Свет
Складиште за нафта во Русија погодено од дрон, воздушниот сообраќај над Москва затворен

Русија објави дека спречила координиран украински напад на Крим рано утринава, украинските беспилотни летала исто така ја нападнале Москва, што го наруши воздушниот сообраќај во главниот град, а напад со дрон предизвика пожар во складиште за нафта во југозападниот дел на земјата.
Во последните денови, Украина започна серија напади врз руски воени цели во окупираниот Крим и врз Црноморската флота на руската морнарица, со цел да ги поткопа воените напори на Москва во тој клучен регион.
Нападите длабоко во територијата на Русија, далеку од првите линии на фронтот, исто така се зголемени, при што градоначалникот на Москва изјави дека најмалку два дрона биле соборени во регионот на главниот град рано утринава.
Во московската област, едно беспилотно летало е уништено над областа Истра, а друго над областа Раменски, објави на Телеграм градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин, додавајќи дека нема жртви или штета од остатоците од дронот.
Најмалку 30 летови беа одложени, а шест откажани на главните аеродроми во Москва, објавија руските државни новински агенции, што е вообичаен потег на воздухопловните власти за време на напади со беспилотни летала.
Во југозападна Русија, украинско беспилотно летало оштети складиште за нафта рано утрово, предизвикувајќи пожар во резервоарот за гориво кој подоцна беше изгаснат, изјави регионалниот гувернер. „Нема жртви, сите служби за итни случаи работат во реонот на објектот“, изјави на Телеграм гувернерот на регионот Орјол, Андреј Кличков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Претседателот на Замбија се надева дека заробените рудари се уште се живи

Претседателот на Замбија, Хакаинде Хичилема изјави дека се надева дека најмалку 25 рудари заробени пред четири дена од лизгање на земјиштето во отворен рудник за бакар се уште се живи, додека операцијата за спасување продолжува.
Рударите во рудникот Шесели во Чингола, на околу 400 километри северозападно од Лусака, останаа заробени на три локации откако обилните дождови ја поплавија јамата, соопшти владата.
Рудникот претходно беше во сопственост на рудниците за бакар Конкола на Веданта (KCM), но сега е во рацете на локална компанија која допрва треба да започне со рударство во очекување на безбедносни и еколошки одобренија, пренесува Ројтерс.
Свет
Путин утре патува надвор од Русија, ќе биде отсутен само 24 часа

Рускиот претседател Владимир Путин планира утре да ги посети Обединетите Арапски Емирати и Саудиска Арабија, изјави неговиот портпарол, без да ги потврди гласините за можна посета на климатската конференција COP28 во Дубаи.
Еден ден подоцна, во четврток, Путин ќе биде домаќин на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во Москва, објави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Патувањето ќе трае само 24 часа“, изјави Песков за руската новинска агенција „Интерфакс“.
Работните посети на двете земји ќе бидат фокусирани на билатералните односи, но секако ќе се разговара и за натамошната координација на пазарот на нафта, додаде Песков.
Свет
Автобус во Германија удрил во плуг за чистење снег и излетал од патот, едно дете загина

Десетгодишен ученик загина, а 13 лица се повредени, од кои неколку потешко, во сообраќајна незгода во Саксонија во близина на границата со Чешка, кога автобусот излета од патот.
Како што информираа од полицијата во Сехматал на Ерзгебирге на истокот на Германија, до несреќата дошло кога автобус со ученици удрил во плуг за снег, по што возачот на автобусот изгубил контрола над возилото и излетал од патот, по што удрил во дрво.
На лице место загина 10-годишен ученик, а 13 лица се повредени. Возачот на автобусот и еден човек се тешко повредени. На децата од автобусот покрај лекарска помош им била укажана и психолошка помош. Според полицијата, патот по кој се движел автобусот е делумно покриен со мраз.
Јужните и југоисточните делови на Германија веќе неколку дена се зафатени од екстремни зимски услови со ниски температури и обилни снежни врнежи. Поради снегот и мразот, отежнат е железничкиот и авиосообраќајот, а аеродромот во Минхен привремено ги прекина сите летови поради замрзнатиот дожд.