Свет
САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток

САД испраќаат трет носач на авиони на Блискиот Исток, поради ескалацијата на тензиите меѓу Израел и Иран, објави Ројтерс, повикувајќи се на американски официјални лица.
Американскиот носач на авиони УСС Џералд Р. Форд ќе ја напушти својата база во Норфолк, Вирџинија, на 24 јуни, соопшти американската морнарица. Станува збор за планирано распоредување во областа на операции на Европската команда на САД (EUCOM), но неговото пристигнување во близина на Медитеранот значи дека третиот американски носач ќе биде во дофат на потенцијален конфликт на Блискиот Исток.
УСС Карл Винсон веќе е во регионот, учествувајќи во воздушни операции против бунтовниците Хути во Јемен, поддржани од Иран. Трет носач, УСС Нимиц, исто така се испраќа во регионот, потврди висок американски функционер за одбрана.
Министерот за одбрана Пит Хегсет издаде наредба за „одржување на одбранбената положба и заштита на американскиот персонал“.
Како што објави Ројтерс, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе одлучи во рок од две недели дали САД ќе се приклучат на нападите на Израел врз Иран. Тој додаде дека сè уште постои шанса за преговори со Техеран.
Трамп вчера изјави дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, е „лесна цел“, нагласувајќи дека не ја исклучил можноста за воена акција. Да потсетиме дека Трамп се повлече од нуклеарниот договор со Иран од 2015 година, а сега ги поддржува израелските напади врз иранските нуклеарни објекти и воени команданти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Kако многу слаб одговор Трамп го опиша нападот на Иран врз американската база во Катар

Американскиот претседател, Доналд Трамп, на социјалната мрежа „Трут соушал“ се огласи по повод иранските напади врз американската база во Катар.
Тој го опиша нападот како многу слаб одговор што САД го очекувале и ефикасно го одбиле.
„Истрелани се 14 проектили – 13 од нив се соборени, а 1 е пуштен, бидејќи отишол во ненасочен правец“, додаде тој.
„Задоволство ми е да известам дека ниту еден Американец не е повреден и дека е причинета минимална штета.
Тој додаде: „Најважно од сè е што изгледа дека ‘се испразнија’ и, се надеваме, нема да има понатаму омраза. Му благодарам на Иран што ни даде однапред известување, што овозможи да нема жртви или повредени. Можеби Иран сега може да се движи кон мир и хармонија во регионот, а јас со задоволство ќе го охрабрам Израел да го стори истото“.
Трамп рече и дека покрај фактот што ниту еден Американец не е убиен или ранет, подеднакво е важно што нема ниту загинати или ранети Катарци.
Американскиот претседател порача дека е време за мир.
Регион
Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот, вели бугарскиот министер Георгиев

Ниту еден обид за заобиколување на консензусот од 2022 година за Северна Македонија нема да биде успешен. Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации, изјави во Брисел министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев, пренесуваат бугарските медиуми.
„Засрамени сме од фактот што политичарите предвидуваат развој на настаните во врска со извештајот, од мешањето на земја-кандидат во работата на ЕП. Нашите европратеници работат исклучително активно. Она што зависи од извршната власт и комуникациите што таа може да ги спроведува – исто така.“
Тој истакнува дека ваквите разговори како оние на Мицкоски, можат да имаат само краткорочен популистички резултат, нагласувајќи дека пристапувањето кон Европската Унија се заснова на принципи, вредности и одговорности.
„Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот, јазикот и слични формулации. Европските институции не треба да се користат за инструментализирање на една или друга политика. Ниту еден обид за заобиколување на консензусот од 2022 година нема да биде успешен, бидејќи ќе наиде на решителен отпор од Бугарија. Од разговорите со другите колеги, нема земја-членка на ЕУ што би отстапила од она што беше постигнато тогаш. Консензусот останува валиден. Ние ја почитуваме работата на ЕП на извештајот, но тој нема меѓународно правно обврзувачка природа. Секој кандидат мора да ги почитува условите на сите земји-членки“, објасни Георгиев.
„Сакам да ги уверам бугарските граѓани и сите заинтересирани за процесот дека го охрабруваме процесот на проширување, но тој мора да се базира на сопствените заслуги“, додаде тој.
Свет
Катарското Министерство за одбрана: ракетниот напад пресретнат, ќе одговориме пропорционално

Министерството за одбрана на Катар објави дека противвоздушните сили пресретнале ракетен напад насочен кон воздухопловната база Ал-Удеид.
„Благодарение на Бога, будноста на вооружените сили и превентивните мерки, инцидентот не доведе до губење на животи или повреди“, се вели во соопштението на министерството, како што објави „Ал Џезира“.
Катарското Министерство за одбрана потврди дека воздушниот простор и територијата на Државата Катар се безбедни и дека катарските вооружени сили се во состојба на готовност, осудувајќи го иранскиот напад кој „претставува јасно кршење на суверенитетот, воздушниот простор и меѓународното право“.
Катар, како што објавија свтеските агенции, додаде дека го задржува правото директно да одговори на начин соодветен на природата и обемот на нападот и во согласност со меѓународното право, на што Советот за национална безбедност на Иран одговори дека воените операции не претставуваат „никаква закана или опасност за нашата пријателска и сестринска земја, Катар, и нејзиниот народ“.
Претходно, сирените за опасност во воздухот се вклучија во Катар, Ирак, Бахреин, а воздушниот простор беше затворен во Обединетите Арапски Емирати.