Свет
Решение за војната е можно многу брзо, со три услови, рече специјалниот претставник на Кремљ во Вашингтон
Решение за војната во Украина може да се најде прилично брзо ако се решат три клучни прашања за Русија, изјави Кирил Дмитриев, специјален претставник на Кремљ и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Дмитриев моментално е во посета на САД.
Дмитриев изјави за Фокс њуз: „САД, Украина и Русија разбираат какво може да биде решението и се надеваме дека ќе се постигне во разумен временски рок“. Кога еден новинар го праша да појасни за какво решение зборува, Дмитриев спомена три елементи.
„Доста сум фокусиран на економијата и инвестициите и целокупните односи со САД и обезбедувањето дијалог, но мислам дека има само неколку елементи. Еден од нив се безбедносните гаранции за Украина, а Русија е отворена за безбедносни гаранции за Украина.
Дефинитивно постои територијално прашање, каде што има руско население, руско население кое беше нападнато од украинските сили дури и пред почетокот на конфликтот.
А потоа тука е целото прашање за неутралноста на Украина, што е важно за безбедноста на Русија. Значи, всушност, нема толку многу прашања на маса, и во основа, со разбирање како тие можат да се решат дипломатски, решение всушност може да се најде доста брзо.“
Дмитриев, исто така, ја искористи можноста да го пофали американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи го напредокот постигнат во решавањето на конфликтот за време на неговиот мандат.
„Претседателот Трамп избегна ескалација во Трета светска војна“, рече претставникот на Кремљ додавајќи дека првиот човек на САД ја разбира руската позиција.
Во интервју за „Си-ен-ен“, Дмитриев додаде дека средбата меѓу Трамп и рускиот лидер Владимир Путин ќе се одржи, но веројатно подоцна.
„Мислам дека средбата е одложена – нашите дипломати мора добро да ја подготват“, рече тој.
„Одличен потег на претседателот Володимир Зеленски е што тој веќе признава дека станува збор за фронтовските линии“, рече Дмитриев. „Знаете, неговиот претходен став беше дека Русија треба целосно да си замине, па всушност мислам дека сме доста блиску до дипломатско решение што може да се постигне“.
Дмитриев вчера пристигна во Соединетите Држави на официјални разговори. Неговото пристигнување следеше по воведувањето санкции врз рускиот нафтен сектор и откажувањето на самитот меѓу Трамп и Путин што требаше да се одржи во Унгарија. Дмитриев тврди дека Русија, САД и Украина се блиску до дипломатско решение што би ја завршило војната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар на крузер на Нил, евакуирани 60 италијански туристи
Денес избувна пожар на туристичкиот крузер „Емпрес“ што плови по Нил во близина на Луксор во Египет. На бродот имало околу 60 италијански државјани, но никој не е повреден и сите патници се безбедни, потврди италијанското Министерство за надворешни работи Фарнезина, објавува „Ил Месаџеро“.
Фарнезина соопшти дека внимателно ја следат ситуацијата заедно со амбасадата во Каиро и дека министерот Антонио Тајани е информиран за сè. За какви било итни случаи, италијанските граѓани ги имаат на располагање броевите на амбасадата во Каиро и на Кризната единица.
Сите патници се згрижени
Евакуираните туристи веднаш беа згрижени од туристичките оператори Corsini Viaggi и Travco Tours.
Пожар предизвикан од краток спој
Според првичната истрага, пожарот избувнал во кујната на бродот додека бил закотвен во пристаништето на селото Асфун. Причината бил електричен краток спој во еден од кујнските апарати. Пожарникарите брзо го изгаснале пламенот пред да се прошири на остатокот од крузерот, а во инцидентот нема повредени туристи или членови на екипажот.
Истрагата е во тек
Сите патници се префрлени на други бродови од безбедносни причини, додека властите започнаа со инспекција на бродот за да ја утврдат точната причина за пожарот. За инцидентот е известено и државното обвинителство, кое ќе спроведе официјална истрага.
Фото: принтскрин
Свет
Белорусија ќе распореди руски ракетни системи „Орешник“ на своја територија
Белорусија ќе распореди руски ракетни системи „Орешник“ на своја територија во декември, објави денес кабинетот на белорускиот претседател Александар Лукашенко.
Се вели дека подготовките за распоредување на ракетите се при крај, објавува Ројтерс.
Лукашенко изјави дека распоредувањето на хиперсоничните балистички ракети „Орешник“ е одговор на ескалацијата од Западот.
Ракетите „Орешник“ беа вклучени во заеднички маневри меѓу Русија и Белорусија минатиот месец.
Фото: принтскрин
Свет
Витакер: Трамп ќе воведе и примени нови строги санкции врз руската нафта
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ќе спроведе и примени нови строги санкции врз руската нафта со цел да изврши притисок врз претседателот на Русија, Владимир Путин, да се согласи на преговори за прекин на војната меѓу Русија и Украина, изјави денес американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер.
„Веќе ги воведовме овие санкции и планираме да ги спроведеме“, рече Витакер во интервју за Блумберг.
Минатата недела, Министерството за финансии на САД ги стави на црната листа државните нафтени гиганти „Роснефт“ и „Лукоил“, најголемите руски производители на нафта, како дел од новиот обид да се стави крај на војната во Украина со тоа што ќе ѝ се одземат приходите на Москва за финансирање на војната.
Тоа беше првиот голем пакет финансиски санкции против Русија откако Трамп ја презеде функцијата.
„Ова би можело да биде она што го поттикнува претседателот Путин да седне на преговарачка маса и да ја заврши оваа војна или барем да се согласи на прекин на огнот за да можеме да преговараме за конечно решение“, рече Витакер. Цените на суровата нафта скокнаа по објавувањето на санкциите, но реакцијата на пазарот остана „пригушена“ поради неизвесноста за тоа колку сериозно Белата куќа ќе ги спроведе новите мерки против Русија, која е под тешки санкции уште од раните денови на војната, пишува Блумберг.
Сепак, според Витакер, „ова е само почеток“.
„Претседателот Трамп ги држи сите адути во свои раце, ова е само една карта на која играше, пренесува Танјуг. Има уште многу“, рече тој.
Фото: принтскрин

