Свет
САД: Ограничувањето на цената на руската нафта веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин

Новото ограничување на цената на руската нафта, што вчера го договорија членките на Европската унија, а денеска го потврдија членките на Г7 и Австралија, веднаш ќе го прекине главниот извор на приход на Путин, сметаат САД.
Американската министерка за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето, кое вчера беше официјално одобрено од западните сојузници, дошло по месеци напорна работа.
Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за извоз на руска сурова нафта преку море. Тоа треба да стапи на сила на 5 декември или набргу по него.
„Земјите со низок и среден приход, кои беа во голема мера погодени од високите цени на енергијата и храната, особено ќе имаат корист од ова ограничување“, рече Јелен.
Таа, исто така, додаде дека тоа дополнително ќе ги ограничи финансиите на рускиот претседател Владимир Путин и ќе ги ограничи приходите што тој ги користи за финансирање на неговата брутална инвазија, истовремено избегнувајќи глобално нарушување на снабдувањето што може да доведе до скок на цените на горивото ширум светот.
„Со оглед на тоа што руската економија веќе се намалува, ограничувањето на цената веднаш ќе го прекине најважниот извор на приход на Путин“, рече Јелен.
Целта на ценовната граница, која е идеја на групата Г7, е да се намалат приходите на Русија од продажбата на нафта,
Варшава се спротивстави на предложената цена и размислуваше да ја задржи цената под нејзиното пазарно ниво. Во преговорите со ЕУ, Полска се залагаше цената да биде што е можно пониска со цел да се намали приходот на Русија и да се ограничи способноста на Москва да ја финансира војната во Украина.
Амбасадорот на Полска во ЕУ, Анджеј Садош, во петокот изјави дека земјата ја дала својата поддршка за договорот, кој вклучува механизам за задржување на ценовната граница најмалку пет отсто под нивото на пазарот. Американските власти рекоа дека станува збор за договор без преседан, што ја покажува решителноста на коалицијата да се спротивстави на руската војна.
Портпаролот на Чешка, која моментално претседава со Советот на ЕУ и ги надгледува преговорите во Унијата, по согласноста на Полска изјави дека неговата земја го почнала писмениот процес со кој сите 27 земји-членки официјално ќе го одобрат договорот.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека ограничувањето на цената значително ќе ги намали руските приходи.
„Тоа ќе ни помогне да ги стабилизираме цените на енергијата ширум светот, што ќе им користи на економиите во развој ширум светот“, напиша фон дер Лајен на Твитер, додавајќи дека ограничувањето ќе биде „прилагодливо со текот на времето“ за да одговара на развојот на пазарот.
Ограничувањето ќе им овозможи на земјите надвор од ЕУ да продолжат да увезуваат руска нафта во странство, но ќе им забрани на превозниците и осигурителните компании да ракуваат со руската нафта ширум светот, освен ако не се продава по цена под ограничувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Европската Унија ги продолжи економските санкции против Русија до 31 јули

Советот на ЕУ денеска одлучи да ги продолжи за шест месеци, до 31 јули 2023 година, санкциите насочени кон одредени сектори на руската економија.
„Тие во моментот се состојат од широк спектар на секторски мерки, вклучувајќи ограничувања на трговијата, финансиите, технологијата и стоките со двојна употреба, индустријата, транспортот и луксузните стоки. Тие исто така ја покриваат забраната за увоз или трансфер на морска сурова нафта и одредени нафтени деривати од Русија во ЕУ, де-SWIFT на неколку руски банки и суспензија на радиодифузни активности и лиценци за неколку места за дезинформации поддржани од Кремљ“, велат од ЕУ.
Овие санкции првпат беа воведени во 2014 година како одговор на руските акции во Украина, а потоа беа проширени во февруари 2022 година по руската воена агресија врз Украина.
Регион
Европската Унија бара oд Босна и Херцеговина да воведе визи за граѓаните на Русија

Европската Унија бара од Босна и Херцеговина како земја кандидат да воведе визи за граѓаните на Русија, потврдија за порталот „Радиосарајево.ба“ од Делегацијата на Европската Унија во Сараево.
Фердинанд Коениг, портпаролот на Делегацијата на ЕУ во Босна и Херцеговина, истакна дека Делегацијата на ЕУ очекува Босна и Херцеговина да ги почитува надворешната, безбедносната и визната политика на ЕУ.
„Последниот извештај објавен во октомври кажува многу за усогласувањето на надворешната политика“, додава Коениг.
Откако БиХ стана кандидат за членство во Европската Унија, прашањето за усогласување со визната политика на ЕУ доби важност и Делегацијата на ЕУ очекува тоа прашање да се најде на дневен ред.
БиХ има безвизен режим и со Турција, Азербејџан, Бахреин, Кувајт, Катар и со Оман.
Регион
Дачиќ: Ставот на Србија за француско-германскиот предлог е многу јасен и одговорен

Министерот за надворешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека официјалниот став на Србија во однос на француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање е многу јасен и одговорен. Вели дека Србија сака дијалогот да продолжи, да учествува во него и дека за сето тоа треба а сде дискутира врз основа на овој план.
Дачиќ, одговарајќи на новинарски прашања во Белград, рече дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, јасно кажал кои се црвените линии, односно што е неприфатливо за Србија, а тоа е членството на Косово во Обединетите нации.
„Ова е многу важно затоа што имав можност да ја слушнам оценката во Брисел дека Вучиќ се однесувал конструктивно и одговорно за разлика од Приштина и мислам дека е многу важно да се трудиме да ги зачуваме нашите државни и национални интереси, но и да ја зачуваме Србија од разни закани, уцени, можни санкции и сè што може да ја загрози иднината на граѓаните“, рече Дачиќ.
На прашањето што очекува од денешната посета на европратеникот Владимир Билчик на Србија, Дачиќ потсети дека за време на неговата посета на Брисел оваа недела имал можност да разговара со претставници на Европскиот парламент.
Тој изјави дека денешната посета е една од вообичаените посети на претставници на Европскиот парламент, особено на оние што ја следат состојбата во одредена земја.
„Имаме многу спорни точки со нив и Европскиот парламент е институција чии одлуки не се обврзувачки за европските тела, но во секој случај е многу важно да реагираме на сè што не е точно во нивните извештаи, но без разлика на тоа, мислам дека Србија има свој европски пат“, рече Дачиќ.
Тој денеска во Белград присуствуваше на церемонијата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавањето на холокаустот.