Свет
Први егзекуции со бесење по 50 години во Мјанмар

Владата на Мјанмар денеска објави дека ги извршила првите егзекуции по 50 години.
Како што се наведува, егзекутирани со бесење се поранешен пратеник на Националната лига за демократија, демократски активист и двајца мажи обвинети за насилство.
Егзекуциите беа извршени и покрај молбите од целиот свет за помилување на четворицата политички затвореници. Апелот го испратија и експерти од ОН и Камбоџа, која е актуелен претседавач со Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија.
Активистите беа егзекутирани „во согласност со законските процедури“ за насочување и организирање „насилни и нечовечки соучесници на терористички убиства“, пишува државниот „Мирор дејли“.
Министерката за човекови права, Аунг Мио Мин, во владата на национално единство, владата во сенка формирана надвор од Мјанмар откако војската ја презеде власта во февруари 2021 година, ги отфрли обвинувањата дека мажите биле вклучени во насилството.
„Смртната казна е начин да се контролира јавноста преку страв“, рече таа.
Меѓу погубените е и Фио Зеја Тау, поранешен пратеник од партијата на соборената лидерка Аунг Сан Су Чи, која беше осудена од воениот суд во јануари за бомбашки напади и финансирање тероризам. Поради кршење на антитерористичките закони, погубен е и Кјав Мин Ју, 53-годишен продемократски активист, познат како Ко Џими.
Двајца други мажи, Хла Мио Аунг и Аунг Тура Зав, беа осудени за мачење и убиство на жена во март 2021 година за која наводно верувале дека е воен шпион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Гутереш пристигна во Украина, ќе се сретне со Зеленски и со Ердоган

Антонио Гутереш – генералниот секретар на ОН денеска пристигна во Лавов, каде утре ќе учествува на трилатерална средба со претседателите на Украина, Владимир Зеленски и претседателите на Турција, Реџеп Таип Ердоган, пренесува Укринформ, повикувајќи се на соопштението на портпаролот на ОН на Твитер.
Освен најавата за утрешната трилатерална средба, во твитот не се дадени дополнителни детали.
.@antonioguterres arrived Lviv where, tomorrow, he will meet @ZelenskyyUa & @RTErdogan. pic.twitter.com/PC1tBbXOF6
— UN Spokesperson (@UN_Spokesperson) August 17, 2022
Портпаролот на генералниот секретар, Стефан Дужарик денеска на брифинг за медиумите најави дека Гутереш доаѓа во Украина на покана на претседателот Зеленски.
Како што претходно објави Укринформ, Гутереш ќе го посети црноморското пристаниште Одеса, од кое продолжи извозот на жито во согласност со претходниот договор со посредство на ОН и Турција.
Пред да се врати во Њујорк, генералниот секретар на ОН ќе го посети Заедничкиот координативен центар во Истанбул, кој беше формиран за спроведување на иницијативата договорена минатиот месец.
Регион
Курти: Имаме јасна визија, сакаме членство во НАТО

Косовскиот премиер Албин Курти денеска во Брисел изјави дека Косово сака членство во воената алијанса НАТО.
„Имаме јасна визија. Сакаме членство во НАТО. Ова ќе ни овозможи да го обезбедиме она што мирните и демократски држави и нации го обезбедија и сè уште го обезбедуваат за нашата земја и граѓаните. Во оваа смисла, членството во програмата на НАТО „Партнерство за мир“ би било поддршка“ – рече Курти по средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
На заедничката прес-конференција со Столтенберг, Курти изјави дека институциите и граѓаните на Косово имаат причина да бидат претпазливи поради, како што рече, „деструктивниот пристап на северниот сосед“ кон Косово и „регионот воопшто“, како дел на „рускиот план штетен за Европа и Балканот“.
Тој додаде дека владата на Косово и тој како премиер се посветени на тоа политиката на Косово да биде целосно усогласена со НАТО и додаде дека Косово е подготвено да учествува во секој проект на НАТО во полн капацитет.
Курти се заблагодари на НАТО алијансата за досегашниот ангажман во Косово.
„Придонесот на НАТО во формирањето, развојот и професионалноста на Косовските безбедносни сили е примерен успех“, изјави Курти.
Регион
На парламентарните избори во Бугарија ќе учествуваат 24 партии и 7 коалиции

Денеска во 17 часот истече рокот во кој партиите и коалициите во Бугарија требаше да ги достават потребните потписи и документи за регистрација за учество на претстојните предвремени парламентарни избори на 2 октомври, информира „БГНЕС“.
Документи за учество на изборите поднеле вкупно 24 партии и 7 коалиции.
Утре ЦИК ќе ја заврши проверката на сите доставени документи, а доколку има некој од потписите што не содржат 2.500 валидни потписи, формацијата ќе биде избришана.
Следниот важен рок е 27 август. До тој датум, само коалициите на партии регистрирани од Централната изборна комисија можат да поднесат апликации за да ги одразат промените што се случија во составот на коалицијата – напуштање партија или пристапување во нова партија.
Бугарите кои живеат во странство можат да се пријават за гласање преку Интернет. Електронската апликација за поднесување барања од Бугари во странство за гласање на предвремените избори ќе се прифаќа од денеска до 6 септември.
Изборите на 2 октомври ќе се гласаат машински, со истиот софтвер како и на последните парламентарни избори.