Свет
Саркози за Путин: Кога мавтате со црвена крпа пред носот на бик, немојте да се чудите ако тој ве нападне

Поранешниот француски претседател Никола Саркози рече дека политичарите што велат дека е невозможно да се разговара со Путин, едноставно, никогаш не го направиле тоа.
Според него, претседателот на Русија бил провоциран да ја нападне Украина.
„Кога мавтате со црвена крпа пред носот на бик, немојте да се чудите ако ве нападне, изјави поранешниот француски претседател во интервју за BFM-TV.
Тој изјави дека во руската војна против Украина веќе загинале 500.000 луѓе.
Тој исто така истакна дека Русија и рускиот лидер се агресори, а Украина е жртва, како и дека светот треба да размисли како да ја прекине војната.
Според него, постојат две опции, од кои едната е уништување на Русија.
„Но, ние нема да ја уништиме втората по големина нуклеарна сила во светот, инаку светот ризикува да се лизне во тотална војна“, рече тој.
Претходно, Саркози изјави дека Украина треба да одбие да влезе во НАТО и ЕУ и повика на мировни преговори како единствено решение за прекин на конфликтот.
Исто така, тој ги оцени намерите на Украина да го ослободи Крим како илузорни, пренесуваат медиумите во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Ужас во Јужна Африка: мажи им продавале на деца мафини со дрога, 90 завршија во болница

Двајца мажи се соочуваат со повеќе обвиненија за обид за убиство во Јужна Африка, откако околу 90 деца завршиле во болница по конзумирање на мафини со дрога.
Официјалните лица рекоа дека децата ги купиле мафините од уличен продавач на пат кон основното училиште Пуламадибого, северозападно од Преторија.
Голем број од нив се пренесени во болница поради гадење, болки во стомакот и повраќање, а три девојчиња се уште се во болница.
Двајца осомничени на возраст од 21 и 19 години се обвинети за убиство во обид.
Одделот за образование во провинцијата Гаутенг соопшти дека наставниците се јавиле на 911 кога забележале дека децата почнале да „се однесуваат чудно“ на часовите.
Во соопштението се наведува дека инцидентот предизвикал голема загриженост кај родителите за безбедноста на нивните деца.
Полицијата, која прави токсиколошки извештај за да потврди дали е користен канабис, вели дека на повеќе од 90 ученици им биле дадени мафините и имале „сериозни болки“.
Сите се препратени во околните здравствени установи, 87 се пуштени, а само три ученички се уште се во болница каде што ја добиваат потребната лекарска помош, соопшти Министерството за образование.
Полицијата ги именувала осомничените Офентсе Малулека (21) и Амукелани Ниулунга (19).
Тие вчера се појавија пред судот во Сошангуве и одреден им е притвор.
Свет
Украински генерал: Се пробивме кај клучна населба, продолжуваме да напредуваме

Украински генерал кој води контраофанзива долж јужниот фронт вели дека неговите сили се пробиле до клучната населба Вербова и предвидува уште поголем пробив.
„На левото крило, кај селото Вербове, имаме пробив и продолжуваме да напредуваме“, рече генералот Олександар Тарнавски за дописникот на „Си-Ен-Ен“ за време на синоќешното интервју. Но, тој призна дека напредувањето е побавно од очекуваното.
„Не оди толку брзо како што се очекуваше, не е како во филмовите од Втората светска војна“, рече тој. „Главната работа е да не ја изгубиме оваа иницијатива што ја имаме. Мора да го задржиме тоа што го имаме“.
Тврдењето на генералот е најновата индикација на украинските власти дека се постигнува напредок на јужниот фронт во војната со Русија. Украинските сили во последните недели тврдеа дека ја пробиле првата линија на руската одбрана во регионот Запорожје.
Службениците назначени од Русија во окупираниот дел на регионот Запорожје дадоа поинаква слика за борбите. Си-Ен-Ен не може да ги потврди извештаите на бојното поле од ниту една страна. Сепак, анализата на достапните видеа од отворени извори сугерира дека некои украински единици преминале важна линија на руската одбрана во близина на селото Вербове.
Долгорочната цел на Украина е да го пресече рускиот „копнен мост“ што ја поврзува територијата што ја држи на исток со анектираниот Крим.
На почетокот на септември, украинските сили рекоа дека го зазеле селото Роботин и дека се движат на исток кон селото Новопрокопивка.
Сепак, Тарнавски изјави за Си-Ен-Ен дека верува дека големиот пробив на контраофанзивата ќе биде доколку Украина успее да го ослободи Токмак, стратешкиот центар на руските сили, кој е прва и главна цел во нејзината борба на југот.
Си-Ен-Ен претходно оваа недела објави дека украинските сили се уште се на околу 20 километри од Токмак и се борат да пробијат повеќе слоеви на руската одбрана. Верувам дека ќе видиме голем напредок“, рече Тарнавски. „Мислам дека тоа ќе се случи по Токмак. Во моментов (Русите) се потпираат на длабочината на нивната одбранбена линија таму“.
„Постојат мали, но опасни групи на непријателски одбранбени сили кои во моментов се распоредени многу прецизно и компетентно“, рече тој. „Но, акциите на нашите борци ги принудуваат да се повлечат полека кога ќе се соочат со нашите напаѓачки одреди“.
Генералот призна дека за успех на контраофанзивата, украинските сили треба барем да стигнат до градот Токмак. „Тоа е минималната цел“, рече тој.
И покрај тоа што призна дека напредувањето не оди „брзо како што се очекува“, Тарнавски рече дека зимата нема да ја забави контраофанзивата. Обилните дождови наесен може да го навлажнат теренот во Украина и да го отежнат движењето на тешките возила како тенкови, но Тарнавски вели дека украинските сили се движат во мали групи, главно пеш.
„Времето може да биде сериозна пречка за време на напредувањето, но со оглед на тоа како напредуваме, главно без возила, мислам дека времето нема многу да влијае на контраофанзивата“, рече генералот во интервју за Си-Ен-Ен.
„Во овој момент ниту непријателот ниту ние не користиме големи формации, чети, баталјони или бригади. Користиме јуришни одреди, групи од 10 до 15 луѓе“, објасни тој.
Една од причините за бавниот напредок, рече генералот, е фактот што Русија успеа да извлече лекции од другите украински офанзиви.
„Русите учат доста брзо бидејќи немаат друг избор. Ако не научат, побрзо ќе бидат поразени“, објасни тој. „Не би рекол дека се прилагодуваат на нашите постапки, бидејќи и ние ја менуваме тактиката.
Тој рече дека Украина исто така се прилагодува на употребата на западната опрема, како и на западните тактики.
Свет
Силен земјотрес ја погоди Турција

Силен земјотрес со јачина од 4,6 степени според Рихтеровата скала ја погоди Турција.
Според податоците на EMSC, земјотресот се случил во 10:22 часот во близина на Кахраманмараш.
Земјотресот е регистриран на длабочина од седум километри, а засега нема информации за штети.