Свет
Средбата Путин – Бајден во Женева под строго засилени мерки
Денеска, во Женева, американскиот претседател, Џо Бајден, ќе се сретне со рускиот претседател, Владимир Путин, и тоа ќе биде нивна прва официјална средба како двајца претседатели, пишуваат светските агенции. Во нивните анализи тие додаваат дека ова е и прва средба откако Бајден го нарече рускиот колега убиец, а Путин му рече да се погледне во огледало.
Последен пат Путин и Бајден се сретнаа пред 10 години кога Бајден беше потпретседател на САД.
Во анализите се споменува дека ова не е прва средба меѓу руски и американски претседател во Женева бидејќи пред нив таму се сретнаа Роналд Реган и неговиот руски колега Михаил Горбачов во 1985 година.
Деталите за самитот во Женева беа договорени на состанокот на американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, и неговиот руски колега Николај Петрушев.
Двајцата лидери ќе разговараат за билатералните врски, проблемите поврзани со стратешката нуклеарна стабилност, наводното руско мешање во изборите, хакерството и други прашања, вклучително и соработката во борбата против Ковид-19 и регионалните конфликти.
За разлика од неговите четворица претходници во Белата куќа, кои се обидоа да создадат добри врски со Путин, Бајден јасно стави до знаење дека градењето лични врски може да има свои граници, пренесуваат американските медиуми.
Мајкл Мекфол, поранешен амбасадор на САД во Русија, кој беше со Бајден на состанокот со Путин во 2011 година, во едно интервју изјави дека Бајден може да има подлабок скептицизам и можеби поинформиран пристап кон Путин од кој било друг претходник на Белата куќа.
Од друга страна, претседателот на Русија во петокот изјави дека се надева оти Бајден ќе биде помалку импулсивен од неговиот претходник.
Руската страна ја оцени состојбата во односите меѓу двете земји како критична додавајќи дека состанокот треба да им помогне да постигнат разбирање за некои прашања.
Инаку, светските медиуми откриваат детали за состанокот меѓу двајцата претседатели. Според извештаите, Бајден и Путин ќе ги чуваат илјадници полицајци, ќе разговараат пет часа, но без храна.
Може да има големи прашања за дискусија, но опкружувањето во кое ќе се наоѓаат американскиот и рускиот претседател во прекрасната вила од 18 век со поглед на Женевското Езеро ќе биде раскошна и мирна, пишуваат медиумите.
Според предвидувањата, првата средба меѓу Џо Бајден на претседателска функција и неговиот руски колега Владимир Путин може да трае четири-пет часа или повеќе.
Нема да има оброци, а рускиот и американскиот претседател ќе одржат одделни прес-конференции, што е знак на затегнати односи, анализираат известувачите.
„Без кршење леб“, им рече на новинарите висок американски функционер додека Бајден одлета во Женева на разговори, кои треба да почнат околу 13 часот во вилата „Ла Гранџ“, елегантна сива палата опкружена со парк од 30 хектари.
Путин пристигнува прв, а тој и Бајден првин ќе се сретнат со швајцарскиот претседател. Потоа, рускиот и американскиот претседател ќе разговараат во библиотеката, каде што се чуваат стари книги на кинески, француски, персиски и на турски јазик.
Државниот секретар Антони Блинкен доаѓа на средбата со Бајден, а министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, доаѓа со Путин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Владејачките партии во Израел го бојкотираат гласањето за мировниот план
Владејачките израелски партии го бојкотираа парламентарното гласање за мировниот план за Газа што го поддржуваат САД. Израелските медиуми јавија дека речиси сите членови на коалицијата не учествувале на гласањето, што било и очекувано, бидејќи десничарските партнери на премиерот Бенјамин Нетанјаху се против планот.
Иако предлогот на опозицискиот лидер Јаир Лапид нема практична тежина, претставува непријатност за Нетанјаху, кој веќе се согласил со планот за завршување на војната во Газа, а првата фаза е во тек.
Лапид изјавил дека е „изненаден и разочаран“ што Нетанјаху не присуствувал на гласањето. Опозициониот арапски пратеник Мансур Абас за Хаарец изјавил: „Што ќе му каже Нетанјаху на претседателот Трамп кога за две недели ќе се сретне со него?“
Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави мировниот план во септември и го поканил Нетанјаху во посета на Белата куќа. Дел од коалициските партнери се вознемирени поради формулацијата во планот што споменува предуслови „за доверлив пат кон палестинско самоопределување и државност“.
Нетанјаху и неговата влада ја отфрлаат идејата за палестинска држава, тврдејќи дека тоа би ја загрозило безбедноста на Израел.
Свет
Објавени досега невидени снимки од островот на Епштајн: расте притисокот врз Трамп и институциите
Демократите од Одборот за надзор на Претставничкиот дом објавија „никогаш претходно видени“ фотографии и снимки од приватниот карипски остров на починатиот сексуален предатор Џефри Епштајн. Во објавата на „Икс“ се наведува дека материјалите претставуваат „морничав поглед зад затворени врати“.
„Ги објавуваме за да обезбедиме јавна транспарентност и да помогнеме во составување целосна слика за неговите ужасни злосторства“, изјави демократот Роберт Гарсија, додавајќи дека „борбата за правда за преживеаните продолжува“.
Фотографиите покажуваат празни дворишта, спални соби и други простории од вилата, меѓу кои и бања со наредени перници.
🚨 BREAKING: Oversight Dems have received never-before-seen photos and videos of Jeffrey Epstein’s private island that are a harrowing look behind Epstein’s closed doors.
See for yourself. We won’t stop fighting until we end this cover-up and deliver justice for the survivors. pic.twitter.com/qXmxFISZLS
— Oversight Dems (@OversightDems) December 3, 2025
Министерството за правда на САД има рок до средината на декември да ги објави сите документи што ги поседува за Епштајн. Гарсија порача дека „време е претседателот Трамп веднаш да ги објави сите документи“.
По апсeњето на Епштајн во 2019 година и неговата смрт во притвор, јавноста со години бара целосна објава на документацијата — листи, комуникации, искази и други материјали. Притисокот расте и од демократи и од републиканци, со тврдења дека документите може да откријат нови детали за мрежата и можни вмешани лица.
Свет
ИКЕА купува шуми во Латвија и Литванија
ИКЕА купува околу 24.000 хектари шума во Латвија и Литванија од финската инвестициска компанија CapMan Natural Capital, која по повеќе од десет години активно управување оценила дека имотот достигнал „зрела фаза“ на создавање вредност.
ИКЕА соопшти дека набавката е во согласност со целите за одговорно управување со шумите и користење локални суровини, имајќи предвид дека таа е меѓу најголемите потрошувачи на дрвна маса во светот.
Трансакцијата треба да биде одобрена од регулаторите, а се очекува да биде завршена во првата половина од следната година.
CapMan по продажбата ќе управува со 215.000 хектари шума и ќе остане меѓу најголемите независни сопственици на шуми во ЕУ. Компанијата моментално управува со имот вреден 7,1 милијарди евра.

