Свет
Рускиот заем од милијарда и пол долари не е доволен за спас на белоруската економија

Одлуката на Русија да ѝ додели заем од 1,5 милијарда американски долари на Белорусија нема да ја спаси економијата на земјата, вели членот на Президиумот на белорускиот Координативен совет на опозицијата, Павел Латушко, пренесува ТАСС.
„Всушност, тие пари само ќе го сменат џебот. Од почетокот на годината Белорусија веќе ѝ должи на Русија околу 400 милиони. Покрај тоа, треба да вратиме околу една милијарда во рамките на заемот од 3,6 милијарди долари што Русија претходно ни го додели. Тоа може да ја спаси Белорусија за краток рок, но тоа нема да ја спаси белоруската економија затоа што е потребен системски пристап, како и еднократна помош од најмалку 4 милијарди американски долари“, рече тој во видеообраќањето објавено преку „Телеграм“.
Според Латушко, Белорусија има потреба од преструктуирање на своите долгови и програма за реформи, што, според него, сегашната влада не била способна да ја изготви.
Рускиот претседател, Владимир Путин, на состанокот со својот белоруски колега Александар Лукашенко во Сочи изјави дека Москва ќе му обезбеди државен заем во висина од 1,5 милијарда долари на Минск.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по разговорите, рече дека дел од новиот заем ќе биде наменет за рефинансирање на претходните долгови, а другиот е нови средства.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
Свет
Завршија разговорите меѓу ЕУ и Иран во Женева

Преговорите меѓу европските министри за надворешни работи и иранската делегација во Женева, одржани со цел смирување на ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, завршија. Средбата траеше цел ден, а по завршувањето, учесниците дадоа кратки изјави за медиумите.
Потпретседателката на Европската комисија и естонска премиерка, Каја Калас, нагласи дека регионалната ескалација „не е од корист за никого“ и дека „затоа мора да ги држиме отворени каналите за комуникација“.
Таа додаде дека двете страни се согласиле да продолжат со разговорите за нуклеарните прашања, но и за пошироките прашања.
Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Лами, беше директен:
„Јасно ставивме до знаење: Иран не смее да има нуклеарно оружје“.
Тој додаде дека тој и неговите европски колеги се „решени да продолжат со преговорите со Иран“ и ја нагласи важноста од продолжување на разговорите меѓу Иран и САД.
„Ова е опасен момент и е исклучително важно да нема регионална ескалација“, предупреди Лами.
Свет
Иран: Разговорите во Женева беа сериозни и достоинствени, подготвени сме да продолжиме

Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, ги опиша денешните разговори во Женева со претставници на Обединетото Кралство, Германија, Франција и Европската Унија како „сериозни и достоинствени“.
Во изјава по состанокот, тој рече дека Иран е подготвен да го преиспита дипломатскиот пристап и го поддржува продолжувањето на разговорите.
„Подготвени сме за нови состаноци со земјите од Е3 и Европската Унија во блиска иднина“, рече Арагчи.
Така, Иран ја отвори вратата за понатамошна дипломатија откако сите учесници на денешните разговори во Женева, одржани со цел да се спречи ескалацијата на конфликтот меѓу Иран и Израел, ја нагласија важноста од продолжување на дијалогот и спречување на регионалното ширење на конфликтот