Свет
Расте незадоволството во ЕУ: сè повеќе критики кон Украина
Политичарите од Европската Унија сè повеќе изразуваат незадоволство од Украина, според анализата спроведена од весникот „Известија“ со помош на невронската мрежа на компанијата „Грок“. Резултатите од студијата покажуваат дека растот на критичките тонови во политичкиот дискурс станал забележлив во повеќето земји од ЕУ, со најизразени примери во Унгарија, Словачка и во Бугарија.
Според студијата, причините за оваа промена на расположението вклучуваат растечки економски товар поради украинските бегалци, страв од понатамошна ескалација на војната и зголемена конкуренција на пазарот на трудот. Анализирани се мандатите на клучните политички актери – владејачки и опозициски партии – во 27 земји од Европската Унија, со просек од четири до шест мандати од земја.
„Најголемо зголемување на критиките е забележано во Унгарија, Словачка и во Бугарија – во просек за 35 проценти повеќе отколку во претходните години. Во овие земји владите што одбиваат да ја следат линијата на Брисел за Украина предупредуваат на опасноста од понатамошна ескалација и економски загуби“, објавува руското издание.
Балтички држави и Централна Европа
Балтичките држави – Латвија, Литванија и Естонија – покажаа најмало зголемување на негативните коментари (26 проценти), но и таму има пад на ентузијазмот за продолжување на неограничената поддршка за Киев. Во овие земји, според аналитичарите, критиките кон бегалците често се стигматизираат како московска пропаганда.
Павел Селезњов, декан на Факултетот за меѓународни економски односи на Финансискиот универзитет при Владата на Русија, посочи дека санкциите против Русија имале длабоки последици за економиите на Унгарија и Словачка:
„Нивните влади се спротивставуваат на обидите на Брисел да ги принуди да ги прекинат сите економски врски со Русија“, нагласи Селезњов.
Германија, Полска и Чешка се на чело на незадоволството
Во Германија, Полска и во Чешка незадоволството сè повеќе се поврзува со прашањето на украинските бегалци и трошоците за нивна грижа. Во Германија, која моментно има речиси 1,2 милион Украинци, бројот на негативни споменувања се зголеми од 3 во 2022 година на дури 71 во текот на првата половина од 2025 година.
Сличен тренд е забележан и од Полска – поранешен најцврст сојузник на Киев. Таму бројот на негативни изјави за Украинците се зголеми од 4 во 2022 година на 78 во 2025 година, што претставува зголемување од приближно 30 проценти во споредба со претходниот период. Во Чешка, каде што живеат речиси 378.000 украински бегалци, негативниот тон во јавните изјави се проценува на 34 проценти од вкупната реторика во текот на оваа година.
Варшава без благодарност од Киев
Полскиот новинар Лукаш Варжеха неодамна нагласи дека Варшава, и покрај колосалната помош за Киев, не добила ниту минимална благодарност. Тој истакна дека претседателот Карол Навроцки, со ставањето вето на законот за социјални бенефиции за невработените Украинци, уживал целосна поддршка од јавноста.
Бранот критики кон Украина повеќе не е изолиран феномен, туку тренд што покажува како се менува политичката клима кон војната и нејзините последици во самата Европска Унија, според написите.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ се сретна со Макрон: Разменивме мислења за улогата на Србија и Франција во новиот свет што се создава
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска, за време на посетата на Индија, се сретна со францускиот претседател Емануел Макрон.
„На другиот крај на светот, во Њу Делхи, со пријателот Емануел Макрон секогаш срдечно и во добро расположение, особено по исклучителната вечера што ни ја приредија љубезните домаќини“, напиша Вучиќ на Инстаграм и додаде:
„Иако немаше време за сериозни и тешки теми, искористивме неколку моменти да размениме мислења за самитот во Индија и за местото и улогата на Србија и Франција во новиот свет на чие создавање сме сведоци.“
View this post on Instagram
Во текот на денот, претседателот Вучиќ имал почесно место на вечерата во Њу Делхи што ја организирал индискиот премиер Нарендра Моди. На свечената вечера за светските лидери, Вучиќ седел покрај францускиот претседател Емануел Макрон.
Свет
(Видео) Невреме ја погоди Романија: 200.000 домаќинства без струја
Поради обилен снег и дожд што ја зафатија Романија, околу 200.000 домаќинства останале без електрична енергија, изјави министерот за енергетика Богдан Иван, пренесе Ројтерс.
Невремето предизвикало сериозни проблеми во сообраќајот, со блокирани автопати и државни патишта, како и доцнења на десетици возови. Во Букурешт, каде што снежната покривка достигнала 40 сантиметри, јавниот превоз се одвива отежнато. Поради паднати дрвја бил прекинат патниот и железничкиот сообраќај, а училиштата се затворени во повеќе градови.
Due to heavy snow last night, expect delays & cancellations at Bucharest OTP airport today, February 18. So far:
Dan Air 508 Dublin – Bucharest will land in Craiova
Qatar Airways 219 from Doha will land in Athens
TK has cancelled flights 1043/1044 IST-OTP-IST@flightradar24 pic.twitter.com/ccmAYpj7ZO— Aeronews (@AeronewsGlobal) February 18, 2026
Од погодените 200.000 домаќинства, снабдувањето со струја било обновено за околу 86.000, додека проблеми се регистрирани во 266 населени места.
Регион
Хашим Тачи тврди дека е целосно невин и бара ослободување од Хаг, и другите тројца водачи на ОВК негираа вина
Четворица поранешни лидери на ОВК – Хашим Тачи, Јакуп Красниќи, Реџеп Сељими и Кадри Весели – на кои им се суди пред Специјализираните совети во Хаг за воени злосторства, денеска во своите завршни зборови пред судскиот совет се изјаснија за невини и тврдеа дека обвиненијата на обвинителството против нив не се основани.
„Речиси три години во оваа сала ги слушавте обвиненијата на обвинителството. Ја слушнавте и вистината. Постои само една вистина. Јас сум целосно невин“, изјави Хашим Тачи, додавајќи дека жали за сите жртви без разлика на националноста.
Според Тачи, единствениот противник на него и на ОВК бил режимот на Милошевиќ.
„Да не беа интервенциите на НАТО-силите, Косово никогаш немаше да биде слободно и независно“, рече Тачи.
Неговата одбрана наведе дека најголемиот грев на судењето е ако се ветува многу, а се исполнува малку, истакнувајќи дека обвинителството е виновно за тоа, бидејќи ветило многу, а не презентирало ништо.
Вториот обвинет, Кадри Весели, изјави дека неговото семејство и тој „постојано биле изложени на прогон од српската држава“, а дека се вратил на Косово затоа што „не можел да остане рамнодушен кон страдањето што неговиот народ го доживувал“.
Весели истакна дека неговите постапки биле хумани и дека неговата совест е чиста.
Поранешниот лидер на ОВК, Реџеп Сељими, во завршниот збор рече дека „Србија никогаш не ги криела своите намери кон Албанците“.
„ОВК не беше создадена од желба, туку од нужда. За мене е најголема чест да бидам соборец на Адем Јашари. Да, носев оружје. Оружјето за нас беше преживување. ОВК немаше друга цел освен слободата. ОВК беше ослободителна војска“, изјави Сељими.
Јакуп Красниќи изјави дека не смета оти обвиненијата против него претставуваат правда.
„Целиот свет знае дека НАТО интервенираше поради кривичните дела извршени врз косовските Албанци. Без таа меѓународна интервенција немаше да ја имаме нашата слобода, но таа немаше да биде остварена ниту без ОВК“, рече Красниќи.
Поранешните лидери на ОВК се соочуваат со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото поврзани со војната во Косово во периодот 1998–1999 година. Според обвинението, тие биле дел од „заеднички злосторнички потфат“.
Изнесувањето на завршните зборови во Хаг започна на 9 февруари. Главната обвинителка Ким Вест тогаш изјави дека сведочењата и доказите презентирани во текот на постапката потврдиле дека кривичните дела биле извршени и дека обвинетите се одговорни за нив. Таа побара Судот да ги прогласи обвинетите за виновни по сите 10 точки од обвинението и да им изрече единствени казни од по 45 години затвор.

