Свет
„Путин е сличен на Хамас, но посилен“, Будимпешта не е добра за Зеленски
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, денес изјави дека е подготвен да се придружи на најавениот самит во Будимпешта меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин нагласувајќи дека е потребно да се изврши поголем притисок врз Кремљ за да се стави крај на војната во Украина.
По разговорот со Путин, Трамп го најави вториот круг мировни преговори во Будимпешта, а Зеленски во интервју за американската Ен-би-си потврди дека е подготвен да присуствува на тој самит.
„Ако навистина сакаме фер и траен мир, двете страни мора да бидат вклучени. Како можеме да постигнеме договор за нас, без нас?“, рече украинскиот претседател.
Зеленски изјави дека „добро е што Трамп не рече ‘не’ кога станува збор за испорака на американските ракети ‘томахавк’ на Украина, но додаде дека американскиот претседател сè уште не рекол ни ‘да’“.
„Путин е сличен на Хамас, но посилен“, рече Зеленски додавајќи дека руската армија е втора најсилна во светот и дека е потребен поголем притисок.
Украинскиот лидер изрази надеж дека испораката на ракетите „томахавк“ би можела да го промени текот на војната, но истакна дека досега тоа не се случило.
Рускиот претседател претходно предупреди дека испраќањето на тие ракети би претставувало „нова фаза на ескалација на конфликтот“.
„Путин се плаши дека САД ќе ѝ испорачаат ракети ‘томахавк’ на Украина и мислам дека со право се плаши оти ние ќе ги употребиме“, рече Зеленски.
Иако повтори дека го смета Путин за терорист, Зеленски нагласи дека е отворен за директна средба со рускиот претседател, но само под услови што водат кон мир, а не, како што рече, „под бомби и беспилотни летала“.
За време на престојот во САД, кој се совпадна со зголемените руски напади врз украинската енергетска инфраструктура, Зеленски повтори дека Украина не ја губи војната, туку дека Русија ги интензивира воздушните напади затоа што, како што рече, е „слаба на фронтот“.
„Путин се обидува да предизвика енергетска катастрофа оваа зима“, истакна Зеленски.
По средбата со украинскиот претседател, Трамп на социјалните мрежи изјави дека Русија и Украина треба „да престанат таму каде што се сега“ и дека е време за прекин на огнот и за договор.
Будимпешта не е добра за Украина
„Ако сакаме итно да ја завршиме војната и да почнеме мировни преговори преку дипломатски канали, мора да останеме онаму каде што сме, без дополнителни отстапки кон Путин“, рече Зеленски како одговор на прашањето дали е подготвен за територијални отстапки заради мирот.
Зеленски рече дека идејата за можна средба со претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и претседателот на Русија, Владимир Путин, во Будимпешта нема да биде позитивна за Украина бидејќи Унгарија ги блокира сите иницијативи што ѝ користат на Украина и додаде дека планот е да се набават 25 системи „Патриот“.
За време на разговорот со новинарите, Зеленски рече дека му ја пренел оваа порака и на специјалниот пратеник на американскиот претседател, Стив Виткоф, објави јавната служба на Украина, „Суспилна“.
„Имаше многу вредни опции – Швајцарија, Австрија, Ватикан, Саудиска Арабија, Катар, Турција. Бидејќи тука зборуваме за мир во Украина, а не за избори во Унгарија. Не верувам дека премиер што нè блокира насекаде може да донесе нешто позитивно или барем балансирано“, рече украинскиот претседател.
Тој додаде дека унгарскиот премиер Виктор Орбан промовира проруска реторика, вклучително и тврдења за „безусловна предност на Русија во оваа војна“.
„Кога зборуваме за медијација, не мислам дека унгарскиот премиер има соодветен пристап кон оваа улога. Сакам да ве потсетам дека кога патуваше во Русија, Кина и во САД, обидувајќи се да го зајакне своето политичко влијание, ние јасно рековме дека не му дадовме никакви овластувања. Неговите обиди не дадоа резултати, што беше јасно од самиот почеток“, рече Зеленски.
Зборувајќи за меморандумот од Будимпешта од 1994 година, со кој големите сили го гарантираа територијалниот интегритет на Украина во замена за откажување од нуклеарно оружје, Зеленски потсети дека тој документ не е ефикасен и додаде дека и тој го потсетил Трамп на ова.
Сепак, според Зеленски, Трамп го гледа унгарскиот формат како можен следен чекор, кој, според него, би можел да донесе резултати, вклучително и крај на војната.
„Со претседателот Трамп го делиме оптимизмот, доколку ова доведе до крај на војната. По повеќе од два часа разговор со него и неговиот тим, мојот впечаток е дека неговиот став е оти линијата на фронтот останува таму каде што е, што може да биде позитивен сигнал, ако сите страни го разберат“, рече Зеленски.
Зеленски исто така нагласи дека за време на неговата посета на Вашингтон разговарал за можноста за потпишување договор за купување 25 американски системи за воздушна одбрана „Патриот“, кои Украина би ги добила во фази во текот на наредните години.
Како што изјави, тој број на системи биле побарани од Воздухопловните сили на Украина, но испораките нема да бидат веднаш поради големата побарувачка и постојните нарачки од други земји.
Тој додаде дека во клучните земји членки на НАТО постојат системи „Патриот“, кои формално им припаѓаат на САД, и дека Украина може да ги добие овие системи доколку има политичка поддршка од Вашингтон.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан со предупредување: Додека нема нафта, нема пари за Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Будимпешта нема да поддржи финансиска помош за Украина додека не се обнови снабдувањето со нафта преку нафтоводот „Дружба“, пренесува Анадолија.
Орбан изјави дека Украина, иако технички подготвена за нафтоводот, ги прекинала испораките за Унгарија од политички причини. Тој нагласи дека неговата влада нема да се согласи на таков пристап.
„Додека нафтата не тече низ „Дружба“, нема да има пари за Украина“, рече тој преку социјалната мрежа Икс. Тој исто така предупреди дека, без активирање на стратешките резерви, цените на горивата би можеле да достигнат 1.000 форинти (околу 2,64 евра) за литар веќе следната недела.
Орбан истакна дека Унгарија нема да дозволи да биде ставена во неповолна положба и потсети дека Будимпешта веќе ги прекина испораките на дизел за Украина и го информираше Брисел дека е подготвена да блокира пакет помош вреден 90 милијарди евра. Тој повтори дека Унгарија се залага за мир, а не за ескалација и дека нема да поддржи економска помош сè додека не се нормализира транзитот на нафта.
Транспортот на нафта до Унгарија и Словачка беше прекинат на 27 јануари по нападот врз „Дружба“. Владите во Будимпешта и Братислава го обвинија Киев за политичка злоупотреба на ситуацијата и спречување на продолжување на испораките. Како одговор, двете земји го прекинаа извозот на дизел гориво во Украина.
Во исто време, министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел не успеаја да се договорат за 20-тиот пакет санкции против Русија. Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го оцени тоа како чекор назад, но рече дека разговорите со Унгарија и Словачка продолжуваат со цел да се постигне договор.
Свет
Жена избодена до смрт на гробиштата во Виена: уапсена 14-годишна девојка
65-годишна жена е пронајдена мртва со повеќекратни убодни рани во виенскиот округ Пенцинг доцна во понеделникот попладне. Безживотното тело е откриено на гробиштата Баумгартен околу 17:30 часот од страна на случаен минувач. Полицијата уапси 14-годишно девојче под сомнение за убиство, објавува „Хојте“.
Полицијата и брзата помош веднаш пристигнале на местото на настанот, но за 65-годишната жена било предоцна. „Обидот за реанимација не успеа“, изјави портпаролот на полицијата Филип Хаслингер за агенцијата АПА на местото на настанот. Веднаш е започната истрага.
Истрагата брзо ги одвела истражителите од Покраинската канцеларија за кривични истраги до 14-годишно девојче во кое полицијата се посомнева поради нејзиното однесување. Девојчето живеело во непосредна близина на гробиштата, каде што се верува дека е убиена жената. Се верува дека жртвата е избрана по случаен избор.
Тинејџерката е уапсена на нејзината домашна адреса и моментално е во притвор. Таму, истражителите запленија нож, за кој се сомнева дека е оружјето употребено во злосторството, како и облека поврзана со убиството. Таа се смета за главна осомничена, но сè уште не е познато дали е испрашана.
Полицијата сè уште не објави детали за идентитетот на жртвата или осомничената. Гробиштата беа затворени за јавноста до 21 часот, а имаше силно полициско присуство. Екипата на местото на злосторството работеше доцна во ноќта и истрагата е во тек, пренесуваат медиумите во регионот.
Свет
Макрон: Војната во Украина е стратешки, воен и економски неуспех на Русија
Претседателот на Франција, Емануел Макрон, оцени дека војната во Украина, која трае веќе четири години, претставува „троен неуспех“ на Русија – воен, економски и стратешки.
„Четири години Европа се буди со звукот на руските бомби во Украина. Четири години агресивна војна избрана од Русија, со очигледно непочитување на меѓународното право, суверенитетот на народите и човечките животи. Четири години погодени градови, уништени училишта и болници, енергетска инфраструктура методично насочена кон туркање на семејствата во студ и терор. Четири години, 15.000 убиени украински цивили. Четири години уништени животи, насилство, силување, тортура, воени злосторства и терор. Четири години, илјадници украински деца оттргнати од нивната земја и нивните семејства. Но, четири години Украина цврсто стоеше и се спротивставуваше“, рече Маркон на социјалната мрежа Икс, објави „Фигаро“.
Макрон додаде дека Украина е „првата линија на одбрана на Европа“ и потврди дека Франција и европските земји цврсто стојат зад неа.
„Исто така, ќе продолжиме да ја таргетираме руската воена економија: ќе останеме на курсот на санкции и ќе продолжиме со нашите акции против „флотата на духови“. До оние кои мислат дека можат да сметаат на нашиот замор: грешат. Ние сме и ќе останеме со Украина“, нагласи францускиот претседател, објави Танјуг.

