Свет
Првиот човек на Путин преживеал обид за атентат со труење, му се слошило по работа но го спасиле
Од синоќа меѓународните медиуми известуваат за наводниот обид за атентат врз Николај Патрушев (71), поранешен шеф на тајната служба ФСБ и секретар на Советот за безбедност на Кремљ, кој наводно бил итно пренесен во болница во последните денови откако се чувствувал лошо.
Резултатите од токсиколошките тестови откриле дека Патрушев бил погоден со „синтетички отров“, но на крајот го преживеал наводниот обид за атентат.
Се вели дека поранешниот шеф на ФСБ е десната рака на Путин и на кого Путин му ја предава власта кога тој е отсутен поради медицински причини, пишува „Дејли мејл“.
„Неодамна е извршен атентат врз секретарот на Советот за безбедност на Руската Федерација, Николај Патрушев“ – објави каналот Телеграм, повикувајќи се на извори од Кремљ.
Се додава дека „информациите за самиот обид за атентат и истрагата се чуваат строго доверливи“.
„Познато е дека Николај Патрушев се чувствувал лошо вечерта по работа, речиси веднаш откако си заминал дома. Обезбедувањето брзо реагирало и веднаш повикало лекарска екипа кај него. По укажаната помош, Патрушев во стабилна состојба е пренесен дома. Резултатите од неговата анализа потврдија дека токсичната супстанција е синтетички отров“ – наведува каналот Телеграм.
Во извештајот се наведува дека Патрушев „се спасил со навремена медицинска помош и, веројатно, со недоволно висока концентрација на отровната материја која преку кожата влегла во телото“.
Истиот канал додава дека на Путин му кажале за нападот „само кога животот на Патрушев повеќе не бил во опасност“.
Овој канал не кажува кога се случил наводниот напад.
Сепак, нема докази или независна потврда за тврдењето за труење, а Кремљ не ги коментираше шпекулациите.
Патрушев бил виден на 5 и 6 јули на источните територии на Русија, но оттогаш не се појавил во јавноста сè додека, наводно, во петокот не присуствувал на телевизиска видеоконференција на руски официјални претставници. Тој, наводно, присуствувал на состанокот на Советот за безбедност во петокот, иако не бил јасно сликан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.
Свет
Макрон: Отворени сме за учество во дополнителни мисии на НАТО
Пред медиумите се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, кој и натаму носеше очила за сонце за да прикрие инфекција на окото.
Тој изјави дека денешниот самит покажува единство во поддршката за Данска, нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
„Кога Европа е обединета, силна и реагира брзо, работите се враќаат во нормала и се смируваат“, наведе Макрон.
Додаде дека Европа мора да остане „на штрек“ и да продолжи да дејствува „обединето“, покажувајќи дека има „инструменти на располагање“ за, во случај на закани, да „наметне почит“.
Макрон исто така нагласи дека Франција е отворена за учество во дополнителни мисии на НАТО, најверојатно во арктичкиот регион.
Фото: ЕПА
Свет
„Нашите црвени линии не се тема за расправа“ – порака на данската премиерка од Брисел
Данската премиерка Мете Фредериксен пристигна на вонредниот самит на Европска унија.
На почетокот им се заблагодари на другите земји членки за поддршката.
„Кога Европа не е поделена, кога стоиме заедно, јасно и силно, вклучително и со подготвеност да застанеме во одбрана на самите себе, резултатите се видливи“, изјави таа.
Истакна дека Данска сака да најде решение и дека побарала посилна вклученост на НАТО во арктичкиот регион, додавајќи дека сите во НАТО се согласуваат со тоa.
„Потоа, на потрадиционален политички и дипломатски начин ќе разговараме со Соединети Американски Држави за билатералниот однос меѓу Кралството Данска и САД“, рече таа.
Притоа повтори дека Данска има свои црвени линии.
„Ние сме суверена држава и за тоа не можеме да преговараме“, порача таа, додавајќи дека Данска е отворена за разговори за зајакнување на соработката во арктичкиот регион.
„Секако дека сме подготвени да соработуваме со САД, како што отсекогаш сме правеле кога станува збор за безбедноста, но нашите црвени линии, кои воедно се и нашите демократски правила, не можат да бидат предмет на расправа“, нагласи Фредериксен.
На прашањето дали и понатаму ѝ верува на американската администрација, таа накратко застaна и дипломатски одговори: „Соединетите Американски Држави се наш близок партнер веќе многу години, но мора да соработуваме врз основа на меѓусебно почитување, без закани. Затоа, секако, се надевам дека ќе најдеме политичко решение во рамките на демократијата.“
Во речиси секој одговор таа повторно ги нагласи данските црвени линии поврзани со суверенитетот.

