Европа
Путин првпат ги посети ранетите руски војници

Рускиот претседател Владимир Путин вчера првпат ги посети војниците во болница во Москва, три месеци по почетокот на офанзивата на соседната земја.
На снимката на руската телевизија се гледа како Путин во бела престилка разговара со неколку војници и ги прашува од каде се и каква е нивната семејна состојба.
Војниците стоеја покрај своите кревети.
Обраќајќи му се на војник во пижами со сино-бели линии, претседателот му рекол дека неговиот деветмесечен син „ќе се гордее на својот татко“. Со него беше и министерот за одбрана, Сергеј Шојгу.
Русија многу ретко ги открива своите човечки загуби во Украина. Последните податоци објавени на 25 март покажуваат дека руската војска признала 1.351 загинат војник и 3.825 ранети.
Портпаролот на претседателот претходно изјави дека посетата не претставува нова фаза бидејќи офанзивата во Украина влезе во четвртиот месец.
„Едноставно, временскиот распоред му овозможи лично да оди таму“, изјави Дмитриј Песков.
Русија тврди дека офанзивата во Украина, која почна на 24 февруари, сака да ги заштити жителите што зборуваат руски од геноцид и да ја исчисти земјата од нацистите.
Властите исто така истакнуваат дека офанзивата се одвива според планот, иако Москва се откажа од нападот врз Киев на крајот на март по жестокиот украински отпор и се фокусира на операциите на истокот на земјата.
И покрај жестоките борби во последните три месеци, руската војска бавно напредува сигнализирајќи долга и исцрпувачка војна.
Рускиот министер за одбрана и секретарот на моќниот руски Совет за безбедност во вторникот изјавија дека Русија ќе мора долго да остане во Украина за да ги постигне целите на нејзината интервенција, пренесуваат светските агенции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Џонсон не планира да поднесе оставка: Во тешки околности работата треба да продолжи

Британскиот премиер Борис Џонсон најави дека ќе се бори да остане на власт и покрај зголемените повици да се повлече.
Позицијата на Џонсон ја разнишаа низа оставки од колеги и министри кои сметаат дека тој не е добар премиер. На неделниот распит премиерот во Парламентот пристигна со борбен став.
По оставката на повеќе од 20 функционери, некои претставници сметаат дека Џонсон не може да ги пополни тие позиции во време кога се повикува владата да одговори на растот на трошоците за живот и да ја поддржи економијата, чиј раст забавува и е загрозен со рецесија. Неговата судбина би можела да биде решена најрано в среда кога таканаречениот комитет 1922 ќе се состане за да ги утврди правилата за гласање доверба. Портпаролот на Џонсон рече дека Џонсон верува оти ќе преживее такво гласање.
„Работата на премиерот во тешки околности е да продолжи да работи“, рече Џонсон. Претходно, тој се обиде да го покаже својот авторитет со брзо назначување на Надим Захави за министер за финансии, а кој е популарен политичар во Конзервативната партија заслужен за брзата набавка на вакцината против Ковид-19.
Но, настапот на Џонсон во Парламентот наиде на брутален одговор, пишува „Ројтерс“. Тешката позиција во која се наоѓа се покажа кога некои негови колеги од власта не успеаја да се воздржат од смеење додека лидерот на опозицијата му кажа дека е лидер на лесната бригада.
Џонсон беше прашан за неговата оставка од тројца членови на неговата партија.
Го нападна и поранешниот министер за здравство, Саџид Џавид, наведувајќи ги сите афери и гафови. „Во одреден момент треба да одлучиме дека е премногу. Тој момент е денес“, рече Џавид. Според анкетата на YouGov, 69 отсто од Британците се согласуваат со поранешниот министер.
Европа
Владата на Орбан нема да испраќа оружје за Украина

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, во разговор за CNN ја брани одлуката на владата на Виктор Орбан да продолжи да купува руски енергенти, но и да не испраќа оружје во Украина.
Унгарскиот шеф на дипломатијата рече дека обидот за замена на руски енергенти со некои други „вклучува префрлање трошоци за унгарскиот народ“.
За одлуката да не ѝ праќаат оружје на Украина, Сијарто рече дека Унгарија „не сака да ризикува руски напад на 150.000 Унгарци кои живеат на западот на Украина“.
„За нас главна цел е да не се мешаме во оваа војна“, рече Сијарто.
Европа
Украинско обвинителство: Русите убиja најмалку 340 деца

Најмалку 340 деца се убиени во руските напади врз Украина, објавија од кабинетот на главната украинска обвинителка.
Од почетокот на војната на 24 февруари година досега се повредени 645 деца, се наведува во соопштението.
„Овие бројки не се конечни и Обвинителството работи на утврдување на точната бројка на самото место на случувањата. Поголемиот дел од овие бројки се однесуваат за регионот на Донбас, па следуваат регионот на Харков и Киев. Голем број жртви се потврдени во Чернихив, Миколаев и Запорожје“, се наведува во соопштението.