Свет
Си-ен-ен: Политиките на Трамп ги бркаат најпаметните луѓе од САД, Кина ги пречекува со раширени раце

Нуклеарен физичар од „Принстон“, машински инженер, кој работел со НАСА на производство во вселената, невробиолог од американските Национални институти за здравство, светски познати математичари и десетици експерти за вештачка интелигенција – тоа е дел од растечкиот список на научници што ги напуштаат САД и се преселуваат во кинески институции во последните месеци, пишува Си-ен-ен.
Според Си-ен-ен, најмалку 85 научници, кои работеле во САД од почетокот на минатата година, се преселиле на постојани позиции во Кина, а повеќе од половина од нив ќе го сторат тоа во 2025 година. Експертите очекуваат трендот да се забрза бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп се залага за големи намалувања на буџетите за истражување и го заострува надзорот врз странските таленти, а Пекинг инвестира повеќе во домашни иновации.
Пресврт во глобалниот одлив на мозоци
Ова е еден вид обратен одлив на мозоци, што го поставува прашањето дали САД може да продолжат да го водат светот во привлекувањето на најдобрите научници во светот – основата на нивната глобална доминација во науката и технологијата од Втората светска војна.
Влоговите се високи: трката меѓу Вашингтон и Пекинг е околу индустриите што ќе ја обликуваат иднината – вештачка интелигенција, квантно пресметување, полуспроводници, биотехнологија и воена технологија.
Администрацијата на претседателот Трамп објави драстични намалувања на федералното финансирање за истражување, ги зголеми трошоците за специјализирани работни визи, го засили надзорот врз странските студенти и научници и го користи државното финансирање како средство за притисок врз универзитетите.
Иако Конгресот се спротивставува на најрадикалните намалувања, промените веќе ги погодија американските истражувачки лаборатории и создадоа неизвесност кај научниците. Истражувачите од кинеско потекло се особено тешко погодени бидејќи кинеските студенти со децении ја сочинуваат најголемата група доктори по наука и инженерство во САД.
Кина ја зграпчува можноста
Во јули пратениците повикаа на оживување на контроверзната „Кинеска иницијатива“, која беше укината во 2022 година поради критиките дека поттикнува дискриминација против академиците родени во Кина.
Пекинг со години се обидува да ги врати научниците што отишле на Запад, а додека САД наметнуваат нови ограничувања, кинеските универзитети го гледаат тоа како подарок од Вашингтон.
„Ќе видиме многу нови, зајакнати и подобрени програми за истражување и образование во сите области во Кина“, рече Ју Сие, професор по социологија на „Принстон“, кој ги посети кинеските универзитети оваа година.
Кинеските универзитети и владини програми нудат сè повеликодушни услови – стипендии од милион долари, пристап до фондови за истражување, надоместоци за домување и семејна поддршка. На пример, Универзитетот „Вухан“ им понуди на професорите во областа на роботиката, вештачката интелигенција и сајбер-безбедноста до 3 милиони јуани (повеќе од 400.000 долари) финансирање за истражување.
Растечка научна моќ
Пекинг инвестира многу во истражување и развој. Според ОЕЦД, Кина потрошила повеќе од 780 милијарди долари за наука во 2023 година, речиси колку и САД, кои потрошиле 823 милијарди долари.
Претседателот Џјинпинг минатото лето изјави дека Кина ќе стане „силна и самодоволна нација во науката и технологијата“ до 2035 година. Резултатите се веќе видливи: вселенската програма на Кина ги врати првите примероци од другата страна на Месечината, а земјата е лидер во квантните комуникации, обновливата енергија и хиперсоничното оружје. Стартапот DeepSeek ја шокира Силциумската Долина со чет-бот, кој наводно е конкурент на моделот на „Опен ВИ“, но со многу помала цена.
Сепак, Кина заостанува зад САД. Експертите предупредуваат дека забавувањето на економијата на Кина и строгата контрола на Комунистичката партија врз универзитетите и индустријата ја ограничуваат слободата на истражување. Квалитетот на животот и политичката средина исто така играат улога во тоа што научниците одлучуваат каде да работат и да ги одгледуваат своите семејства.
Податоците покажуваат дека повеќе од 83 % од кинеските доктори по наука и инженерство, кои студирале во САД помеѓу 2017 и 2019 година, останале во земјата во 2023 година.
„Кратковидни политики“
Некои научници, кои се вратиле во Кина, како што се математичарот Јау Шинг-тунг и хемичарот Лу Вујуан, рекоа дека иако американските ограничувања можеби ги забрзале нивните одлуки, постојат и предизвици во приспособувањето кон поинаков систем на финансирање и академска култура.
Многумина нагласуваат дека науката не познава граници и дека меѓународната соработка е од корист за целото човештво. Но, во сè понапната атмосфера на соперништво меѓу САД и Кина, дури и тој избор доби политичка димензија.
„Без сомнение, кратковидните политики на сегашната администрација ја задушија меѓусебно корисната соработка меѓу американските и кинеските научници“, рече Лу, кој се пресели во Фудан во Шангај по две децении на Универзитетот во Мериленд.
„Иронијата е во тоа што штетата нанесена на САД е веројатно многу поголема отколку на Кина бидејќи Кина бргу и самоуверено се издига за да стане научна и технолошка суперсила“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Ја потценивме Русија

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека не исклучува никакви опции доколку руските борбени авиони влезат во европскиот воздушен простор.
„Во согласност со доктрината за стратешка двосмисленост, можам да ви кажам дека ништо не е исклучено“, рече Макрон во интервју за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, одговарајќи на прашање дали би поддржал соборување на руски борбен авион доколку влезе во европскиот воздушен простор без дозвола.
Макрон истакна дека ја потцениле Русија. Тој тврдеше дека Русија е најголемата структурна закана за Европејците, наведувајќи мешање во изборните кампањи, кибернапади, атентати на противници и ширење лажни информации.
„Постои француски нуклеарен чадор“
„Наивни сме ако не препознаеме дека тајната армија на Русија се шири во нашите демократии. Таа се состои од оние мали анонимни воини што ги нарекуваме дигитални ботови. Тие ја манипулираат демократијата во Франција, Германија и низ цела Европа“, предупреди тој.
Кога беше прашан за предлогот на Европската комисија да се користат замрзнати руски средства како колатерал за исплати на воени репарации на Украина, Макрон повтори дека средствата не можат едноставно да се конфискуваат, бидејќи тоа би го прекршило меѓународното право.
Макрон, исто така, потврди дека ќе одржи говор на почетокот на следната година за француската нуклеарна доктрина, која моментално се ажурира.
„Францускиот нуклеарен чадор постои. Моментално работам на ажурирање на нашата доктрина и сакам да продолжам со продлабочување на нашиот стратешки дијалог со Европејците кои сакаат да учествуваат“, рече тој.
Фото: принтскрин
Свет
Британскиот министер до Маск: Губи се од нашата политика и од нашата земја

Британскиот министер за енергетика Ед Милибанд вербално го нападна Елон Маск.
„Постои глобална мрежа која сака да ги уништи врските што ги поврзуваат нашите заедници и нашиот начин на живот“, рече Милибанд на конференцијата на Лабуристичката партија во Ливерпул. Тој тврди дека Маск е голем дел од оваа закана.
„Можам да ја сумирам заканата за вас во два збора: Елон Маск. Тој поттикнува насилство на нашите улици. Тој повикува на соборување на нашата избрана влада. Тој овозможува дезинформации преку X. Тој мисли дека може да ни каже како да ја водиме Британија“, нагласи Милибанд.
„Имаме порака за Елон Маск: губи се од нашата политика и од нашата земја“, рече тој.
Маск ја критикуваше британската влада преку својата социјална мрежа, дури и повика на соборување на премиерот Кир Стармер, според написите во медиумите.
Фото: принтскрин
Свет
Странските лекари потребни во Германија: наскоро олеснување при вработување преку побрзо признавање на дипломите

Лекарите од странство, кои на Германија итно ѝ се потребни, наскоро, како што е планирано, ќе можат полесно да се вработат. Владата го усвои предлог-законот на министерката за здравство, Нина Варкен, кој треба да овозможи побрзо признавање на дипломите, пренесуваат медиумите во регионот.
За да се обезбеди здравствена заштита, покрај атрактивните услови за образование во Германија, потребни се и квалификувани експерти од странство, рече Варкен.
Постапките за тоа, додаде таа, треба да бидат униформни и дигитализирани.
Олеснувањата важат и за стоматолозите, фармацевтите, како и за акушерките, според министерството.
Варкен изјави дека побрзото признавање на дипломите не смее да биде на штета на високите стандарди за безбедност на пациентите и квалитетот на здравствената заштита.
Законот сè уште треба да биде одобрен од парламентот.
На крајот од минатата година имало 68.000 вработени странски лекари кои немаат германско државјанство, што е рекорд, според статистиката на Федералната лекарска комора.
Тоа е за 6,8 проценти повеќе отколку во 2023 година, анализираат медиумите.
Уделот на странски лекари се зголеми повеќе од двојно во последните 10 години. Вкупно, повеќе од 15 проценти од сите вработени лекари имаат странски пасоши, според написите.
Фото: принтскрин