Свет
Премиерот на Сингапур: На светот му се заканува глобален економски хаос
Премиерот на Сингапур, Лоренс Вонг, повика на итна акција за промовирање на либерализацијата на трговијата и заштита на глобалните заеднички интереси предупредувајќи дека светот очекува „хаотична транзиција кон постамерикански поредок“, пишува „Фајненшл тајмс“.
Вонг рече дека светот е во средината на голема транзиција, што може да трае една деценија.
„Нема сомнение дека ќе биде хаотично и непредвидливо бидејќи Америка се повлекува од својата улога на глобален осигурител, но нема друга земја што е способна или спремна да го пополни тој вакуум“, рече Вонг.
„Сингапур, како главен корисник на повоената ера на глобализацијата и мултилатерализмот, не може да си дозволи да чека работите да се случат или да се надева дека магично ќе си дојдат на свое место“, додаде премиерот. Тој нагласи дека мора да се преземат итни мерки за да се изградат нови трговски врски и да се зачува моментумот на либерализацијата на трговијата. „Не можеме да го направиме тоа сами, но ќе го направиме со други земји со слични размислувања“, рече Вонг.
Неговите коментари доаѓаат пред два важни собири на регионалните лидери следната недела – самитот на Здружението на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) во Малезија и форумот за Азиско-пацифичка економска соработка (АПЕК) во Јужна Кореја, каде што се очекува да присуствува и американскиот претседател Доналд Трамп.
Блокот на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) ќе биде домаќин на светските лидери на самитот овој викенд во Куала Лумпур, кој се одржува паралелно со трговските разговори меѓу Соединетите Американски Држави и Кина.
Самитот ќе биде првата станица на американскиот претседател Доналд Трамп на неговата петдневна турнеја низ Азија, која ги вклучува Малезија, Јапонија и Јужна Кореја.
За време на самитот, Трамп ќе присуствува на потпишувањето на договорот за примирје меѓу Тајланд и Камбоџа, објави „Ројтерс“.
Лидерите на САД, Кина, Бразил, Јужна Африка и на Јапонија ќе учествуваат на самитот, а в недела АСЕАН официјално ќе го пречека Источен Тимор како свој 11-ти член.
Трговските преговори меѓу САД и Кина се исто така во фокусот вклучувајќи го купувањето соја и ограничувањата за извоз на ретки земни елементи, а американските тарифи за увоз од земјите од Југоисточна Азија, претежно на ниво од 19 проценти, ќе бидат главна тема на дискусија.
За време на посетата на Малезија, Трамп ќе разговара и за трговските прашања со бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, а министерските тела на АСЕАН првпат ќе одржат заеднички состанок на министрите за надворешни работи и економија.
На маргините на самитот е планиран и состанок на лидерите на Регионалното сеопфатно економско партнерство (RCEP), трговски блок што ги вклучува сите членки на АСЕАН, како и Кина, Јапонија, Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Прво огласување на кралот Чарлс по апсењето на Ендру
Британскиот крал Чарлс се огласи по апсењето на својот брат и поранешен принц Ендру.
„Со најдлабока загриженост ја примив веста за поранешниот принц Ендру Маунтбатен Виндзор и сомневањето за злоупотреба на јавна функција. Она што сега следи е целосен, фер и правилен процес за соодветно истражување на ова прашање и од страна на надлежните органи. Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безусловна поддршка и соработка. Да бидам јасен: законот мора да си го направи своето. Додека овој процес продолжува, не би било соодветно да коментирам понатаму. Во меѓувреме, моето семејство и јас ќе продолжиме да ја извршуваме нашата должност и да ви служиме на сите вас. Чарлс Р.“, изјави тој.
Свет
Стармер: Никој не е над законот
Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека уапсениот Ендру Маунтбатен-Виндзор треба да разговара со властите во Велика Британија и САД во врска со „скандалот“ околу осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, нагласувајќи дека „никој не е над законот“.
Во интервју за Би-Би-Си, Стармер рече дека секој што има релевантни информации има обврска да се јави кај властите.
„Секој што има какви било информации треба да сведочи. Без разлика дали е Ендру или некој друг, секој што има релевантни информации треба да контактира со надлежниот орган“, истакна британскиот премиер, додавајќи дека ова важи не само за случајот Епстин, туку и за сите други случаи на насилство врз жени и девојчиња.
Стармер истакна дека еден од основните принципи на британскиот систем е дека сите се еднакви пред законот.
„Никој не е над законот. Тоа е долгогодишен и многу важен принцип на нашето општество и мора да се примени во овој случај на ист начин како и во секој друг“, рече тој.
Ендру Маунтбатен-Виндзор беше уапсен денес во неговиот имот Вуд Фарм во Сандрингам, на неговиот 66-ти роденден, објави британскиот „Телеграф“, повикувајќи се на неименувани извори.
Ендру беше уапсен под сомнение за злоупотреба на јавна функција.
Регион
Пленковиќ: Разговарав со Вучиќ, Сојузот е „технички“
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес во Њу Делхи изјави дека за време на разговорот со српскиот претседател Александар Вучиќ, тој „ги отфрлил стравувањата на Србија во врска со одбранбената соработка меѓу Хрватска, Албанија и Косово“.
„Ги отстранивме стравувањата што, според нас, постојат во Србија во врска со соработката меѓу министерствата за одбрана на Хрватска, Косово и Албанија.“ Објаснив дека оваа соработка е насочена кон техничка соработка на нашите оддели и дека на никаков начин не е насочена против Србија“, рече Пленковиќ.
„Значи, сега, колку што видов од неговата изјава, таа е прифатена“, им рече Пленковиќ на новинарите на маргините на самитот за вештачка интелигенција во Њу Делхи, пренесува „Хина“.
Според написите, минатата година, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа Декларација за соработка во областа на одбраната и безбедноста, која, според толкувањето на експертите, не е исто што и договор за воено-техничка соработка,.

