Свет
Русија забрани цртан филм на „Дизни“, бидејќи главниот лик е хомосексуалец
Рускиот државен регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ ја предупреди компанијата „Волт Дизни Ко“ дека не треба да го прикажува и промовира краткиот филм „Надвор“ (Out) во таа земја, чиј главен лик е хомосексуалец, бидејќи во Русија е забрането да се прикажува содржина што се смета за штетна за децата.
„Роскомнадзор“ соопшти дека испратило писмо до „Дизни“ во кое ја предупредува компанијата дека е против рускиот закон да ги изложува децата на содржина што „ги негира семејните вредности и промовира нетрадиционални сексуални односи“.
„Out“ излезе во САД на каналот „Дизни+“ во мај минатата година. Во продукција на „Дизни и Пиксар“, „Out“ е седмиот филм од серијалот SparkShorts и првиот краток филм на двете компании во кој главен лик е хомосексуалец.
„Дизни“ не одговори веднаш на барањето за коментар.
Во Русија, истополовите врски се легални, но законот од 2013 година забранува „ширење пропаганда за нетрадиционални сексуални односи“ кај помладата популација.
Организациите за човекови права го осудија законот, велејќи дека тој придонел за зајакнување на негативниот социјален став кон хомосексуалноста.
Руски обвинител во понеделникот повика на забрана за реклами на Инстаграм од страна на модната куќа „Долче и Габана“ на кои се гледаат истополови парови како се бакнуваат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

