Свет
Рускиот митрополит Иларион: Ќе ги уништат ли Турците и другите мозаици со Исус во „Аја Софија“?

Портпаролот на Московската патријаршија, митрополитот Иларион, изрази загриженост поради најавите за претворање на „Аја Софија“ во џамија, пренесува „Спутник“.
„Внимателно и сериозно ги следиме случувањата поврзани за храмот ‘Света Софија’. Очекуваме официјално објавување на одлуката на Врховниот суд на Турција, кој, ако им се верува на медиумите, одлучил дека статусот на ‘Аја Софија’, која сега е музеј, може да се промени со указ на претседателот. Се надеваме дека нема да биде донесена одлука храмот да се претвори во џамија“, изјави Иларион.
Тој ја нарече „Аја Софија“ наследство на целото човештво. Таа илјада години беше православен храм, потоа претворен во џамија, но во 1934 година со одлука на првиот претседател на Турција, Кемал Ататурк, доби статус на музеј.
Во храмот се сочувани непроценливи фрагменти на мозаици со Исус Христос, Богородица, свети Јован Крстител и со византиските императори.
„Каква ќе биде судбината на тие мозаици ако храмот биде претворен во џамија? Во исламот сликите се забранети. Ќе ги уништат како што уништија и дел од мозаикот по заземањето на Цариград во 1453 година или ќе ги пребојат“, рече тој.
Митрополитот Иларион изрази уверување дека промените во рамнотежата и долгогодишното статус кво може да му нанесат штета на заемното разбирање во светот, дијалогот меѓу цивилизациите и културите и на меѓурелигискиот дијалог.
Тој посочи дека не е во прашање само споменик на светската култура кој се наоѓа под заштита на УНЕСКО, туку објектот има и сакрално значење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Данската премиерка: Русија нема да застане кај Украина

Украина се бори за цела Европа, додека Русија не покажува знаци дека сака мир и дека ќе застане кај Украина, изјави денес данската премиерка, Мете Фредриксен во Архус.
„Мора да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина бидејќи таа се бори за сите нас“, рече Фредриксен на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
По повод преземањето на ротирачкото претседателство, данската влада го прими Колеџот на комесари на Европската комисија во Архус, вториот по големина град во Данска.
„Ни секунда не верувам дека Путин сака мир и има намера да застане кај Украина, затоа мора да ја ставиме Украина во најсилната можна позиција“, рече Фредриксен, додавајќи дека е потребно да се продолжи со работата за слабеење на руската економија, зајакнување на санкциите и запирање на увозот на руски гас.
Претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, изјави дека одлуката на САД делумно да ја суспендира воената помош за Украина покажува дека ЕУ мора да ја засили својата поддршка за нападнатата земја.
Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ја користат кредитната програма SAFE, вредна 150 милијарди евра, за воена помош за Украина, преку купување воена опрема за Украина или инвестирање во украинската одбранбена индустрија.
Данската премиерка додаде дека нејзината земја почнала да инвестира во производство на оружје и друга воена опрема на украинска територија уште порано.
„Функционира многу добро, бидејќи тие произведуваат побрзо, подобро и поевтино од сите нас“, рече Фредриксен, додавајќи дека Украинците сè уште имаат 40 проценти неискористен капацитет за производство на оружје и опрема.
Таа, исто така, оцени дека запирањето на американската помош за Киев би значело „сериозен удар за Украина, Европа и НАТО“.
(Фото: ЕПА)
Свет
Путин вели дека денес ќе разговара со Трамп

Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека подоцна во текот на денот ќе разговара со својот американски колега Доналд Трамп.
Ова ќе биде шестиот јавно познат разговор меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари, а ќе се одржи во услови на досега неуспешни напори на Соединетите Американски Држави да преговараат за прекин на огнот во Украина.
Двајцата претседатели последен пат разговараа на 14 јуни, а главната тема на нивниот разговор беше Иран.
Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.