Свет
По санкциите кон Иран, значителен пораст на цената на нафтата

На азиските берзи цените на акциите паднаа, додека цените на нафтата драстично се зголемија еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп одлучи повторно да воведе економски санкции против Иран.
На Токиската берза, индексот Nikkei падна за 0,4 отсто, додека цените на акциите во Сингапур и Јужна Кореја се намалија меѓу 0,2 и 0,4 отсто. Берзанските индекси во Шангај, Австралија и Хонг Конг се зголемија меѓу 0,1 и 0,3 проценти.
На азиските берзи владее претпазливост, како и вчера на Вол стрит, откако американскиот претседател најави дека САД се повлекуваат од меѓународниот нуклеарен договор со цел да го спречат Иран да развива нуклеарно оружје и дека веднаш ќе воведат економски санкции врз Техеран.
Одлуката на Трамп го зголемува ризикот од конфликт на Блискиот Исток и ги нарушува односите меѓу САД и нивните европски сојузници. Покрај тоа, санкциите на САД би можеле да го нарушат работењето на многу азиски компании кои функционираат во Иран.
Од друга страна, поради стравувањата на инвеститорите дека санкциите ќе ја прекинат испораката на нафта од Иран, цената на црното злато рапидно се зголеми.
Цената по барел на пазарот во Лондон утрово скокна за 2,5 отсто на 76,75 долари, што е највисоко ниво во последните три и пол години. На американскиот пазар, пак, цената за барел порасна за 2,2 отсто на 70,60 долари, што е блиску до највисокото ниво од ноември 2014 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
ЕУ воведе санкции против Иран

Европската Унија денес потврди дека повторно воведе санкции против Иран откога оваа одлука ја донесоа и Обединетите нации, а како резултат на несогласувањето меѓу Западот и Техеран во врска со нуклеарната програма на земјата.
Строги санкции
Блокот од 27 земји одлучи „повторно да воведе голем број рестриктивни мерки поврзани со активностите на Иран за ширење нуклеарно оружје“, се вели во соопштението на Советот на министрите на ЕУ во понеделникот.
Оваа одлука е донесена во согласност со повторното воведување на санкциите против Иран за кое одлучи Советот за безбедност на Обединетите нации во саботата вечерт.а
Овие санкции се насочени кон компании, субјекти и поединци, кои директно или индиректно придонесуваат за нуклеарната програма на Иран или развојот на балистички ракети преку обезбедување на потребната опрема, знаење или финансирање.
Европските санкции ги вклучуваат оние наметнати од ОН, но и други мерки, како што се замрзнување на средствата на централната банка на Иран и неколку трговски и економски санкции.
Русија и Кина против
Иран го осуди повторното воведување на овие санкции како неоправдано. Заедно со Русија и Кина го смета враќањето на санкциите за нелегален чин.
Бидејќи не беше постигнат договор со Техеран, механизмот за повторно воведување санкции, познат како snapback, активиран на 28 август од групата E3 (Германија, Франција и Обединетото Кралство), е во сила од недела.
Ова ги реактивира претходните одредби што беа суспендирани од нуклеарниот договор од 2015 година, познат и како Заеднички сеопфатен план за акција (JCPOA).
E3 систематски предупредува дека Иран збогатува ураниум до нивоа далеку над оние потребните за цивилни цели. Иран моментно поседува речиси 450 килограми ураниум збогатен до 60 проценти и се приближува до збогатување од 90 проценти, што би овозможило производство на осум до 10 атомски бомби, според европските експерти.
Фото: принтскрин
Свет
Израелските семејства на заложниците испратија писмо до Трамп: „48 од нив треба да се вратат дома“

Семејствата на заложниците држени во Појасот Газа испратија писмо до американскиот претседател Доналд Трамп пред неговата средба со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
„Ве молам, господине претседателе, не запирајте. Ни требате. Наши сакани татковци, браќа, сестри и деца, 48 од нив треба да се вратат дома“, се вели во писмото на Форумот на семејствата на киднапираните и исчезнатите лица. Израелската влада верува дека 20 од 48-те заложници сè уште се живи. Според извештаите на медиумите, Трамп има намера да му презентира на Нетанјаху план од 21 точка за прекин на огнот.
Овој план наводно вклучува итно ослободување на преостанатите заложници на Хамас во замена за стотици палестински затвореници, како и повлекување на израелската армија од крајбрежниот појас. Палестинската милитантна група Хамас нема да игра никаква улога во идната администрација на Појасот Газа, а на Израел исто така не му е дозволено да ја анектира територијата. Наместо тоа, крајбрежната зона ќе биде управувана од преодна влада.
Семејствата му се заблагодарија на Трамп
Ултрадесничарските коалициски партнери и претставниците на доселениците го зголемија притисокот врз израелскиот премиер пред состанокот. Тие го повикуваат Нетанјаху да анектира делови од окупираниот Западен Брег и да не ја прекинува војната во Појасот Газа без целосен воен пораз на Хамас, објави „Тајмс оф Израел“.
Семејствата на заложниците, од друга страна, бараат од Трамп „цврсто да се спротивстави на сите обиди за саботирање на предложениот договор“. „Вашиот двоен фокус на прекинување на војната и враќање на сите 48 заложници дома е во спротивност со продолжената војна што Израел ја води во моментот. Сакаме да ви се заблагодариме што храбро стоите зад вашите убедувања“, се вели во соопштението.
Фото: принтскрин
Свет
Финскиот претседател му одговори на Лавров: Не сме во војна со Русија

Претседателот на Финска, Александар Стуб, во интервју за американскиот телевизиски канал Си-ен-ен изјави дека неговата земја и нејзините сојузници во НАТО не се во војна со Русија реагирајќи на изјавите на шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров.
„Не сме во војна со Русија“, нагласи финскиот претседател во разговор со новинарката Ерин Барнет коментирајќи ги зборовите на Лавров дека Западот ѝ објавил војна на Москва.
На состанокот на министрите од Г20 рускиот министер за надворешни работи изјави дека НАТО и Европската Унија „ѝ објавија војна на Русија преку Украина“ и дека се директно вклучени во конфликтот.
Финска стана членка на НАТО минатата година, а нејзината граница со Русија е долга повеќе од 1.300 километри, што ја прави оваа нордиска земја еден од најважните безбедносни столбови на алијансата во северна Европа.
Стуб рече дека Финска останува посветена на заедничката безбедност во рамките на НАТО, но и дека нејзината политика не е насочена кон директна конфронтација со Москва.
Фото: принтскрин