заедно со САД во Авганистан.
„Сега гледаме дека САД користат јазик што е прилично сличен на гангстерите што треба да ги контролираат – во Москва, Пекинг итн.“, додаде тој.
Расмусен исто така предупреди дека ваквите поделби на Запад му одат во прилог на Кремљ.
„Убеден сум дека Москва се надева Гренланд да стане санта мраз што ќе го потопи НАТО“, рече тој, заклучувајќи: „Значи, ова е прашање што оди подалеку од Данска и Гренланд… Освојувањето на Гренланд би било крај на светскиот поредок каков што го познаваме.“
Свет
(Видео) Подот попуштил за време на забава: се урна цел кат од зграда во Париз, има повредени
Петтиот кат на станбена зграда во 11. арондисман во Париз се урнал во текот на изминатата ноќ врз четвртиот кат од истата зграда, во момент кога околу педесет лица биле собрани на забава во станот чиј под се урнал, при што 20 лица биле повредени, соопшти противпожарната бригада во француската престолнина.
При уривањето на катот од зградата, кое се случило кога подот на приватен стан на петтиот кат се урнал за време на прослава, едно лице било тешко повредено и доживеало срцев застој, а 19 лица се здобиле со полесни повреди, пренесе телевизијата „БФМ“.
Un appartement du 5e étage d’un immeuble situé rue Amelot, dans le 11e arrondissement, s’est effondré sur un autre du 4e étage cette nuit. Une vingtaine de personnes sont blessées Sur place, des constatations sont faites dans le logement. @actufrparis #Paris #pompiers #logement pic.twitter.com/tHsnWLpRM4
— Antoine Grotteria (@AntoineGROTTER1) January 18, 2026
Пожарникарите од урнатините ги извлекле сите повредени, од кои итните служби пренеле 16 лица во болница.
Противпожарната бригада била известена во 00:20 часот дека петтиот кат од зградата со шест ката, на адреса улица Амело број 34, се урнал врз четвртиот кат.
По инцидентот, зградата, заедно со уште две соседни згради, била евакуирана, но станарите од двете соседни згради во текот на ноќта се вратиле во своите станови. Во интервенцијата учествувале 125 пожарникари и околу 40 возила.
Фото: илустрација
Свет
Педро Санчес: Американска инвазија на Гренланд би го направила Путин најсреќниот човек на светот
Шпанскиот премиер, Педро Санчес, изјави дека евентуална американска инвазија на Гренланд би го направила рускиот претседател Владимир Путин најсреќниот човек на светот.
„Ако се фокусираме на Гренланд, морам да кажам дека американска инвазија на таа територија би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што би го легитимизирала неговиот обид за инвазија на Украина“, рече Санчес во интервју за весникот „Вангардија“, пренесе „Ројтерс“.
Санчес оцени дека секоја воена акција на Соединетите Американски Држави против островот, кој е данска автономна територија, би му наштетила на НАТО и би ја легитимизирала руската инвазија на Украина.
„Ако Соединетите Држави употребат сила, тоа би била смртна пресуда за НАТО. Путин би бил двојно среќен“, заклучи Санчес.
Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати изјави дека нема да се задоволи со ништо помалку од сопственост над Гренланд, додека лидерите и на Данска и на Гренланд одговорија дека островот не е на продажба и дека не сака да биде дел од САД.

