Свет
Саливан: Санкциите кон Русија нема да бидат само економски

Американскиот амбасадор во Москва Џон Саливан денеска изјави дека економските санкции ќе бидат само дел од одговорот на руската воена инвазија на Украина.
Тој појасни дека другите мерки ќе вклучуваат контрола на извозот и посилна одбрана на сојузниците во Европа и ќе ја спречат работата на гасоводот Северен тек 2, објави „Ројтерс“.
Тој предупреди дека големината на руската толпа на украинската граница ќе овозможи инвазијата да се случи речиси без предупредување. Саливан нагласи дека одговорот на САД на руските безбедносни гаранции вклучува контрапредлози за воени вежби и ракети во Европа.
Агенцијата Интерфакс го цитира Саливан, кој рекол дека Русија ќе се соочи со остри последици во случај на натамошна агресија против Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Мајмунски сипаници почнаа да се шират низ Европа? Пријавени случаи во Шпанија и Португалија

Случаи на мајмунска сипаница се откриени во Португалија и Шпанија, што би можело да биде првата глобална епидемија на оваа ретка болест, објавија светските медиуми.
Шест лица во Португалија биле позитивно тестирани, а состојбата на десетици од нив се контролира, соопштија денеска тамошните здравствени власти.
Шпанија следи осум лица за кои верува дека би можеле да бидат заразени, а се спроведуваат тестови за да се потврди вирусот, соопштија тамошните власти.
Најновите случаи биле регистрирани кај мажи, од кои повеќето биле млади, но се уште не е јасно како се заразиле.
Досега, случаите на мајмунска сипаница беа ограничени на патници и нивните роднини кои се враќаа од Западна и Централна Африка, каде што вирусот е ендемичен.
Но, експертите сега стравуваат дека таа за прв пат се шири во заедницата, откако на седум Британци им беше дијагностицирана болеста во последните две недели.
Шест од нив се чини дека се заразени во Велика Британија, а повеќето се неповрзани, што сугерира дека повеќе случаи остануваат неоткриени.
Д-р Сајмон Кларк, микробиолог на Универзитетот во Ридинг, изјави за „Daily Mail“ дека се сомнева дека бројот на случаи во ОК веќе е десетици лица.
Кларк инсистирал на тоа дека болеста нема да се шири како ковид, додавајќи дека ќе биде изненаден ако се регистрираат повеќе од 100 случаи.
Регионите низ Шпанија се ставени во состојба на готовност по објавувањето на осумте сомнителни случаи во Мадрид.
Се уште се чека потврда од Националниот центар за микробиологија.
Шефот на јавниот здравствен сектор во земјата, Фернандо Симон, рече дека мајмунските сипаници веројатно нема да предизвикаат значителен пренос, но тоа не може да се исклучи.
Шпанскиот здравствен систем за предупредување ги повика заедниците „итно“ да ги информираат јавните здравствени служби за пациентите со симптоми.
Регион
„Блиц“: Објавена фотографија од маицата пронајдена на телото во Дунав, иста таква имал и Периш

Тело на засега непознат млад маж е пронајдено утрово во Дунав кај Ада Хуја во Белград, јави српската агенција „Танјуг“, повикувајќи се на српското МВР, а сомнежите се дека станува збор за исчезнатиот Матеј Периш (27) од Сплит.
Телото е забележано утрово околу 9 часот и 20 минути во Дунав кај Ада Хуја, пренесе „Танјуг“, а истрагата е во тек.
Како што пишува српски „Блиц“, младиот човек чие тело е пронајдено, носел потполно иста маица како онаа што ја имал Матеј Периш.
На пронајденото тело, како што пишуваат, имало темна маица со слика на бел јагуар и жолт натпис кој се врти во круг, а пишува „Power Super Cleaner“.
Матеј Периш ја имал истата маица, а токму неа ја носи и на фотографијата која кружеше по сите медиуми кога беше пријавено неговото исчезнување во Белград.
Хрватски „Индекс“ пишува, пак, дека телото било пронајдено на осум километри од местото каде за последен пат бил виден Периш.
Српските медиуми резултатите од ДНК анализата ги најавуваат за утре.
Инаку, на телото бил пронајден и сребрен часовник на раката, додека во џебот од фармерките бил пронајден мобилен телефон, ексклузивно објави „Блиц“.
Младиот сплиќанец исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември.
Според сведоштвата, тогаш тој го напуштил клубот „Готик“ и оттогаш му се губи секоја трага.
Регион
Вучиќ: Србија ќе учествува во обновата на украинските градови

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, за време на средбата со украинскиот амбасадор Володимир Толкач рече дека Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Вучиќ изрази искрено жалење за ситуацијата во Украина и посочи дека Србија е посветена на почитување на принципите на територијален интегритет и суверенитет на државите како еден од основните принципи на меѓународното право, пренесува Н1 Србија.
Тој рече дека во таа смисла Србија го почитува територијалниот интегритет и на Украина, соопштија од кабинетот на Вучиќ.
Вучиќ истакнал дека Србија ги обезбедила најдобрите можни услови за бегалците од Украина, како и сите права и дозволи за престој и работа. Додал дека тоа го обезбедуваат правилата на земјите од ЕУ, односно дека е дури и на повисоко ниво и европската легислатива.
Српскиот претседател најавил и дека наскоро со Толкач ќе ги посети украинските бегалци во Србија, а Србија ќе учествува во обновата на градовите во Украина.
Тој повторил дека Србија, во согласност со својата доследна политика, е посветена на мирно решавање на споровите.