Европа
Се бара оставка од министерката, бидејќи го покани Путин на свадба

Најавеното доаѓање на рускиот претседател, Владимир Путин, на венчавката на австриската министерка за надворешни работи, Карин Кнајсел, го критикуваа пратениците на Зелените во Европскиот парламент, Мишел Рејмон, како и Украина.
Рејмон побара оставка на министерката Кнајсел бидејќи таа го поканила Путин на својата венчавка, игнорирајќи го објаснувањето дека свадбата е приватна работа и дека Путин ќе биде приватно таму.
„Тиранот никогаш не е ‘приватен’“, порача тој во изјавата за АПА.
Тој рече дека австриската влада во ЕУ се смета за „продолжена рака на рускиот режим во Унијата“ и дека министерката го загрозува угледот на земјата со повикот на шефот на руската влада.
Министерката Кнајсел носи одговорност за ова и, со цел да се избегне штетата за Австрија, веднаш треба да поднесе оставка. Ако не го стори тоа доброволно, канцеларот Себастијан Курц треба да ја предложи нејзината замена на австрискиот претседател денес, кажа тој.
Рејмон истакна дека Кнајсел е министерка за надворешни работи на земјата што моментно претседава со ЕУ и дека Унијата ѝ наметна санкции на Русија поради „политиката на агресија“ на Путин.
Рускиот претседател беше обвинет за поддршка на сирискиот „масовен убиец“ Башар ал-Асад, за нападот со отров во Обединетото Кралство и манипулација со американските избори, како и за „влијание за време на референдумот за брегзит”.
„Путин е најагресивниот надворешнополитички противник на ЕУ. Затоа, сосема е неприфатливо што Кнајсел приватно го повика Путин на забава”, вели пратеникот.
Критиката дојде и од Украина, каде што претседателката на надворешната комисија на украинскиот Парламент, Хана Хопко, напиша на „Твитер“ дека Австрија „од денес веќе не може да биде посредник во Украина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Жерар Депардје прогласен за виновен за сексуален напад

Суд во Париз го прогласи францускиот актер Жерар Депардје за виновен за сексуален напад врз две жени на филмски сет во 2021 година, во еден од најзначајните случаи на #MeToo што се појавиле пред судовите во Франција, објави Си-ен-ен.
Депардје, истакната личност во француското кино, постојано негираше каква било вина за време на судењето, а неговиот адвокат побара отфрлање на обвиненијата.
На судењето, тој изјави дека медиумите ги искористиле обвинувањата за да му го нарушат угледот. Тој го критикуваше движењето #MeToo.
„Ова движење ќе се претвори во терор“, рече тој.
Сепак, судијата Тиери Донард го сметаше објаснувањето на Депардје, за инцидентот, неубедливо.
Државното обвинителство побара од судот да му изрече условна казна затвор од 18 месеци на 76-годишниот Депардје и парична казна од 20.000 евра.
Судењето на Жерар Депардје се смета за пресвртница за француската филмска индустрија, која со години беше обвинувана дека е бавна – па дури и отпорна – на обвинувањата за злоупотреба од страна на жените.
Во извештајот на францускиот парламент објавен минатиот месец се заклучува дека сексуалното насилство и сексуалното вознемирување остануваат „ендемски“ во француската забавна индустрија и дека жените и децата сè уште се редовно изложени на предаторско однесување.
Европа
Пожар избувна во куќата на британскиот премиер, уапсен млад човек

Дваесет и едногодишен маж е уапсен под сомнение дека го запалил домот на британскиот премиер Кир Стармер во северен Лондон. Полицијата се сомнева дека пожарот бил подметнат со „намера за загрозување на животот“. Метрополитенската полиција потврди дека осомничениот е уапсен во раните утрински часови и е во притвор.
Апсењето е поврзано со три одделни пожари што се случија во северен Лондон во текот на изминатата недела: пожар на приватна адреса во Кентиш Таун, запалено возило и уште еден пожар на влезот во друга зграда.
Полицијата соопшти дека бидејќи куќата била поврзана со добро позната јавна личност, истрагата ја презел одделот за борба против тероризмот на Метрополитенската полиција. „Во тек е истрага за да се утврди што го предизвикало пожарот“, соопшти полицијата. „Сите три пожари во овој момент се третираат како сомнителни.“
Иако Кир Стармер живее на Даунинг стрит како британски премиер, тој сè уште ја одржува својата приватна адреса во северен Лондон. Влезот во куќата беше оштетен, но немаше повредени.
Еден од жителите на улицата рече дека слушнал силен тресок што звучел „како молотов коктел“.
Портпаролот на Лондонската противпожарна бригада потврди дека биле повикани поради мал пожар пред куќа во Кентиш Таун во понеделник наутро. На местото на настанот беа испратени две противпожарни возила од локалната станица.
Кабинетот на премиерот соопшти дека Стармер е благодарен на службите за итни случаи за нивниот брз одговор, но дека поради истрагата, која е сè уште активна, не може да даде дополнителни коментари.
Европа
Украина убедена дека го предвидела следниот потег на Путин: „Тоа ќе биде конечен доказ“

Неприсуството на рускиот претседател Владимир Путин на преговорите за завршување на војната во Украина во Истанбул би бил последен сигнал дека Кремљ не сака крај на конфликтот, изјави денес шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.
Шефот на канцеларијата на Володимир Зеленски на безбедносниот форум во данската престолнина изјави дека украинскиот претседател разговарал со својот турски колега Таип Ердоган еден ден претходно, кој потврдил дека Турција е подготвена да биде домаќин на преговори за завршување на војната во Украина.
Киев досега не добил „никаков одговор или потврда“ од Русија дека Путин ќе пристигне во Истанбул, но „важно е да се потврди дека Зеленски е подготвен“ да пристигне во најголемиот град во Турција, рече Јермак за време на панел-дискусија со поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Јермак всушност откри дека Украина очекува Путин да не се појави во Турција и дека ова ќе биде конечен доказ дека рускиот претседател не сака мир.
„Ако Путин одбие да дојде во Турција, тоа ќе биде последен сигнал дека не сака да ја заврши војната и дека Русија не е подготвена за преговори“, рече Украинецот.
Ако тоа се случи, „реакцијата на САД и на целиот свет мора да биде силна“, продолжи Јермак, повикувајќи на нови санкции и воена помош за Украина.
Денес во Киев, од кабинетот на Зеленски за Ројтерс појаснија дека украинскиот претседател ќе се сретне само со рускиот претседател во Турција во четврток, а не и со другите членови на руската делегација.
Началникот на кабинетот на Зеленски, Јермак, изјави дека Украина се согласила на прекин на огнот пред два месеци, за време на преговорите со посредство на САД во Џеда, Саудиска Арабија, но дека Русија е таа што го отфрла.
„Украина е подготвена за преговори – но прво примирје, а потоа ќе разговараме“, заклучи Јермак во своето видео обраќање на Copenhagen Democracy Summit.