Свет
Симптоми кои можат да се јават по вакцинацијата со „Спутник V“
Граѓаните на Москва, кои веќе почнаа да се вакцинираат со руската вакцина против коронавирус „Спутник V“, добиваат упатства за пациенти, како и потврда за извршена имунизација, кои содржат список со симптоми, кои можат да се јават по вакцинацијата, како и совети како да постапат во секој од наведените случаи.
Во упатствата се наведува дека секој десетти човек, вакциниран со вакцината „Спутник V“, може да почувствува слабост или мачнина. Во повеќе случаи вакцинацијата добро се поднесува.
Ако се јави физичка слабост, нема причина за грижа, тоа е нормална индивидуална реакција на организамот и еден од знаците за формирање имунитет. На оние кај кои по вакцинацијата ќе се јави слабост, општ замор и мачнина, им се советува да ја намалат физичката активност и повеќе да одмораат.
Исто така се нагласува дека кај 5,7 проценти од вакцинираните, може да се јават болки во коските, грозница, главоболка или температура повисока од 37 степени.
Кај 4,7 проценти може да се јави болка, оток, чешање и црвенило на местото од вакцинацијата. По правило, лекување не е потребно, но може да се земе лек против алергија за да се намали отокот и чувството на нелагодност.
Еден и пол процент од вакцинираните пациенти може да имаат затнат нос, течење на нос или чувство на скокотливост во грлото. На нив им се советува да пијат многу течности и користат спреј за нос.
Кај помалку од 1 процент, пак, може да дојде до забрзување на пуслот или повишен крвен притисок.
Рускиот претседател, Владимир Путин, претходно побара од потпретседателката на владата, Татјана Голикова следната недела да почне масовна вакцинација против коронавирус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венс: Русите и Украинците да патуваат и да соработуваат, не да се убиваат
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека смета оти Русија и Украина треба да тргуваат и да се вклучат во културни размени наместо да војуваат. Во разговор за „Бреитбарт њуз“, Венс рече дека администрацијата на Доналд Трамп ја користи економската моќ за да поттикне завршување на конфликтите ширум светот.
Тој наведе дека Трамп работи на повеќе мировни договори и дека, според него, заслужува Нобелова награда за мир. Венс го опиша Трамп како тврд, но ненасилен и истакна дека неговиот пристап кон рускиот и украинскиот конфликт се темели на идејата за соработка наместо насилство.
Коментарите уследија по извештаите на американски медиуми за нов мировен план што наводно го одобрил претседателот Трамп.
Свет
Санкциите на САД кон „Лукоил“ и „Роснефт“ стапуваат во сила
Санкциите што ги воведоа САД врз руските нафтени гиганти Лукоил и Роснефт, објавени од Министерството за финансии во октомври, стапуваат во сила денеска.
САД ги ставија Лукоил и Роснефт, како и десетици нивни подружници, на списокот на специјално назначени лица на ОФАЦ (Канцеларија за контрола на странски средства).
Според Вашингтон, санкциите имаат за цел да го зголемат притисокот врз Кремљ поради недостатокот на сериозна посветеност на Русија кон мировниот процес во Украина.
Американскиот министер за финансии Скот Бесант изјави дека администрацијата е подготвена да преземе дополнителни чекори доколку е потребно.
Бигарските медиуми потсетуваат дека парламентот во таа земја донесе закон со кој се дозволува назначување на специјален менаџер во рафинеријата Лукоил во Бургас, со цел да се обезбеди континуитет на работата по 21 ноември. САД одобрија ослободување од одговорност за бугарските компании поврзани со Лукоил, кое важи до 29 април 2026 година, и овозможува нормално работење на рафинеријата во Бургас.
Свет
Нов напад на доселениците на Западниот Брег: уништени и запалени 150 автомобили
Израелските доселеници вчера подметнаа пожар на депонија за автомобили во окупираниот град Хувара на Западниот Брег, уништувајќи десетици автомобили. Нападот се случи откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху свика состанок за безбедност за да разговара за зголемувањето на насилството меѓу доселениците, објави Си-ен-ен.
Според сведоци и официјалната палестинска новинска агенција WAFA, доселениците упаднале во депонија за автомобили во Хувара, град во северниот дел на Западниот Брег. Мохамед Далал, сопственикот на депонијата, рече дека повеќе од десетина доселеници влегле во имотот, кршејќи возила пред да ги запалат. Иако никој не бил на местото во времето на нападот, Далал процени дека околу 150 автомобили биле уништени или оштетени.
„Имам деца на колеџ, имам внуци, имам семејство; сите зависиме од оваа депонија“, изјави Далал за Си-Ен-Ен. „Како и многу Палестинци, имам маслинки, но не можев да ги наберам моите маслинки и затоа ова е нашиот единствен извор на приход. Сè што можам да направам е да му се молам на Бога да нè обештети.“
Израелската армија потврди дека нејзините војници биле испратени во Хувара по извештаите за „израелски цивили кои фрлале камења кон палестински возила, палеле пожари и оштетувале имот“. Тие признаа дека автомобилите биле запалени во близина на населбата Јицар, позната по својата екстремистичка идеологија. Во соопштението за медиумите се наведува дека никој не е повреден во инцидентот, а војниците кои ја пребарале областа не пронашле осомничени.
Во исто време, состанокот на Нетанјаху за насилството на доселениците, кое се зголеми во последните недели, го потврдија двајца израелски претставници. Засега не е познато дали се донесени конкретни одлуки за тоа како да се спречи ескалацијата на нападите. Нетанјаху го осуди насилството во понеделник, велејќи дека го спроведува „мала, екстремистичка група“.
фото: принтскрин

