Свет
Работниците во Индија речиси 200 часа се заробени во тунелот

Индиски официјални лица предупредија дека градежните работници, кои се заробени во урнатиот тунел повеќе од една недела, би можеле да поминат уште неколку дена таму бидејќи разчните спасувачки напори досега не успеаја. Стравовите за здравјето и благосостојбата на работниците продолжуваат да растат бидејќи тие поминаа речиси 200 часа заробени во темен тунел во државата Утараханд.
Патниот тунел долг речиси пет километри, кој беше во изградба во хималајската држава, се урна во раните утрински часови на 12 ноември по лизгање на земјиштето во планинска област. Официјалните лица најпрвин објавија дека во тунелот се задржани 40 работници, но подоцна тој број се зголеми на 41.
Иако властите ја уверија јавноста дека работниците ќе бидат бргу спасени, операцијата сега влезе во осмиот ден бидејќи машините и операциите за спасување се отежнати од тешкиот шут и нестабилниот терен. Баскар Хулбе, дел од специјалистичкиот тим од кабинетот на премиерот, истакна дека пет владини агенции сега се вклучени во спасувачката операција.
Сепак, тој вчера предупреди дека може да поминат уште четири до пет дена пред да се дојде до работниците. Голема специјализирана машина беше донесена од Делхи, но операцијата беше прекината во петокот од безбедносни причини кога се слушнаа силни звуци на пукање.
Националната корпорација за развој на автопати и инфраструктура предупреди дека постои „голема можност за дополнителен колапс“. Владата рече дека сега е во сила нов „план од пет точки“, кој вклучува дупчење тунели од три правци, вклучително и вертикално и хоризонтално од двете страни. Беа изградени и нови патишта за да се донесат повеќе машини до градилиштето.
Индиската влада потврди дека се консултирала со експертите вклучени во познатото спасување на тимот млади фудбалери од пештера на Тајланд во 2018 година. Кислород и пакети со храна им биле доставени на мажите преку мал цевковод, кој се користи и за комуникација.
Во тек е операција за вметнување поголема цевка во шуплината за лебот и овошјето да им се пренесат на работниците. Сепак, лекарите предупредуваат дека колку подолго трае спасувањето, толку е поголема заканата за здравјето и психолошката стабилност на заробените работници. Лекарите на самото место предупредија минатата недела дека некои работници се пожалиле на гадење и главоболки.
За време на посетата на локацијата, министерот за патен транспорт и автопати, Нитин Гадкари, рече дека спасувачките тимови „се соочуваат со предизвици поради сложената и кревка геологија на Хималаите”. Гадкари се обиде да ја увери јавноста дека заробените работници се „безбедни и во добро расположение”. .
„Одржувањето на моралот на заробените работници и на членовите на нивните семејства треба да биде колективна одговорност на сите во овој момент“, додаде тој. Тунелот се градеше во областа Утаркаши како дел од шемата за патишта ‘Чар Дам’, водечки проект на премиерот Нарендра Моди вреден 1,5 милијарда долари, чија цел е подобрување на поврзувањето низ Утаракханд, популарно хинду верско место.
Проектот се покажа контроверзен бидејќи еколозите и локалните жители тврдат дека тешкото дупчење и градбата предизвикале слегнување на земјиштето, лизгање на земјиштето и голема еколошка штета во ранливиот регион на Хималаите, пишува „Гардијан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Се огласи Ердоган: Турција е подготвена

Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денеска изјави дека неговата земја е подготвена да им биде домаќин на украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин „кога ќе бидат подготвени да се сретнат“.
На средбата со Зеленски во Анкара, Ердоган ја оцени актуелната ситуација како историска можност за почеток на преговорите меѓу Русија и Украина и ја изрази силната поддршка на Турција за дијалогот, како на техничко, така и на највисоко лидерско ниво, пишува весникот „Дејли Сабах“.
Тој ја повтори подготвеноста на Турција да биде домаќин на евентуален самит меѓу Путин и Зеленски и нагласи дека Анкара придава големо значење на одржувањето на отворените канали за комуникација меѓу Москва и Киев.
Руската делегација на преговорите во Истанбул ја предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Медински.
Претходно, европските лидери го повикаа Кремљ на целосен и безусловен 30-дневен прекин на огнот, а Путин предложи директни разговори во Истанбул.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Време е да се изврши притисок врз Путин

Британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави дека сојузниците на Украина „мора да дејствуваат“ и „да го зголемат притисокот врз Путин“, во услови на неизвесност за мировните преговори во Турција, пренесе АФП.
Зборувајќи по состанокот со германскиот министер за одбрана Борис Писториус во Берлин, Хили повика на нови санкции против Русија и нагласи: „Треба да извршиме притисок врз Путин да го принудиме на преговарачка маса. Сега е време да започнеме преговори и да ја запреме војната“.
Тој додаде дека рускиот претседател „има моќ да ја запре војната – може да отпатува во Истанбул, да преговара и да нареди прекин на огнот“.
Свет
Шефот на руската делегација: Путин ни постави цели за преговорите

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Анкара, шефот на руската делегација во Истанбул, Владимир Медински одржа своја прес-конференција.
Медински изјави дека Русија ги смета овие преговори за продолжување на мировниот процес кој започна во 2022 година. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин лично ги одредил задачите на делегацијата и ја дефинирал преговарачката позиција, по состанокот со воените команданти задолжени за таканаречената „специјална операција“, термин што Кремљ сè уште го користи за војната и целосната инвазија на Украина.
Медински тврди дека руската страна е решена да најде решенија и допирни точки во Истанбул.
Од друга страна, Зеленски постојано повторуваше дека Русија не е сериозна за постигнување мир, токму затоа што преговорите не ги води самиот Путин, кој според него ги носи сите клучни одлуки во земјата.