Свет
Путин оди кај Џјинпинг во Пекинг: втора средба на рускиот и кинескиот лидер оваа година

Претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Шји Џјинпинг, ќе се сретнат во октомври во Пекинг кога ќе имаат детаљни билатерални разговори во рамките на учеството на меѓународниот форум „Појас и пат“, изјави денеска секретарот на Советот за безбедност на Русија, Николај Патрушев.
На средбата со кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, во Москва, Патрушев рече дека Русија и Кина имаат еднакви или блиски ставови за фундаменталните прашања на современиот светски поредок и клучните меѓународни проблеми, пренесува „РИА новости“.
„Зборуваме и за фундаменталниот принцип на еднаква и неделива безбедност“, изјави Патрушев и посочи дека Москва го поддржува Пекинг за прашањата на Тајван, Ксинџијанг, Тибет и Хонг Конг.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, минатата недела изјави дека е можно Путин да се сретне со Џјинпинг пред крајот на годината.
Лидерите на Русија и Кина последен пат се сретнаа во Москва во март.
Тоа беше прва посета на Шји во странство по реизборот за претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Шји Џинпинг: Кина е подготвена да развие стратешко партнерство со Јужна Кореја

Кина е подготвена да соработува со Јужна Кореја за промовирање и развој на стратешко партнерство во согласност со сегашниот момент, изјави кинескиот претседател Шји Џинпинг за време на денешната посета на јужнокорејскиот премиер.
Претседателот Шји се состана со јужнокорејскиот премиер Хан Дук-су во источниот кинески град Хангжу пред отворањето на Азиските игри.
Шји, исто така, рече дека сериозно ќе размисли за посетата на Јужна Кореја, објави јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“.
Хан побара од кинескиот претседател да одигра конструктивна улога во односите со Северна Кореја.
Свет
Германија воведува гранични контроли со Полска и Чешка

Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер најави воведување гранични контроли на границата со Полска и Чешка, како што пренесоа денеска германските медиуми.
„Мислам дека сега треба да бидеме прагматични и да воведеме стационарни гранични контроли на границите со Полска и Чешка“, рече Фезерво интервју за весникот „Велт ам Зонтаг“. .
Таа нагласи дека веќе има длабински контроли во пограничните области, кои ќе бидат надополнети со стационарни контроли на самата граница. Истовремено, Фезер рече дека не треба да се очекува дека воведувањето постојани гранични контроли кон Полска и Чешка ќе го реши проблемот со илегалната миграција.
„Сакаме да го намалиме бројот на бегалци кои доаѓаат во Германија“
„Ова е само еден од инструментите што треба да придонесат за намалување на бројот на бегалци кои доаѓаат во Германија“, изјави министерката.
Фезер со месеци го одбиваше барањето на опозицијата и сојузните покраини на истокот на Германија, кои се под напад на се посилниот бегалски бран кои во последно време сè почесто пристигнуваат преку Чешка и пред се Полска. Од 2015 година вакви контроли има и на германско-австриските гранични премини.
Најавата на Фезер дека сепак ќе воведе контрола кон Полска и Чешка беше поздравена од полициските синдикати, како и од демохристијанската опозиција.
Како што информираат од јавниот сервис АРД, т.н Балканската рута до Германија води преку Унгарија и понатаму Словачка, Чешка или Полска. Причините за промената на рутата се зголемената контрола на хрватската граница со Босна и Херцеговина, како и построгиот режим за регистрација на бегалците во Австрија.
„Договорот ЕУ-Турција во моментов не функционира добро“
Фезер рече дека една од причините за зголемувањето на бројот на бегалци е фактот што договорот меѓу Европската унија и Турција за спречување на заминувањето на бегалците во ЕУ „во моментов не функционира добро“.
Борбата за намалување на бројот на бегалци е главна општествено-политичка тема во Германија последниве денови, а власта и сигнализираше на опозицијата дека се залага за меѓупартиско решение на ова прашање.
Во првите осум месеци од годинава во Германија пристигнале над 200.000 бегалци, што е повеќе отколку во цела година лани, а властите стравуваат дека бројките би можеле да ги достигнат размерите на кризните години 2015 и 2016 година, кога над милиони бегалци пристигнаа во Германија, главно од Сирија.
Градовите и општините со месеци испраќаат апели до федералната влада да го запре приливот на бегалци поради преполните капацитети за прифаќање и прекршување на финансиските рамки.
Свет
Ужас во Јужна Африка: мажи им продавале на деца мафини со дрога, 90 завршија во болница

Двајца мажи се соочуваат со повеќе обвиненија за обид за убиство во Јужна Африка, откако околу 90 деца завршиле во болница по конзумирање на мафини со дрога.
Официјалните лица рекоа дека децата ги купиле мафините од уличен продавач на пат кон основното училиште Пуламадибого, северозападно од Преторија.
Голем број од нив се пренесени во болница поради гадење, болки во стомакот и повраќање, а три девојчиња се уште се во болница.
Двајца осомничени на возраст од 21 и 19 години се обвинети за убиство во обид.
Одделот за образование во провинцијата Гаутенг соопшти дека наставниците се јавиле на 911 кога забележале дека децата почнале да „се однесуваат чудно“ на часовите.
Во соопштението се наведува дека инцидентот предизвикал голема загриженост кај родителите за безбедноста на нивните деца.
Полицијата, која прави токсиколошки извештај за да потврди дали е користен канабис, вели дека на повеќе од 90 ученици им биле дадени мафините и имале „сериозни болки“.
Сите се препратени во околните здравствени установи, 87 се пуштени, а само три ученички се уште се во болница каде што ја добиваат потребната лекарска помош, соопшти Министерството за образование.
Полицијата ги именувала осомничените Офентсе Малулека (21) и Амукелани Ниулунга (19).
Тие вчера се појавија пред судот во Сошангуве и одреден им е притвор.