Свет
Русите и Украинците направија пекол во рајот: Бали им се заканува со укинување на визите
Со своите плажи, опуштениот начин на живеење и чувството дека секогаш е празник, Бали беше тропски рај до почетокот на војната во Украина. И тогаш почнаа да пристигнуваат Русите и Украинците и работите излегоа од контрола.
Од почетокот на војната во февруари 2022 година познатото одморалиште во Индонезија стана магнет за Русите и Украинците, кои сакаа да избегаат од пеколот на војната.
Но, оние што избегаа од војната или мобилизацијата почнаа да прават пекол во рајот. Минатиот викенд властите на Бали ги повикаа индонезиските власти да ја прекинат политиката за издавање визи на граѓаните на Русија и Украина по пристигнувањето во земјата. Како што се наведува, причината за тоа се многуте инциденти, кои вклучуваат грдо однесување и разни примери на прекршување на визниот режим, како што е престојот во таа земја подолго од пропишаниот рок со визата, па дури и незаконската работа, во која тие најчесто се вработуваат како неовластени туристи, водичи, таксисти и фризери.
Многу Украинци на Бали беа шокирани од оваа објава тврдејќи дека во повеќето инциденти учествувале Руси и дека неправедно биле обвинети.
Туристите на Бали често ги полнат колумните во весниците со инциденти на пијанство и несоодветно однесување, како и со голотија и непочитување на светите места.
Си-ен-ен побара коментар од Амбасадата на Русија во Индонезија и Конзулатот на Украина на Бали. Руската амбасада не одговори, а украинскиот конзулат соопшти дека мнозинството од нивните граѓани на тој остров се жени и деца што „не ги кршат правилата и законите“.
Она што го прави Бали особено привлечен за туристите од повеќе од 80 земји е тоа што визата се добива при влез во земјата. Визата важи 30 дена, но можно е да се продолжи на 60.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

