Свет
Се чека одлуката на ЕУ: Дали ќе ја поддржи Украина на нејзиниот пат кон Унијата

Денеска Европската комисија го дава првото мислење за доделување кандидатски статус на Украина, но сите 27 земји членки мора да дадат зелено светло пред да почне долгиот преговарачки процес.
Никогаш во историјата на Европската Унија не е донесено мислење за толку кратко време од денот на кандидатурата, но преседан беше направен со руската инвазија на Украина, која влезе во четвртиот месец и е дел од пошироката поддршка на Европа за официјален Киев во отпорот на агресорот.
Париз, Берлин и Рим побараа Украина да добие официјален кандидатски статус веднаш, изјави францускиот претседател Емануел Макрон во четвртокот во Киев, каде што пристигна со германскиот канцелар Олаф Шолц и италијанскиот премиер Марио Драги.
Киев ја поднесе својата кандидатура по почетокот на руската агресија на 24 февруари, а оттогаш украинскиот претседател Володимир Зеленски не престанува да ја повикува ЕУ да докаже „дека зборовите на Брисел за припадноста на украинскиот народ кон европското семејство не се залудни“.
„Украина е подготвена да работи за да стане полноправна членка на Унијата“, рече Зеленски.
Сепак, овој процес одзема многу време и земјата кандидат треба да исполни голем број политички и економски критериуми (демократија, владеење на правото, заштита на малцинствата, одржлива пазарна економија) и да го вклучи европското право во своето законодавство.
Германскиот канцелар за време на посетата на Киев изјави дека процесот „може да потрае многу долго“, но дека е важно да им се даде надеж на Украинците“.
Шолц не сакаше да шпекулира колку долго може да потрае ова, но рече: „Вреди – и тоа е пораката“.
Украина склучи Договор за асоцијација со ЕУ, кој е во сила од септември 2017 година.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која двапати патуваше во Украина од почетокот на агресијата, призна дека властите на земјата направиле многу за да можат да се кандидираат, но сепак имаат „огромна работа пред себе, особено во борбата против корупцијата и почитувањето на владеење на правото“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Данската премиерка: Русија нема да застане кај Украина

Украина се бори за цела Европа, додека Русија не покажува знаци дека сака мир и дека ќе застане кај Украина, изјави денес данската премиерка, Мете Фредриксен во Архус.
„Мора да ја зајакнеме нашата поддршка за Украина бидејќи таа се бори за сите нас“, рече Фредриксен на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
По повод преземањето на ротирачкото претседателство, данската влада го прими Колеџот на комесари на Европската комисија во Архус, вториот по големина град во Данска.
„Ни секунда не верувам дека Путин сака мир и има намера да застане кај Украина, затоа мора да ја ставиме Украина во најсилната можна позиција“, рече Фредриксен, додавајќи дека е потребно да се продолжи со работата за слабеење на руската економија, зајакнување на санкциите и запирање на увозот на руски гас.
Претседателката на Комисијата, фон дер Лајен, изјави дека одлуката на САД делумно да ја суспендира воената помош за Украина покажува дека ЕУ мора да ја засили својата поддршка за нападнатата земја.
Фон дер Лајен ги повика земјите-членки да ја користат кредитната програма SAFE, вредна 150 милијарди евра, за воена помош за Украина, преку купување воена опрема за Украина или инвестирање во украинската одбранбена индустрија.
Данската премиерка додаде дека нејзината земја почнала да инвестира во производство на оружје и друга воена опрема на украинска територија уште порано.
„Функционира многу добро, бидејќи тие произведуваат побрзо, подобро и поевтино од сите нас“, рече Фредриксен, додавајќи дека Украинците сè уште имаат 40 проценти неискористен капацитет за производство на оружје и опрема.
Таа, исто така, оцени дека запирањето на американската помош за Киев би значело „сериозен удар за Украина, Европа и НАТО“.
(Фото: ЕПА)
Свет
Путин вели дека денес ќе разговара со Трамп

Рускиот претседател, Владимир Путин, денес изјави дека подоцна во текот на денот ќе разговара со својот американски колега Доналд Трамп.
Ова ќе биде шестиот јавно познат разговор меѓу двајцата лидери откако Трамп се врати во Белата куќа во јануари, а ќе се одржи во услови на досега неуспешни напори на Соединетите Американски Држави да преговараат за прекин на огнот во Украина.
Двајцата претседатели последен пат разговараа на 14 јуни, а главната тема на нивниот разговор беше Иран.
Европа
Украина припаѓа на Европската Унија, му рече данската премиерка на Зеленски

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пристигна во Орхус, западна Данска, каде што ќе присуствува на одбележувањето на почетокот на данското претседателство со Советот на Европската Унија.
Според најавата на данската влада, Зеленски ќе разговара со премиерката Мете Фредериксен, претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста.
Тие ќе разговараат за поголема воена поддршка за Украина, соработка со украинската одбранбена индустрија и нови санкции против Русија.
„Украина припаѓа на Европската Унија, тоа е во интерес и на Данска и на Европа. Затоа данското претседателство ќе направи сè што може за да ѝ помогне на Украина на патот кон членство во ЕУ“, рече Фредериксен.
Данската премиерка истакнува дека ЕУ мора да ја зајакне Украина и да ја ослаби Русија.
„Украина е клучна за безбедноста на Европа. Мора да го зголемиме притисокот врз Русија“, рече Фредериксен.