Свет
Руте е идниот шеф на НАТО – верен сојузник на Украина и жесток критичар на Путин
Холанѓанецот Марк Руте, кој ќе стане нов генерален секретар на НАТО, е жесток критичар на рускиот претседател Владимир Путин и верен сојузник на Украина, кој ги усоврши своите политички вештини за време на неговиот 14-годишен мандат како премиер.
Руте (57) е еден од најголемите поддржувачи на европската воена поддршка за Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година и нагласува дека поразот од Москва е клучен за мирот во Европа.
Соборувањето на авионот над Украина во 2014 година беше пресвртница за Руте
Тоа беше поттикнато од соборувањето на авионот над Украина во 2014 година, за што Холандија ја обвинува Русија. Тогаш загинаа 298 лица, а 196 беа холандски државјани.
„НАТО мора да биде силен за да и се спротивстави на Москва, а европските лидери не смеат да бидат наивни кога станува збор за Русија на Путин“, посочува тој.
„Тој нема да застане во Украина ако не го запреме сега. Оваа војна е поголема од Украина. Се работи за зачувување на меѓународното владеење на правото“, рече Руте во ОН во септември 2022 година, седум месеци по почетокот на руската инвазија.
Руте стана еден од најистакнатите европски политичари, играјќи важна улога во европските дебати за имиграцијата, долговите и одговорот на пандемијата на Ковид-19.
Под негово водство, Холандија ги зголеми трошоците за одбрана на повеќе од 2 отсто од БДП како што бара НАТО и донираше авиони Ф-16, артилерија, беспилотни летала и муниција на Киев.
Столтенберг ги прими Црна Гора, Северна Македонија, Финска и Шведска во НАТО
Речиси е сигурно дека во октомври тој ќе го замени Јенс Столтенберг на чело на НАТО, кој таа функција беше речиси десет години, откако романскиот претседател ја повлече кандидатурата. Руте веќе обезбеди поддршка од 31 од 32-те земји-членки на Алијансата.
Столтенберг во вторникот рече дека Руте е многу силен кандидат да го наследи и дека одлуката е блиску.
За време на мандатот на Столтенберг, Алијансата ги вклучи Црна Гора, Северна Македонија, Финска и Шведска.
Некои членки на НАТО се надеваа дека естонската премиерка Каја Калас ќе стане првиот генерален секретар на Алијансата, но за други таа е премногу радикална во односот кон Русија.
Трансатлантска врска
Руте цел живот живее во Ден Хаг и не е оженет, а по политиката имал намера да се посвети на наставата. Но, војната во Украина го поттикнала да одлучи за меѓународна функција.
Тој е силен поддржувач на украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого се сретна во Киев пред пет години.
„Дури и тогаш беше очигледно: ова е човек со мисија… Убеден сум дека успехот на Украина во голема мера зависи од менталитетот што тој го ширеше од самиот почеток“, изјави Руте за Ројтерс во април.
Од друга страна, иако предупреди за заканата од Путин, тој сугерираше и дека рускиот претседател не е толку силен како што изгледа.
„Не го преценувајте ментално Путин. Разговарав многу со него. Тој не е силен човек, не е силен тип“, рече Руте на дебатата во парламентот во април.
„Еден од оние во ЕУ кој најдобро се справи со Трамп“
Руте минатата година ја потврди својата кандидатура за нов генерален секретар на НАТО како еден од лидерите на меѓународната коалиција која ќе испорача авиони Ф-16 во Украина и ќе обучува украински пилоти.
На крајот од неговиот мандат на чело на холандската влада, тој потпиша десетгодишен безбедносен договор со Украина, кој и гарантира поддршка од Холандија.
Руте има добри односи со различни британски и американски функционери и многумина го сметаат за еден од оние во ЕУ кои најдобро се справиле со американскиот претседател Доналд Трамп, кој повторно се кандидира за Белата куќа.
Тоа би можело да биде драгоцено искуство за него бидејќи евентуалното враќање на Трамп на власт ги загрижи лидерите на НАТО, бидејќи тој ја доведе во прашање подготвеноста на Америка да им помогне на другите членки на Алијансата доколку бидат нападнати.
На безбедносната конференција во Минхен минатата година, Руте рече дека лидерите треба да престанат да „кукаат за Трамп“ и да трошат повеќе за одбрана и производство на муниција, без оглед на тоа кој ќе победи на претседателските избори во САД овој ноември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бебе застрелано од мало дете кое во паркиран автомобил посегнало по наполнет пиштол во САД
Бебе било застрелано и убиено од мало дете кое додека биле во паркиран автомобил посегнал0 по наполнет пиштол и го повлекло чкрапалото, соопшти полицијата.
Пукањето се случило на паркинг во близина на медицински центар во Сан Антонио, Тексас.
Во возилото имало три деца и една жена, изјави началникот на полицијата на Сан Антонио, Вилијам Мекманус.
„Деца на возраст од 3, 2 години и 10 или 11 месеци биле во задниот дел на возилото“, рече тој.
Едно од постарите деца се фатило за наполнет долг пиштол што бил во задниот дел на возилото и „случајно го повлекол чкрапалото“, пукајќи во најмалото дете, рече началникот.
„Ова што го имаме денес овде е ужасна, страшна трагедија“, рече Мекманус на брифинг со новинарите.
Свет
Бразилскиот претседател Лула е стабилен по повредата на главата
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва се чувствува добро денеска откако се здоби со повреда на главата во неговиот дом во текот на викендот, кога доживеа мало крварење на мозокот, изјави бразилскиот министер за институционални односи Александре Падиља.
Според лекарите Роберто Калил и Ана Хелена Гермољо, нов контролен преглед ќе биде извршен за 72 часа, пренесува Ројтерс.
Лекарите исто така потврдија дека бразилскиот претседател може да ја продолжи својата нормална работна рутина.
Свет
Ердоган: Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС
Турција сака да ја подобри соработката со БРИКС и очекува дека претстојниот самит во Казан ќе даде поттик на овој потфат, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Искрено сакаме да ја продлабочиме нашата соработка со БРИКС. Верувам дека самитот во Казан значително ќе придонесе за овие напори“, рече Ердоган во Анкара.
Според турската телевизија ТРТ Хабер, Ердоган потврдил дека „на покана на рускиот претседател Владимир Путин утре ќе го посети Казан за да учествува на проширената средба на лидерите на БРИКС“.