Свет
Пред судот сведочеше жената чијшто сопруг со децении носеше мажи да ја силуваат: „Ме изневери, јас сум скршена“

Жизел Пелико, жената чијшто сопруг ја силувал, дрогирал и носел други мажи во куќата за да ја силуваат, за време на сведочењето изјави дека е скршена жена и дека не се ни сомневала во постапките и искреноста на мажот со кој го делела животот.
„Профилот на силувач не е некој што сте го сретнале на паркинг доцна во ноќта. Силувач може да биде и во семејството, меѓу нашите пријатели. Кога минатата недела видов еден од обвинетите кој без согласност влегол во мојата спална и куќа… Овој човек кој дошол да силува онесвестена 57-годишна жена, јас сум и мајка и баба… Би можела да бидам и негова баба“, рекла Жизел.
Таа рече дека е „скршена жена и не знае како да се опорави“.
„Секако дека денеска не чувствувам одговорност за ништо. Денеска пред се сум жртва“, истакна таа.
На судењето таа раскажа и како се консултирала со тројца гинеколози поради нејзините грижи.
„Неколкупати се будев и се чувствував како да ми пукнал водењакот, како што се случува кога се пораѓаш. Секогаш го јадам истиот појадок – сок од портокал, тост, џем, мед. Можел да ми стави дрога во сокот од портокал или во кафето“, рече Жизел.
Жизел Пелико потоа изјави дека сака да му се обрати на својот сопруг, нарекувајќи го Доминик, но инсистираше дека не сака да го погледне.
„Толку пати си кажав колку имам среќа што те имам со мене. Ти застана покрај мене кога имав невролошки проблеми (кои подоцна беше утврдено дека ги предизвикал тој што ја дрогирал), ме однесе на невролог, на скенирање. Отиде со мене на гинеколог. Целосно ти верував. Како може совршен маж да го направи ова? Како можеше да ме предадеш до овој степен? Како можеше да ги внесеш овие странци во мојата спална соба?“, праша скршената Жизел.
Судијата потоа ја праша за тоа што носела на видеата од силувањата. Нејзиниот сопруг ја пресоблекувал во текот на ноќта, а потоа ја облекувал повторно во пижами.
„Имав две фиоки полни со долна облека. Точно знам што носев, носев бела и портокалова облека. Долната облека на видеата не е моја. Не ми припаѓа мене, а не знам каде ја чувал“, рекла таа.
Доминик Пелико е обвинет дека со децении ја дрогирал и силувал Жизел, но донел и повеќе од 70 други мажи да ја силуваат.
Адвокатот на Жизел Пелико ја праша за нејзината ќерка Керолин, која им кажала на инспекторите: „Една ноќ видов дека татко ми ја фати мајка ми за врат, ја крена од земја и рече дека ќе ја убие“.
Адвокатот праша дали ова се однесува на моментот кога Доминик Пелико дознал дека Жизел имала вонбрачна врска.
„Да, Керолин беше осумгодишно девојче, таа не лаже. Таа ја виде сцената во бањата кога нејзиниот татко ми пријде. Ми го затресе вратот, така е“, потврди Жизел.
Повторно запрашана за можниот комплекс на инфериорност што наводно го покажал Доминик Пелико, Жизел рече дека секогаш се трудела да го израдува својот сопруг и покрај тешкото детство.
„Кога го запознав Доминик, и покрај тоа што ја изгубив мајка ми на многу млада возраст, секогаш бев опкружен со љубов. Доминик беше спротивно, имаше татко тиранин, целата плата им ја даваше на родителите“, изјави жртвата на масовното силување.
На прашањето на судијата како Доминик дознал за нејзината вонбрачна врска, таа рече дека сама му кажала.
– Бев во бањата. Тој имаше свои сомнежи. Тој виде дека не сум истата личност. Тој рече: „Морам да знам“, и јас признав. Му беше многу тешко. Не можеше ни да замисли дека можам да го направам тоа, но и тој имаше афери“, изјави Жизел.
На претходното рочиште беа објавени снимките од силувањата на Жизел Пелико. Нејзиниот поранешен сопруг, кој организирал се, си ги покрил очите во судницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Русија и Кина со заедничка поддршка и фокус на Украина и САД

Шефовите на дипломатиите на Русија и Кина, Сергеј Лавров и Ванг Ји, денеска во Пекинг одржаа средба на која разговараа за перспективите за завршување на војната во Украина, како и за односите со САД, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Средбата се одржа во пресрет на учеството на Лавров на состанокот на министрите за надворешни работи на Шангајската организација за соработка (ШОС), каде Русија и Кина имаат клучна улога.
Според соопштението, двајцата министри ја потврдиле взаемната поддршка околу прашањата што се однесуваат на суверенитетот, територијалниот интегритет и националното единство на двете земји.
„Министрите изразија задоволство од позитивната динамика на руско-кинеската сеопфатна соработка и ја разгледаа билатералната агенда со фокус на спроведување на договорите од мајскиот самит во Москва“, информира руското МНР.
Во разговорот било опфатено и продлабочувањето на хуманитарната и практична соработка меѓу двете земји, како и деталите околу претстојниот самит на шефови на држави на земјите-членки на ШОС, како и проширениот формат „ШОС плус“.
Дополнително, Лавров и Ванг Ји разговарале и за односите со САД и решавањето на украинската криза, при што ја нагласиле важноста од тесна координација на глобалната сцена, особено преку Обединетите нации, Советот за безбедност, БРИКС, Г20 и АПЕК.
Кина и Русија во февруари 2022 година воспоставија стратешко партнерство без ограничувања, што беше официјализирано за време на посетата на Владимир Путин на Пекинг.
Свет
(Видео) 11 лица се повредени откако џип се заби во градина на ресторан во Атина

Црн џип се заби во градина на ресторан во населбата Колонаки во Атина со голема брзина доцна синоќа, од сè уште непознати причини, а според властите, во несреќата се повредени 11 лица.
Еден од повредените е задржан на интензивна нега на набљудување, додека две жени се оперирани поради сериозни скршеници, објавија грчките медиуми.
Според медиумските извештаи, возилото било паркирано на надолнина, а според првичните информации, 35-годишниот обезбедувач не ја активирал рачната сопирачка при паркирање.
Кога се обидел повторно да го паркира возилото на слободно паркинг место од другата страна на улицата, го оставил автомобилот без надзор, што му овозможило на џипот да се движи сам и да ја предизвика несреќата.
Возилото се урнало по скалите, се искачило на тротоарот, искорнало дрво, а потоа се забило во градината на ресторанот, повредувајќи неколку гости кои седеле на масите пред ресторанот.
Η στιγμή του τρομακτικού τροχαίου στο Κολωνάκι #tanea #taneagr #kolonaki #κολωνακι pic.twitter.com/96u3efOsvg
— TA NEA (@ta_nea) July 13, 2025
„Слушнав силен тресок. Некој извика кола! Пред да сфатам што се случува, бев на земја, покриен со крв. Имав среќа, дрвото го запре возилото пред целосно да стигне до масата каде што седев“, рече една од повредените гостинки во ресторанот, додавајќи дека имала скршена рака, повреди на главата и ребрата.
Очевидци рекоа дека слушнале силен тресок, кршење стакло и вресоци, а кога се приближиле до местото на несреќата, ги пронашле повредените на тротоарот, возилото се удрило во ѕид и маси расфрлани наоколу.
Веднаш по инцидентот, осомничениот обезбедувач бил уапсен, а против него е покрената постапка за нанесување тешки телесни повреди и кршење на прописите за безбедност во сообраќајот.
Сопственикот на возилото исто така бил приведен, но подоцна бил пуштен на слобода. Седум амбулантни возила биле веднаш испратени на местото на настанот, а сите повредени биле префрлени во болница.
Пет лица биле пуштени дома по добивањето на лекарска помош, додека шест биле задржани на лекување, соопшти грчкото Министерство за здравство, истакнувајќи дека сите пациенти во моментов се надвор од опасност, а нивната состојба е стабилна и под контрола.
Истрагата за точните околности што доведоа до несреќата е во тек.
Свет
Зеленски: 1.800 дронови и 1.200 бомби врз Украина за една недела, Русија го засилува теророт

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за ескалација на теророт врз цивилното население, откривајќи дека во последната недела врз Украина биле лансирани најмалку 1.800 беспилотни летала, над 1.200 лизгачки бомби и 83 ракети.
„Русите го зголемуваат теророт врз нашите градови и општини со цел дополнително да го заплашат народот“, изјави Зеленски преку Телеграм, пренесува германската новинска агенција ДПА.
Според него, воздушните напади стануваат сè поинтензивни, особено ноќе, а Русија секојдневно ја напаѓа Украина од воздух.
Зеленски ја пофали ефикасноста на украинската противвоздушна одбрана, нагласувајќи дека специјално развиени дронови-пресретнувачи успешно собориле стотици ирански борбени дронови „Шахед“, кои Русија ги користи за напади.
Претседателот на Украина информираше и дека неодамна имал интензивни разговори со западните партнери, со цел понатамошен развој на овие одбранбени технологии.
Како што наведува ДПА, Русија во средата го извела најголемиот напад со беспилотни летала досега, при што украинската одбрана успеала да пресретне повеќе од 700 дронови во еден ден.
Инаку, Украина веќе повеќе од три години се брани од целосната руска инвазија, со голема поддршка од западните земји во оружје, технологии и воена обука.