Свет
По тензичната средба со Зеленски, Трамп може да ја стопира помошта за Украина
Претседателот на САД, Доналд Трамп, би можел да ја укине помошта за Украина, тврди неименуван извор од Белата куќа за весникот Њујорк Тајмс.
По прекинатата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, Трамп размислува да ја укине целата американска помош за Украина, вклучително и испораката на муниција и опрема, кои беа одобрени и платени за време на мандатот на поранешниот претседател Џо Бајден.
Тој исто така наведе дека Трамп би можел да ја стопира и индиректната помош за Украина, што вклучува различни форми на воено финансирање, разузнавачка соработка, обука на украински војници и пилоти, како и функционирањето на меѓународниот центар за управување со помош во американската воена база во Германија.
Европските држави досега ѝ доделиле на Украина помош во вредност од 138 милијарди долари, додека американската воена и хуманитарна помош изнесува 119 милијарди долари.
По расправијата со украинскиот претседател, Трамп изјави дека Зеленски не ги почитува САД и дека не е подготвен за мир.
Зеленски, пак, по напуштањето на средбата во Белата куќа, изјави дека го почитува Трамп, но дека не гледа причина да му се извини.
„Го почитувам претседателот и го почитувам американскиот народ… Мислам дека мораме да бидеме отворени и искрени. Не сум сигурен дека направивме нешто лошо“, изјави Зеленски.
Тој додаде дека Трамп не е во право кога тврди дека тој не сака да потпише договор со рускиот претседател Владимир Путин, но истакна дека Украина мора да биде во посилна позиција пред било какви преговори.
Според Зеленски, Украина ќе се соочи со сериозни предизвици во одбраната од Русија без американска поддршка, но изрази надеж дека неговиот однос со Трамп може да се подобри.
Трамп, пак, по средбата ја исклучи можноста за брзо продолжување на разговорите со Зеленски, тврдејќи дека украинскиот претседател не е искрен во својата намера да постигне мир.
„Па, тој сега вели дека сака мир. Сака веднаш да се врати, но јас не можам да го направам тоа“, изјави Трамп.
Дополнително, по прекинатата средба во Белата куќа, не беше потпишан договорот за експлоатација на украинските минерални ресурси, според кој приходите од минералите требаше да бидат депонирани во заеднички американско-украински фонд, а за возврат Украина да добие американски безбедносни гаранции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.
Свет
„Не се сигурен сојузник“: Белгискиот премиер го критикуваше односот на САД кон Европа
Белгискиот премиер Барт де Вевер изрази сомнежи за улогата на Соединетите Американски Држави како сојузник на Европа, наведувајќи дека на нивниот сојуз повеќе не може безусловно да се смета. Тој, исто така, остро се осврна на изјавите на Трамп за Гренланд и Русија, пишува „Гардијан“.
„Европа се наоѓа на раскрсница и мора да одлучи каква ќе биде нејзината политика. Досега се обидувавме да го смириме новиот претседател во Белата куќа. Бевме многу благи, вклучително и со царините. Бевме благи надевајќи се дека ќе ја добиеме неговата поддршка за војната во Украина. Но сега се преминуваат толку многу црвени линии што мора да се избере меѓу самопочитта. Едно е да бидеш среќен вазал. Но нешто сосема друго е да бидеш беден роб. Ако сега се откажеш, ќе го изгубиш достоинството. А тоа е, веројатно, најдрагоценото нешто што можеш да го имаш во една демократија“, изјави де Вевер.
Остро реагираше и на ставовите на Трамп за Русија и Гренланд, велејќи дека Европа мора да повлече граница: „Или ќе бидеме обединети, или ќе заврши 80-годишната ера на атлантизмот.“
Како пример наведе дека американски претставници на состанок за Украина рекле дека не сакаат да заземаат страна. „Ова го охрабрува Путин. Неговата сила е нашата поделба“, изјави де Вевер.

